Википедија:Избрана статија/2010/47
Латвискиот јазик (latviešu valoda) или именуван и како летонски јазик е источнобалтички јазик и официјален јазик во Летонија. Летонскиот јазик го зборуваат околу 1,4 милиони Летонци во Летонија и околу 150.000 Летонци во дијаспората. Овој јазик има голем број говорници на кои летонскиот не им е мајчин јазик, ситуација која не е типична за помалите јазици во светот. Од малцинските заедници во Летонија, кои вкупно бројат околу 924.000 жители, само 30% го зборуваат јазикот. Летонскиот јазик е сроден со литванскиот јазик и се во иста јазична група, но сепак не се меѓусебно разбирливи.
Летонскиот е нефлексивен јазик со неколку аналитички форми, три дијалекти и германско синтаксичко влијание. Јазикот има само два граматички рода. Секоја именка се деклинира во седум падежи: номинатив, генитив, датив, акузатив, инструментал, локатив и вокатив. Официјално писмо на јазикот е летонската азбука, која е заснована на латиницата, со одредени модификации според летонскиот фонетски систем.
Летонскиот јазик е дел од групата на балтички јазици. Според досегашните истражувања, по периодот на праиндоевропскиот јазик, се формирала група на балто-словенски јазици, кои пак се поделиле на две посебни групи во 10 век п.н.е. Како и да е, и покрај постоењето на многу архаични форми во балтичките јазици, денес не е сосема јасно како настанала балтичката група и со кои јазици била првично поврзана. (Дознајте повеќе...)