Говори против Катилина
Говорите против Катилина или Катилинарија (лат. Orationes In Catilinam) се низа говори одржани во 63 п.н.е. од Марко Тулиј Цицерон, конзул на Рим, во кои тој на римскиот сенат му го разоткрива заговорот на Луциј Сергиј Катилина и неговите пријатели за уривање на римската власт.
Заговорот на Катилина и говорите на Цицерон
уредиКатилина, кој по првиот неуспех по вторпат се кандидирал за конзулство, овој пат се обидел да си ја обезбеди оваа позиција по пат на бесрамни поткупи. Цицерон, огорчен од ова, донел закон со кој се забрануваат ваквите малверзации.[1] Во сенатот секому било очигледно дека законот е всушност наменет за Катилина. Катилина пак, склопил заговор со неговите истомисленици со намера да се убие Цицерон и функционерот во сенатот одговорен за раководење со изборите. Цицерон го разоткрил овој план, па ги одложил изборите за да му даде време на сенатот да го разгледа овој пуч.
Дента по првично предвидените избори, Цицерон му се обратил на сенатот по овој проблем, а на тоа, реакцијата на Катилина била непосредна и жестока. Како реакција на ваквото однесување, сенатот издал финален указ наречен сенатус конзултум ултимум, со кој се прогласува состојба на воено право, која се донесувала кога Римската Република била во голема опасност од предавство и противдржавни дејствија. Сега обичното право привремено не важело, и Цицерон како конзул се здобил со апсолутна власт.
На одржаните избори Катилина повторно изгубил. Очекувајќи го ова, заговорниците веќе почнале да собираат војска, составена главно од ветераните на војсководецот Сула. Кон јадрото заговорници се придружиле и сенатори, чии расипани апетити ги оставиле без финансиски средства. Се планирало да се поттикне бунт во цела Италија, да се запали Рим и да се убијат што повеќе сенатори.
По свои канали, Цицерон повторно знаел за сето она што се планира. На 8 номеври тој свикал седница на сенатот во храмот на Јупитер Статор на Капитолскиот рид, кој се користел за оваа причина само при голема опасност. Катилина ја имал дрскоста да се појави и таму. Токму тука Цицерон ги одржал своите говори против Катилина.
Прв говор
уредиЗемајќи го предвид карактерот на политичките говори, овој говор бил релативно кус - околу 317 редови на латински - напишани мошне концизно. Воведната реч на овој говор нашироко се памети и денес, по 2,000 години:
Quo usque tandem abutere, Catilina, patientia nostra? Quam diu etiam furor iste tuus nos eludet? Quem ad finem sese effrenata iactabit audacia?
До кога, Катилина, ќе го злоупотребуваш нашето трпение? До кога твоето лудило ќе си поигрува со нас? Ќе има ли крај на твојата незауздана дрскост?
Катилина бил присутен на овој говор. Кога тој пристигнал во храмот на Јупитер Статор и седнал, другите сенатори си заминале од тој ред и го оставиле сам. По говорот Катилина се обидел да демантира, но сенаторите постојано го прекинувале и го нарекувале предавник. Тој истрчал од сенатот, истурајќи закани кон сенатот. Подоцна го напуштил градот и дошол во кампот на Манлиј, водачот на бунтовничката војска. Утредента Цицерон свикал народен собир и одржал уште еден говор.
Втор говор
уредиВо овој говор Цицерон ги известил граѓаните на Рим дека Катилина го напуштил градот, не во бегство (како што се зборувало), туку за да се сретне со неговата противзаконска војска. Тој ги опишал заговорниците како богаташи кои биле во долгови, луѓе алчни за власт и пари, ветерани на Сула, пропаднати луѓе во надеж за некакви промени, криминалци, расипници и други луѓе од сортата на Катилина. Тој го уверил народот дека нема зошто да се плаши, бидејќи тој како конзул, и боговите ќе ја чуваат државата.
Во меѓувреме Катилина се сретнал со Манлиј, заповедникот на бунтовничката војска. Кога сенатот дознал за ова, двајцата ги прогласил за државни непријатели. Антониј, со војска лојална на Рим, го следел Катилина додека Цицерон останал дома за да го чува градот. За време на битката која се одвивала помеѓу вториот и третиот говор, Катилина увидел дека ќе изгуби, па па им се фрлил на римските војници, кои веднаш го убиле. Ова се случило во 62 п.н.е. Цицерон подоцна набавил документи и признанија од многу заговорници, кои ги изложил на очиглед на народот.
Трет говор
уредиВо овој говор Цицерон тврди дека градот треба да се радува бидејќи бил поштеден од крвав бунт. Ги прикажал и сите докази за соучесниците на Катилина кои ја признале својата вина. За себеси тој не побарал ништо освен благодарен спомен, и признал дека оваа победа била потешка од онаа во странство бидејќи непријателите биле римски граѓани.
Четврт говор
уредиВо четвртиот (последен) говор Цицерон поставува основа врз која други говорници (главно Катон) ќе можат да расправаат за погубувањето на заговорниците. Како конзул на римскиот сенат, на Цицерон формално не му било дозволено да искажува свои мислења по овој проблем, но тој го заобиколил ова правило со суптилно говорништво. Иако за самата расправа се знае многу малку (освен за Цицероновиот аргумент, кој веројатно е изменет од оригиналот), мнозинството од сенатот било против смртна казна од ред причини, меѓу кои и фактот што обвинетите биле благородници. На пример, Гај Јулиј Цезар расправал дека прогонство и лишување од граѓански права би била доволна казна за Катилина и неговите соработници. Меѓутоа, по здружените усилби на Цицерон и Катон, сенаторите сепак во голема мера изгласале за извршување на смртна казна.
Додека историчарите се согласуваат дека постапките на Цицерон, особено последните говори пред сенатот, ја спасиле републиката, тие исто така укажуваат на неговото себевеличење – и во извесна мера, завист – која веројатно потекнува од фактот што тој бил сметан за новус хомо, римски граѓанин без благородничко потекло или древни корени.[2]
Белешки
уредиМакедонски изданија
уреди- Кикерон, Говори против Катилина (Катилинарија) . Превод од латински, предговор и белешки Љубинка Басотова. Метафорум, Скопје, 1994.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- Говори против катилина на латинскиот викиизвор (латински)
- На Проект Гутенберг:
- На Проект Персеј (Латински текст, превод и анализа):
- Англиски, со белешки и вовед (уред. Ч. Д. Јонџ):
- THE FIRST ORATION OF M. T. CICERO AGAINST LUCIUS CATILINA (англиски) (латински)
- THE SECOND ORATION OF M. T. CICERO AGAINST LUCIUS CATILINA (англиски) (латински)
- THE THIRD ORATION OF M. T. CICERO AGAINST LUCIUS CATILINA (англиски) (латински)
- THE FOURTH ORATION OF M. T. CICERO AGAINST LUCIUS CATILINA (англиски) (латински)
- Латински (уред. Алберт Кларк):
- ORATIO QVA L. CATILINAM EMISIT IN SENATV HABITA (латински)
- IN L. CATILINAM ORATIO SECVNDA HABITA AD POPVLVM (латински)
- IN L. CATILINAM ORATIO TERTIA HABITA AD POPVLVM (латински)
- IN L. CATILINAM ORATIO QVARTA HABITA IN SENATV (латински)
- Англиски, со белешки и вовед (уред. Ч. Д. Јонџ):