Готфрид Келер (германски: Gottfried Keller, 19 јули 1819, Цирих, Швајцарија - 15 јули 1890, Цирих, Швајцарија) - швајцарски писател.

Животопис

уреди

Татко му на Келер бил занаетчија, но умрел рано, така што Готфрид, оставен на грижата на мајка му, не напредувал добро во животот. Така, на петнаесетгодишна возраст, тој бил избркан од училиштето поради проблемите што ги правел. Оттогаш, Келер живеел несреден живот, без некое посебно занимање, се мачел во сиромаштија, а сепак многу трошел (живеел на товар на својата мајка), скитал низ Германија, често гладувал, учел сликарство кое го напуштил, итн. Дури по објавувањето на неговата прва поетска збирка, тој добил државна стипендија и поминал неколку години на студии во Хајделберг и подоцна во Берлин. Сепак, дури и по враќањето од студиите во Цирих, Келер продолжил да живее по старо, а потоа, наеднаш, во 1861 година бил поставен за прв државен писар во Цирих. На ова место тој поминал 15 години при што се покажал како вреден и одговорен службеник, но потоа ја напуштил административната работа и станал професионален писател.[1]

Творештво

уреди

Келер стапнал на книжевната сцена во 1846 година со својата прва поетска збирка со која го привлекол вниманието на некои книжевни кругови. Сепак, посериозно почнал да се занимава со книжевна дејност за време на студиите, кога ја објавил и втората збирка поезија, која имала далеку поголема уметничка вредност. Исто така, во овој период ги објавил првата верзија на својот автобиографски романЗелениот Хајнрих“ (1854), првиот дел на збирката раскази „Луѓето од Селдвила“ (1856), како и малата збирка „Седум легенди“. За време на студиите, Келер бил под големо влијание на материјалистичката философија на Лудвиг Фојербах која му овозможила да развие критички поглед кон стварноста. Сепак, неговата книжевна кариера се развивала бавно и мачно. Првата верзија на „Зелениот Хајнрих“ ја завршил со многу тешкотии, колебање и внатрешно незадоволство, а делото го објавил само поради обврската кон издавачот од кого претходно зел одреден износ пари на заем. Затоа, подоцна, тој го откупил речиси целото прво издание на романот, го запалил и ја напишал втората, дефинитивна верзија.[2]

По прифаќањето на службеничката работа во 1861 година, Келер направил голема пауза во пишувањето, а по 15 години дал отказ во работата и целосно му се посветил на пишувањето. Уште кога сè уште бил службеник, тој ја објавил збирката „Седум легенди“ (1872), две години подоцна и вториот дел од збирката „Луѓето од Селдвила“. Во 1880 година се појавила втората, преработена верзија на „Зелениот Хајнрих“, а следната година ја објавил збирката новели на тема љубов, „Епиграм“. Најпосле, во 1886 година го објавил последниот роман „Мартин Саландер“, а покрај тоа се занимавал и со поезија.[3]

Келер е реалист во целост, а реалноста за него има повисоко, корективно значење. Меѓутоа, ликовите кои ги става во реалноста се живи, потполни, нефатливи ликови направени од свест, сонови и инстинкти. Оттаму произлегува неговата најважна особина - неговото раскажување е смеса на реалното и речиси фантастичното.[4] Во неговите дела најчесто се појавуваат вистински швајцарски селани и граѓани од неговото време кои се опишани со малку груба предметност, со типично германска педантерија и детаљност, како и со оригинален јазик. Меѓутоа, благодарение на неговиот уметнички зафат и обликувањето на внатрешниот и надворешниот живот, неговите ликови ги надминуваат локалните граници. Она што им дава општа важност на ликовите од неговите дела е нужноста за нивното приспособување кон надворешните сили од стварноста, менувањето на ликовите, но и начинот на нивното менување - личниот пораз. Со други зборови, според Келер, личниот пораз е средство за внатрешно менување на човекот; ако тој го совлада личниот пораз, тоа има благотворно дејство врз човечката природа, т.е. поразите што ги доживуваме во светот и од светот го менуваат дури и карактерот.[5]

Келер е најголемиот претставник на реализмот во германската книжевност. Меѓутоа, наспроти неговата популарност кај публиката, тој се издвојува како осамена појава во германската книжевност која не се надоврзала на неговото дело, туку продолжила да се развива независно од него.[6]

Наводи

уреди
  1. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 158-162
  2. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 159.
  3. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 161.
  4. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-162.
  5. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 160-161.
  6. B. P., „Beleška o piscu“, во: Gotfrid Keler, Ljudi iz Seldvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 158.