Да пошараме до Пожаране

велосипедски настан

Да пошараме до Пожаране (стилизиран натпис:Да поШАРаме до Пожаране) — е планинарско-велосипедски и туристички настан кој се одржува во селото Пожаране со цел за запознавање и уживање во природните и културно-историските убавини на селото Пожаране и Шар Планина.

Да поШАРаме до Пожаране
За трката
Датумпочеток на октомври
РегионПожаране, Шар Планина
Дисциплинапланинарење, планински велосипедизам
Видеднодневен настан
ОрганизаторМесна заедница Пожаране, ПД „Бистра“ од Гостивар, ВК „Адреналин“ од Гостивар, ПД „Трансферзалец“ од Скопје
Историја
Прво одржување2015
Одржувања1 (2015)

Организација

уреди

Планинарско - велосипедскиот хепенинг е во организација и на иницијатива на месната заедница од селото Пожаране во соработка со ПД „Трансверзалец" од Скопје, како и со ПД „Бистра" – Гостивар, ВК „Адреналин" – Гостивар и здружението „Единствена Македонија"[1]. Главната цел на организаторите е запознавање и уживање во природните убавини на Шар Планина како и промоција на селото Пожаране со своите природни и културно-историски знаменитости како поволно и значајно туристичко одредиште.

Програма и понуда

уреди

По завршувањето на спортско-рекреативниот дел програмата на настанот вклучува и музичка забава и пикник со прочуеното тавче-гравче од с.Пожаране од 16 до 19 час. Локација - дворот на селската задруга

Тури

уреди

Настанот вклучува две планинарски и две велосипедски тури.

Планинарење

уреди

Во рамките на планинарските тури првата вклучува искачување на врвовите Голема (2582 м.н.в.) и Мала Враца (2536 м.н.в), а помалата тура предвидува прошетка околу селото и шумата со костени до археолошкото наоѓалиште Долна Локва (1380 м.н.в.). Поголемата планинарска тура започнува од водостанот „Маздрача“ на хидросистемот Шарски води на околу 1320 метри од каде по доста стрмна патека низ букова шума навлегува во долината при изворишниот дел на реката Маздрача каде што се двои на два правци: еден кон врвот Голема Враца и еден кон врвот Мала Враца коишто по нивното искачување при слегувањето за враќање повторно се спојуваат кај Горното Врачанско Езеро од каде по долината се враќаат назад. Искачувањето стартува во 8.30ч, и трае 5 часа додека слегувањето е 4 ч, при што искачувањето е по навистина тешка и напорна патека. Помалата тура е всушност прошетка низ самото село Пожаране и неговата околина, која започнува од задружниот дом, минува низ Долното Маало и маалата Бучковци и Јанковци каде ги посетува старите куќи со препознатлива архитектура, од каде продолжува низ густата костенова гора на падината на Шар Планина која што е најголемиот непрекинат костенов шумски појас во Европа, од каде се искачува до месноста Долна Локва каде што се наоѓа археолошко наоѓалиште на палеонтолошки фосилни коски и слегувајќи крај црквата „Свети Климент Охридски“ завршува во главната селска црква „Свети Никола“.

Велосипедизам

уреди

Велосипедските тури опфаќаат возење по трасата „Шарски Води“ од Попова Шапка до Пожаране во должина од 55 км и возење од Гостивар преку селото Долно Јеловце до Пожаране во должина од 35 км. Стартот на подолгата велосипедска тура во 8.30ч од планинарски Дом Смрека на Попова Шапка (1800мнв), а рутата е на релација Попова Шапка - Шарски води – с.Пожаране (900мнв) со должина од околу 55км со 300м висинска разлика искачување и 1200м во слегување, при што активно се вози околу 6 часа. Втората велосипедска тура започнува во 8.30ч од центарот на Гостивар, а рутата е на релација Гостивар (510мнв) – с. Долно Јеловце (1.050мнв) - Шарски води - с. Пожаране (900мнв) со должина од околу 35км со 600м искачување и 300м слегување, при што активно се вози околу 6 часа.

Посетеност

уреди
2015

Првото издание на оваа манифестација се одржало на 4 октомври 2015 година, кога присуствувале стотина посетители[2]. Стотина планинари од Гостивар, Скопје и Тетово ги освоиле врвовите Голема и Мала Враца, додека за триесетина посетители се организирала и прошетка околу селото Пожаране со посета на археолошкото наоѓалиште Долна Локва, густата шарска костенова шума која е најголема во Европа, а се одржала и велосипедска тура од Гостивар преку Вруток, Горно и Долно Јеловце, па сè до Пожаране[2].

Наводи

уреди
  1. „Планинарски хепенинг „Да поШАРаме до Пожаране". Скопје: СИТЕЛ Телевизија. 4 октомври 2015. Посетено на 2 март 2016.
  2. 2,0 2,1 Димитриоски, Зоран (5 октомври 2015). „Манифестацијата „Да пошараме до Пожаране" привлече стотина планинари“. Тетово: МЕТА. Посетено на 2 март 2016.