Лешанска воденица

стара воденица во Лешани, Дебрца
(Пренасочено од Воденица (Лешани))

Лешанска воденицаводеница во охридското село Лешани, Општина Дебрца, прогласена за културно наследство на Македонија.[1]

Лешанска воденица
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видводеница
ГрадЛешани / Грко Поле
Земја Македонија
ЗавршенаXIX - XX век
Технички податоци
Катови2

Местоположба и историја

уреди

Воденицата се наоѓа во месноста Средно Поле, меѓу селата Лешани и Грко Поле. Изградена е од Тане Николоски кон крајот на XIX до почетокот на XX век. Таа продолжува да се користи за мелење на жито.[2]

Архитектонски опис

уреди

Градбата има приземје и кат. Камените ѕидови се дебели 60 – 65 см, а обликот ѝ е правоаголен со димензии од 12 × 6,66 м. Покривот има дрвена конструкција на четири води со турски ќерамиди. Влезната врата и прозорците се автентични. Воденицата се снабдува со вода од Голема Река преку јаз. Водата до 1960-тите години се носела со дрвени буки (спроводи), а потоа се направени бетонски корита.

Внатрешни елементи

уреди

Во долниот дел на воденицата се зачувани оригиналните елементи — дрвеното вретено кој ги поврзува двата ката, металното колце со перки, баба — метален дел на гредата, бодлец, кој влегува во бабата, старец, дрвен дел со метален горен звршеток кој го регулира мелењето на житото на поситно или покрупно со приближување или оддалечување на камењата. Во горниот дел исто така се зачувани оригиналните делови. Од оригиналните три пара камења денес се зачувани две, а работи само еден. Старите камења се зачувани и направени се од месен материјал, дело на месни мајстори. Новите се донесени од Врњачка Бања. Металните делови се сен — тркалезен дел меѓу камењата и прплица, која го врти каменот. Житото се сипува во дрвен кош од со облик на превртена пирамида. Кутлицата е кружниот дел низ кој излегува зрното. Триаголниот назабен дрвен елемент ластојца служи за регулирање на дотекот (количеството) на жито за мелење. Зрната се помрднуваат со помош на штракалиците. Ѕвечки се делови што излегуваат од кошот и висат кон каменот, а служат за давање знак кога ќе се намали житото во кошот. Под е делот заграден со даски околу каменот кој служи за собирање на брашното. Ставјало е долга дрвена пречка која служи за запирање на водата, а со тоа и мелењето на житото.[2]

Во воденицата има и мала просторија од тули која служи за одмор и ноќевање на воденичарот, но и како склад за житото и брашното. До него има ѕидано камено огниште за варење ракија.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Список на заштитени добра. Состојба до 31.12.2012. Скопје: Управа за заштита на културното наследство.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Воденица во с. Лешани“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-08-16. Посетено на 16 август 2017.