Википедија:Избрана статија/2008/15
Шарл Пјер Бодлер (9 април 1821 - 31 август 1867), еден од најголемите и највлијателните француски поети на деветнаесеттиот век. Исто така останува запаметен и на полињата на преведувачката и критичарската дејност.
Влијанието на Бодлер врз развитокот на англиската и француската литература е навистина големо. Најголемите француски писатели што доаѓаат по него не ги штедат епитетите; само четири години по неговата смрт, Артур Рембо во едно свое писмо го возвишува Бодлер како "Крал на Поетите, вистински Бог". Во 1895 година, Стефан Маларме издава еден сонет во чест и сеќавање на Бодлер Le Tombeau de Charles Baudelaire (Гробот на Шарл Бодлер). Марсел Пруст во еден свој есеј издаден во 1922 деклaративно изјавува дека заедно со Алфред де Вињи, Бодлер е "најголемиот поет на деветнаесеттиот век".
Во исто време додека Елиот го велича Бодлер од еден конзервативен и експлицитно христијански аспект, левичарските критичари како Вилсон и Волтер Бенџамин го прават тоа од една драматично различна точка. Бенџамин ги преведува Бодлеровите Tableaux Parisiens (Париски сцени) на германски и издава еден голем есеј во врска со преводот како предговор. Во доцните 1930ти, Бенџамин го искористува Бодлер како појдовна и фокусна точка во неговиот монументален обид да изврши материјалистичка проценка на културата во деветнаесеттиот век, Das Passagenwerk. За Бенџамин, значењето на Бодлер лежи во неговиот обид да изврши анатомија на толпата, на градот и на модернизмот.