Детство (филм)
Детство (англиски: Boyhood) е американски филм од 2014 година, во режија на Ричард Линклејтер (Richard Linklater), кој е автор на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Итан Хоук (Ethan Hawke), Патриша Аркет (Patricia Arquette), Елар Колтрејн (Ellar Coltrane) и Лорелеи Линклејтер (Lorelei Linklater). Филмот трае 165 минути, а интересно е тоа што бил сниман во текот на 12 години, и тоа со истите глумци, кои навистина растат поред камерата. Филмот бил премиерно прикажан на 19 јануари 2014 година на филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance Film Festival). Филмот е снимен во продукција на IFC Productions и Detour Filmproduction, а продуценти биле: Ричард Линклатер, Кетлин Садерленд (Cathleen Sutherland), Џонатан Серинг (Jonathan Sehring) и Џон Слос (John Sloss). Кинематографијата е дело на Ли Дениел (Lee Daniel) и Шејн Ф. Кели (Shane F. Kelly), додека монтажата ја направила Сандра Адер (Sandra Adair). Филмот бил прикажан на повеќе филмски фестивали, на кои освоил 10 награди и имал 5 номинации, меѓу кои и: „Златна мечка“ на Филмскиот фестивал во Берлин, во 2014 година; наградите за најдобар филм, најдобар режисер и најдобра глумица на меѓународниот филмски фестивал во Сиетл.[1][2] На 87. доделување на наградите „Оскар“, филмот бил номиниран во шест категории, меѓу кои и оние за најдобар филм, најдобра режија, најдобра споредна машка улога и најдобра споредна женска улога.[3] Сепак, филмот успеал да освои само еден „Оскар“ за најдобра споредна глумица (Патриша Аркет).[4]
Содржина
уредиФилмот го прикажува растењето на момчето Мејсон (деби улога на Колтрејн), од неговата претшколска возраст до матурата, како и животот на неговот најблиско семејство. Неговите родители се разведени и тој и сестра му Саманта (ја игра Лорелеи Линклатер) одвреме-навреме се дружат со таткото (го игра Хоук), кој е неконвенционален тип, љубител на рок музиката. Кога мајката одлучува да ги продолжи студиите, семејството мора да се сели во друг град, со што Мејсон и Саманта се принудени да се разделат од другарчињата. По преселбата, нивната мајка се мажи за еден универзитетски професор и така тие се селат во неговата куќа, каде што тој живее со своите две деца од претходниот брак. Меѓутоа, по одредено време, професорот го покажува своето вистинско лице на алкохоличар која ги малтретира најблиските и поради тоа, тие повторно се селат.
Во меѓувреме, децата навлегуваат во адолесценската возраст и се соочуваат со првите дилеми и трауми. Саманта се запишува на факултет, а Мејсон се вљубува, почнува да пуши и да пие, а мајка им се мажи по третпат. Истовремено, нивниот татко се преженува и добива син со новата жена. Најпосле, доаѓа денот кога Мејсон се запишува на факултет, а неговата девојка го остава поради друго момче. Мејсон е разочаран и се прашува за смислата на животот, но кога се вселува во студентскиот дом, тој запознава нова девојка.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 39.
- ↑ IMDB, Boyhood (2014) (пристапено на 22.11.2014)
- ↑ „Главната трка за „Оскарите“ меѓу Човекот-птица и Детство“, Утрински весник, година XVI, број 4716, сабота-недела, 21-22 февруари 2015, стр. 15.
- ↑ „Триумф за „Човекот-птица“ со четири оскари“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 14.