Википедија:Избрана статија/2008/17
Канада зафаќа поголем дел од Северна Америка, на југ се граничи со САД, на северозапад со сојузната држава на САД - Алјаска. Се протега од Атлантскиот Океан на исток до Тихиот Океан на запад, на север се наоѓа Северноледениот Океан.
Првите Европски доселеници се Викинзите, кои околу 1000-та година се населуваат на брегот на Атлантикот. Следната посета на Европејците е во 1497, кога истражувачката експедиција на Џон Кебот од Кралството Англија пловела покрај Атлантскиот брег на Канада и Жак Картие во 1534 од Франција. По нив, повремено до истиот брег допловувале рибари и китоловци од Баскија во текот на целиот 16-ти век.
Канада има околу 31,5 милиони жители. Прирастот на населението се должи главно на доселеништвото. Околу 3/4 од населението живее во појасот од 150 km од границата со САД, веројатно поради климатските прилики. Огромното мнозинство од населението живее во појасот Квебек сити - Виндзор, кој ги опфаќа и градовите Монтреал, Отава и Торонто, потоа во појасот Едмонтон - Калгари во Алберта и Ванкувер, Британска Колумбија. Според пописот од 2001, Канада има 34 етнички групи со по најмалку 100.000 припадници, a 83% од населението се сметаат за белци.
Официјални јазици во Канада се англискиот и франускиот. Англискиот е мајчин јазик на 59,7%, а францускиот на 23,2% од населението. 98,5% од канаѓаните зборуваат англиски или француски. 85% од франкофоните живеат во Квебек. Неколку индијански јазици исто така имаат официјален статус во Северозападните територии. Инуктитут е мнозински јазик во Нунавут и еден од трите официјални јазици во територијата.
Според многу показатели, како што се Степенот на човеков развој на ОН, Индексот на глобализација, Квалитетот на живот, Одржливоста на животната средина, Економските слободи и др., Канада е меѓу водечките земји во светот. Во Канада живеат голем број македонски иселеници и нивни потомци.