Грабежот на Третиот Рајх (филм)
„Грабежот на Третиот Рајх“ (српски: Пљачка Трећег рајха) - српски филм од 2004 година, во режија на Здравко Шотра. Главните улоги ги играат: Драган Николиќ, Никола Ѓуричко, Катарина Радивоевиќ, Катарина Жутиќ, Војин Ѓетковиќ и Исидора Миниќ.[1] [2]
Содржина
уредиДејството на филмот се случува во 1941 година, за време на Хитлеровиот освојувачки поход низ Европа. Во Белград пристигаат најдобрите крадци и фалсификатори меѓу кои се и Главоња (го игра Николиќ) и Калауз (го игра Ѓуричко), кои ги бара полицијата ширум Европа. Главоња е интелигентен и полиглот така што се чувствува навреден кога го нарекуваат крадец. Исто така, тој е подготвен на големи потфати и има развиена самосвест за својата вештина. Калауз е сосема спротивен карактер: тој е алчен за сè што ќе види, често се нафаќа на ситни попатни кражби, а неговиот соработник го смета за глупав. Токму Калауз е виновен поради тоа што тој и Главоња се уапсени веќе за време на нивната прва кражба во Белград. Бидејќи себеси се сметаат за елита меѓу затворениците, тие не можат да ја јадат затворската храна и се послужуваат со храната наменета за офицерите поради што завршуваат во самица. По окупацијата на Белград, германските офицери се населуваат во најубавите вили во градот, а меѓу нив се наоѓа и еден полковник со неговата убава млада жена. Бидејќи не знае како да го отвори сефот што го затекнал во вилата, полковникот наредува да му ги доведат Главоња и Калауз. Така, тие ја користат можноста и успеваат да избегаат. Со помош на своите пријатели, набавуваат германски документи во кои стои дека му се роднини на Хитлер и дека се големи јунаци на Третиот рајх. Така, тие заминуваат за Берлин, сметајќи дека таму ќе имаат најдобри прилики за крадење. Користејќи ги лажните документи, тие стануваат дел од берлинската елита и извршуваат неколку успешни кражби и повторно се затворени, но не за долго време. Најпосле, тие планираат да го изведат најголемиот грабеж во Третиот Рајх.[3]