Георги Божиков

македонски оперски пејач

Георги Божиков - Жоро (1931, Петрич, Бугарија - 1986, Скопје, Македонија) - македонски оперски пејач (бас).

Животопис

уреди

Божиков се родил во Петрич, Бугарија, во 1931 година. Музичката академија ја завршил во Софија, а 1963 година се преселил во Скопје. Умрел во Скопје, во 1986 година. Имал син, Димитар Божиков.[1]

Творештво

уреди

По завршувањето на музичката академија, Божиков станал член на Софиската опера. Од 1966 до 1968 година настапувал во Загрепската опера. Во 1969 година ја добил наградата „11 Октомври“. Како солист-првенец на МОБ, Божиков одиграл околу 40 улоги, а од 1977 до 1983 година бил директор на Операта. Додека ја вршел оваа функција било отворено оперско студио од кое подоцна произлегле многу солисти, а бил дооформен и хорот на Операта. Исто така, Божиков настапувал и како концертен и ораториумски пејач. Во својата кариера, тој пеел на сите сцени во СФРЈ, а настапувал и на повеќе сцени во светот. За потребите на Македонското радио снимил околу 80 дела, претежно од македонски автори.[1]

Наследство

уреди

На Божиков е посветена песната со наслов „Ѓорѓи Божиков“ од стихозбирката „Црква“ на македонскиот поет Блаже Конески:[2]
Имала мајка имала
сина си Ѓорѓи Божиков
Каква става, каква руса брада
каков Вардар од глас!
Со него беше уште жив
и Гоце Делчев.
А сега повторно гине тој Гоце,
крвави во село Баница,
гине неговата од Жоро
смело замислена лика.
Нема веќе кој да запее
со таква сила и мекота
„Темен се облак зададе“
да се гласи
како орел што клика.


На 22 ноември 2016 година, во МОБ била отворена изложба со наслов „од уметничкото делување на Георги Божиков“ и била претставена монографијата „Жоро - Уметничкиот пат на Георги Божиков - бас“, дело на Снежана Анастасова-Чадиковска.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 К.Б., „Монографија, концерт и изложба во чест на Георги Божиков“, Утрински весник, година XVII, број 5239, вторник, 22 ноември 2016, стр. 18.
  2. Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 58.