Говрлево (археолошки наоѓалишта)

  • Градиште — утврдена населба од римското и доцноантичкото време и старохристијанска базилика. На околу 600 м северно од селото се наоѓа мало ритче со зарамнето плато на врвот големо околу 2 хектара, на кое се гледаат остатоци од бедем граден од кршен камен и варов малтер. На површината има фрагменти од садова и градежна керамика, питоси, а биле наоѓани и монети. Мермерни блокови се пренесени во селските цркви во Говрлево и Барово. На југоисточната тераса има темели од голема базилика и непосредно до неа темели од цистерна.
  • Манастириште — средновековна населба и некропола. Југоисточно од селото, во правецот на селото Осинчани, при обработувањето на нивите се откриени остатоци од ѕидови и камени плочи од гробни конструкции. По површината се среќава множество градежен материјал.
  • Св. Илија — средновековна црква. Североисточно од селото, на ритчето Илино Брдо, пошумено со дабови дрвја, пред 60 години е подигната црквата Св. Илија, и тоа врз темели од постар сакрален објект.
  • Церјенаселба од неолитското време. Се наоѓа на 2 км југоисточно од селото, помеѓу Чифличка Река од исток и Церешка Река од запад. Населбата е случајно откриена во 1981 година, а од 1982 година започнуваат систематски ископувања. Во длабокиот културен слој е констатирана повеќеслојна населба со шест хоризонти на живеење. Најстариот хоризонт (I) е од времето на раниот неолит, паралелен на Анзабегово-Вршник I, хоризонтите II-IV се од средниот неолит, паралелни со Анзабегово -Вршник II-IV, а последните два хоризонти се од доцниот неолит, идентични на Зелениково II. Откриени се три куќи за живеење, од дрво и кал, со димензии од 4,5 × 4,5 м, поделени на две простории.

Литература

уреди