Демон (поема на Лермонтов)
Демон - поема на рускиот поет Михаил Лермонтов. Поемата била претежно напишана во 1838 година, конечната форма ја добила во 1841 година, а била објавена во 1856 година.
Содржина
уредиПоемата се состои од два дела при што во секој дел има по 16 пеења:[1]
- Прв дел: Над земјата лета Демонот кој се сеќава на среќното минато. Тој пролетува над Кавказ, а потоа над долините во Грузија кои ги набљудува со презир и со злоба. Таму, кнезот Гудал прави свадба за својата ќерка Тамара. Демонот ја гледа Тамара како танцува и чувствува необичен немир и во него се буди старото чувство. По свадбата, зетот ја носи невестата дома, но неговиот караван го напаѓаат разбојници. Притоа, зетот е смртно ранет и тој умира токму во мигот кога пристигнува дома. Тамара го жали мртвиот сопруг, но тогаш во себе слуша непознат глас, кој ѝ кажува дека не треба да тагува. Скршена од болка, таа заспива дури изутрината, а над нејзината глава бдее Демонот.[2]
- Втор дел: Тамара дава завет дека нема да се премажи и заминува во манастир. Но, ниту таму, таа не може да најде спокој, зашто Демонот постојано ѝ се појавува во сонот, будејќи во неа силна страст. Воден од љубовта кон неа, Демонот пристигнува во манастирот, но Тамара ја чува еден ангел. Демонот го брка ангелот, велејќи дека Тамара му припаѓа нему. Потоа, тој започнува разговор со Тамара, кажувајќи ѝ дека претходно вечно скитал низ светот без никаква цел и ветувајќи ѝ вечна љубов. Тамара го заколнува да ја каже вистината, а потоа Демонот ја бакнува и во тој миг ѝ го зема животот. Ноќниот чувар го слуша бакнежот, а потоа и силен крик. По нејзината смрт, кнезот Гудал го зема телото на својата ќерка и ја закопува на падините на Кавказ. Додека ангелот ја носи душата на Тамара во рајот, него го пресретнува Демонот, кој ја бара Тамара за себе, но ангелот не му ја дава нејзината душа.[3]
Осврт кон делото
уредиПрестојот на Кавказ извршил големо влијание врз творештвото на Лермонтов, инспирирајќи го авторот за многу лирски песни, за поемите „Демон“ и „Мцири“, како и за романот „Јунакот на нашето време“. Карактеристичната лермонтовска тема на демоните е присутна уште во неговите први поетски скици направени во младоста, во 1829 година, кога тој имал само 15 години. Младинските верзии на поемата „Демон“ се засновани врз апстрактната борба меѓу ангелите и демоните во духот на романтизмот, додека по враќањето од Кавказ, поемата ја добила својата крајна форма, а во последните две години од животот Лермонтов направил некои ситни промени во поемата. Благодарение на мисловниот и поетскиот сјај, како и звучноста на стиховите, поемата „Демон“ се вбројува во најголемите достигнувања на светската поезија.[4]
Наводи
уреди- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 135-179.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 137-151.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 153-179.
- ↑ Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 160.