Гепард (филм од 1963)
„Гепард“ (италијански: Il Gattopardo) — италијанско-француски филм од 1963 година, во режија на Лукино Висконти (Luchino Visconti), кој е автор и на сценариото, заедно со: Зузо Чеки Дамико (Suso Cecchi d'Amico), Пасквале Феста Кампаниле (Pasquale Festa Campanile), Енрико Медиоли (Enrico Medioli) и Масимо Франчиоза (Massimo Franciosa). Автор на музиката е Нино Рота. Главните улоги ги играат: Берт Ланкастер (Burt Lancaster), Ален Делон (Alain Delon), Клаудија Кардинале (Claudia Cardinale), Паоло Стопа (Paolo Stoppa), Рина Морели (Rina Morelli) и Ромоло Вали (Romolo Valli). Филмот, заснован врз истоимениот роман на Џузепе Томази ди Лампедуза, претставува комплексно дело кое се одликува со внимателно избрана костимографија и сценографија, со силна визуелизација на простори, со долги и релативно бавни сцени во кои акцентот е ставен врз психологијата на ликовите и со воздржани дијалози. На Канскиот филмски фестивал, филмот ја освоил „Златната палма“, а бил номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм.[1]
Синопсис
уредиДејствието на филмот се одвива во 1860-тите години во Сицилија. Во Италија започнува борбата за обединување, предводена од Гарибалди. Кнезот Фабрицио Корберо (го игра Ланкастер) е тешко погоден од тие настани во кои се наѕира новото време и пропаста на старата аристократија. Неговиот внук Танкреди (го игра Делон) со воодушевување ѝ се придружува на војската на Гарибалди. Со негова помош, кнезот Фабрицио добива дозвола за патување на неговиот имот во друго место. Таму, ја запознава преубавата Анџелика (ја игра Кардинале), ќерката на богатиот дон Седара (го игра Стопа), и одлучува да ја побара за жена за својот внук Танкреди, иако во него е вљубена ќерката на Фабрицио. Притоа, Фабрицио со сите сили се труди да му помогне на Танкреди да направи успешна кариера, зашто смета дека тој има потенцијал за напредување во новите општествени услови, а со бракот со Анџелика му обезбедува големо богатство. По обединувањето на Италија, Танкреди ги менува своите политички погледи и станува противник на идеите на Гарибалди.[1]