Мцири (Мцыри) - поема на рускиот поет Михаил Лермонтов, напишана во 1839, а објавена во 1840 година. На грузиски, името на поемата значи „Искушеник“.

Првата страна од поемата во ракопис

Содржина

уреди

Поемата се состои од 26 пеења, а дејството се одвива во еден манастир во Грузија. Еден руски генерал патувал за Тифлис, заедно со своето слугинче, шестгодишно дете. Детето било многу болно и генералот го оставил во манастирот, каде за него се грижел еден стар калуѓер. Детето пораснало и кога требало да стане калуѓер, тоа избегало од манастирот. По него била испратена потера, која го пронашла по што исцрпеното момче му се исповедало на монахот: Момчето избегало зашто посакало да го види родниот крај; бегајќи низ шумата, тоа стигнало до еден поток, каде видело преубава девојка; сепак, тоа продолжило да бега низ шумата и на една ливада го пресретнал пантер; момчето започнало борба со пантерот и го убило; потоа, тоа го продолжило патувањето и стигнало во близината на манастирот од кое побегнало, каде што се онесвестило. Во својата исповед, момчето жалело поради тоа што не успеало да го види родниот крај и замолило, непосредно пред смртта, да го положат во градината за да го гледа Кавказ.[1]

Осврт кон делото

уреди

Пред да ја добие крајната форма, поемата „Мцири“ поминала низ повеќе етапи. Нејзините корени може да се следат од поемата „Исповед“ (1830) чие дејство се одвива во еден католички манастир во Шпанија и поемата „Болјарот Орша“ (1836) чие дејство е сместено во 16 век, за време на владеењето на Иван Грозни. За време на престојот во Кавказ, Лермонтов ја добил крајната замисла за поемата „Мцири“, заснована врз вистинита приказна. Во неа се зборува за едно болно момче заробено во еден грузиски манастир од којшто постојано се обидува да побегне. Притоа, момчето не се помирува со загубата на слободата ниту по конечниот неуспех на неговите обиди за бегство. Поемата се одликува со идеален спој на силен протест и најсуптилна поетска емоција.[2] Лирскиот јунак на „Мцири“ е типичен романтичарски бунтовник, кој русоовски ја бара слободата надвор од општеството, во исконската и архаична невиност на природата.[3]

Наводи

уреди
  1. Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 105-133.
  2. Dušanka Perović, „O Ljermontovu“, во: M. Ljermontov, Junak našeg doba. Beograd: Rad, 1962, стр. 160-161.
  3. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје: Три, 2016, стр. 232.