Гаталка (Караваџо)
Гаталка (италијански: Bona ventura) – познато масло на платно од италијанскиот барокен сликар Микеланџело Меризи да Караваџо.
италијански: Buona ventura | |
прва верзија | |
Творец | Караваџо |
---|---|
Година | c.1594 |
Димензии | 115 см × 150 см |
Место | Капитолски музеи, Рим |
втора верзија | |
Творец | Караваџо |
---|---|
Година | c. 1595 |
Димензии | 93 см × 131 см |
Место | Лувр, Париз |
Караваџо двапати го сликал мотивот каде Циганка му гата на млад човек.
Првата верзија на сликата која се чува во Капитолскиот музеј во Рим, прикажува гаталка со лажна заводлива насмевка, како на младичот со циничен поглед од чија рака му ја прорекува судбината, со средниот прст му го вади прстенот, лукаво одвлекувајќи му го вниманието со допир со својот показалец по средина на неговата дланка, која во гатањето се нарекува „Венерин појас“[1].
Ова е едно од најраните самостојни дела на Караваџо создадени во Рим. Биографот на Караваџо, Манчини, бележи дека ова е жанр-сцена направена за монсињор Фантин Петрињани [2], но некои историчари на уметноста сметаат дека, како и познатата Картаџии од истиот период, била направена за кардиналот Дел Монте [2], кај кого Караваџо живеел во тоа време во Палацо Мадама покрај Пјаца Навона.
Рендгенска снимка покажала дека сликата била насликата на веќе употребено платно, на кое била насликана Богородица во стилот Кавалиере д’Арпина [3], а бројните поправки – „пентименти“ покажуваат дека Караваџо ни за таа слика, како ни за повеќето други, не користел подготвителни скици.
Биографот на Караваџо, Белори, наведува дека сликарот ја зел Циганката од улица и ја портретирал како гаталка, а потоа го насликал младичот кој во едната рака држи меч, додека другата ѝ ја дава на Циганката за гатање.[4].
Втората верзија на сликата која се наоѓа во Лувр прикажува нешто помлада, но посигурна Циганка во истата акција, во која жртва е млад и очигледно нерасипан младич, за кого, според некои мислења, како модел му послужил неговиот пријател, сликарот Лионело Спада [5], додека други сметаат дека то бил Марио Минити, исто така пријател на Караваџо и сликар по потекло од Сицилија.[6] Третманот на светлото на париската верзија е нешто подраматичен и поприроден, поставката на фигурите попластична, боите поживи, а деталите на облеката побогати, па очигледно е прикажан со повеќе напори. Според некои мислења, втората верзија Караваџо ја насликал за кардиналот Дел Монте, откако заради сиромаштија прват му ја продал на маркизот Винченте Џустинијани за само 8 шкуди, кога ја напуштил работилницата Кавалиере д’Арпина (Џузепе Чезари), обидувајќи се да се осамостои[7], што му успеало десетина години подоцна.
Двете слики се одличен пример на Караваџовото „директно сликарство“, кое подразбира напуштање на традиционалната перспектива, композиција и неоптовареност со наследените правила за поставување на фигурите, размерите и осветлувањето [8], што на Караваџо му поаѓа од рака со зачудувачка леснотија и сигурност какви што се сретнуваат само кај најголемите гении на сликарството.
Двете верзии на Гаталка исто така се одличен пример на Караваџовата верност на природата и животот, која му донела слава, но и многу неприлики. Со својот личен иновативен пристап Караваџо го укинал вештачкиот, блазиран маниристички начин на сликање, вклучувајќи, по прв пат во италијанското сликарство, во репертоарот на претставителното сликарство улични призори „проститутки, Цигани и свирачи“[9], кои ја шокирале тогашната публика, а по кои најчесто и денес е познат. Мотивот на гатање во сликарството бил познат и порано, на пример во холандското жанр-сликарство[10] (Лукас ван Лејден), но никој претходно на тој вид сликарство не му дал важност која ја има кај Караваџо и неговите следбеници.
Галерија: „Гаталка“ и караваџистите
уредиГаталка, како и Картаџиите, друга позната жанр-слика од Караваџо од околу 1594 година, извршила големо влијание на неговите бројни следбеници, караваџисти, кои многу често и успешно ги толкувале оригиналите на Караваџо.
-
Јакоб де Гејн II, 1608
-
Лионело Спада, 1614 - 1615
-
Бартоломео Манфреди, 1616-17
-
Симон Вуе, 1618.
-
Никола Рењие: Картаџии и гаталка, 1620.-22.
-
Валентен де Булоњ, 1628.
-
Жорж де ла Тур, 1633-39 [11]
-
Пјетро Паолини, s. a.
-
Јакоб ван Ост, 1650-71
Наводи
уреди- ↑ Wilson-Smith 1998, 54
- ↑ 2,0 2,1 Mariani 1960, 65
- ↑ Lambert 2007, 42
- ↑ Domljan 1959, 577; Wilson-Smith 1998, 54
- ↑ Mariani 1960, 64
- ↑ en.wiki / The Fortune Teller (Caravaggio)
- ↑ Mariani 1960, 64; en.wiki / The Fortune Teller (Caravaggio)
- ↑ Dalli Regoli 1970, 146
- ↑ Giorgi 1998, 40
- ↑ Жанр-сликарството подразбира прикажување призори од секојдневниот живот, меѓутоа кои имаат скриено или прикриено значење, чија смисла лежи во духовноста на внимателниот гледач. (Prater & Bauer 1997)
- ↑ Оригиналноста на делото е сомнителна. Види en.wiki: The Fortune Teller (de La Tour))
Литература
уреди- Dalli Regoli 1970 – Gigetta Dalli Regoli: Gatanje, u: Muzeju svijeta – Louvre, prijevod: Karmen Milačić, Zagreb, 1970., str. 144-146
- Domjan 1959 – Žarko Domjan: Caravaggio, Enciklopedija likovnih umjetnosti, sv. I, Zagreb, 1959., 576-578
- Giorgi 1998 – Rosa Giorgi: Caravaggio – izvanredna i uzvišena revolucija, prijevod: Morana Lače-Knežević, Zagreb, 1998., str. 40
- Lambert 2007 – Gilles Lambert: Caravaggio, bez imena prevoditlja, Zagreb, [2007.], str. 42, 45, 48, 53, 93
- Mariani 1960 – Valerio Mariani: Caravaggio, u: Encyclopedia of World Art, sv. III, New York – Toronto – London, 1960., st. 64, 65
- Prater & Bauer 1997 – Andreas Prater, Hermann Bauer: Painting of the Baroque, prijevod: Ishbel Flett, Gisela Parker, Köln, 1997., str. 31
- Wilson-Smith 1998 – Timothy Wilson-Smith: Caravaggio, London, 1998. str. 10, 13, 54
- Wittkower 1982 – Rudolf Wittkower: Art and Architecture in Italy 1600 to 1750, New Heaven – London, 1982., str. 48