Википедија:Избрана статија/2008/09
Џозеф Кемпбел (26 март 1904 – 30 октомври 1987) е американски митолог, писател и оратор најпознат по неговата работа на полето на компаративната митологија и религија.
Кога како мал го посетува Американскиот музеј за национална историја, Кемпбел толку многу се восхитува од артефактите на американските староседелци што уште тогаш ја развива својата животна опсесија: митот и заедничките обележја на различните култури, особено на оние кои никогаш и не биле во контакт.
Со образование се здобива во САД (на Универзитетот Колумбија) и Европа (каде ги посетува Парискиот и Минхенскиот Универзитет). За неколку месеци научува и француски и германски, јазици кои течно ги зборува до крајот на својот живот. Поради несогласувања со раководството на својот матичен универзитет, Кемпбел се откажува од понатамошното школување и обидот да се здобие со докторат.
Големо влијание врз Кемпбеловата филозофија имаат Карл Јунг, Фридрих Ниче, Зигмунд Фројд, Џејмс Џојс, Томас Ман и Артур Шопенхауер. Улогата на херојот и структурата на мономитот се најпознати плодови на неговата работа, творби чие влијание ги надминува границите на компаративната митологија. Впрочем, по излегувањето на првиот филм од серијалот Војна на ѕвездите во 1977 година, режисерот Џорџ Лукас ќе рече дека приказната е обликувана преку идеите обработени во Херојот со илјада лица од страна на Кемпбел.