Дождомер
Дождомер или плувиометар — уред или мерен инструмент за мерење на количината на врнежи. Се состои од надворешен цилиндричен сад, инка и внатрешен сад (собирница). Надворешниот сад има точно одреден отвор на горната страна (обично 200 см2). Дождовницата собрана во внатрешниот сад се прелива и се мери во мензура (со поделба на милиметри висина на врнежи). Снегот треба да се стопи пред мерењето. Мерењето се врши секој ден во 7 часот наутро, на метеоролошките станици и на секои 6 часа. На непристапни планини и ненаселени места се поставуваат тотализатори, големи мерачи на дожд кои собираат врнежи во подолг период (обично 6 месеци или една година) и кои содржат хемикалии за да се спречи испарувањето. Записните уреди за дожд, плувиографи, континуирано ја снимаат количината на врнежи на валјак што се врти со саатен механизам, за да може да се одреди времето на појава на врнежите и неговата јачина (интензитет). Уредите за снимање на снежните врнежи се нарекуваат нифографи.[1]
Облаци и врнежи
уредиАко во некој дел од Земјината атмосфера кој е заситен со влага температурата паѓа, водената пареа ќе се кондензира и ќе создаде капки вода. Ако овие капки се створаат блиску до тлото, ќе се појави магла, а ако се створаат на поголема надморска височина, ќе се содадат облаци. Облаците исто така се создаваат на тој начин што топлиот воздух, како специфично полесен, се крева нагоре, каде што температурата е пониска. Доколку овој воздух содржи голема количина на влага, поради ладењето ќе се кондензира, а со тоа ќе се создадат облаци. Прашината и чадот во воздухот придонесуваат за создавање на магла. Прашината и честичките чад создаваат јадра на кондензација на водена пареа што се оладила под росиштетот. Во зима, односно на високите планини, кога температурата е многу ниска, капките вода замрзнуваат во ситни кристали, кои создаваат снег.
Дождот се состои од големи капки вода. За да падне дожд од облаците, мора од ситните капкички да се создадат поголеми, бидејќи малите капкички паѓаат полека, па по пат испаруваат. Во лето, поради брзото и големо загревање, воздухот со висока содржина на влага се крева, каде што се лади под 0 °C. Бидејќи воздухот содржи повеќе влага во лето отколку во зима, при ладењето ќе се создадат големи кристали или мраз, кој паѓа како град на Земјата. Земјината површина губи ноќе преку топлинско зрачење голем дел од топлината што ја добила во текот на денот преку Сончевата светлина. Заради ова доаѓа до ладење на воздухот, а со тоа и кондензација на вишокот на влага во вид на капки на површината на Земјата. Тоа е роса. Во зима, од истата причина, се случува ладење под 0 °C, а со тоа и замрзнување на росата во облик на игли, што се нарекува слана.
Сите горенаведени метеоролошки појави, односно дожд, снег, град, роса и слана, кои настануваат поради кондензација на водена пареа во воздухот, се нарекуваат врнежи. Количеството на врнежи се мери со висината на водениот слој во милиметри на квадратен метар (мм/м2), што водата од врнежите би ја создала доколку остане на земја без да испарува или да истекува во земјата. На пример, ако се каже дека во текот на 24 часа на некое место, количината на врнежи е 2 мм, тоа значи дека наврнало толку многу што на секој м2 паднале 2 литри вода. Имено, слој вода со висина од 1 мм на површина од 1 м2 одговара на количина на вода од 1 литар, односно 1 дм3. Сувите области имаат помалку од 500 мм врнежи годишно. За мерење на количините врнежи служи мерниот инструмент дождомер или плувиометар.[2]