Васил Дубров
Васил Дубров (12 јануари 1912 во Ваташа — 1941 во Штип) — спортски работник, член на Соколското друштво од Кавадарци.[1]
Васил Дубров | ||
Роден | 12 јануари 1912 година Ваташа | |
---|---|---|
Починал | април 1941 година Штип Бомбардирање од страна на германскиот фашистички окупатор | |
Националност | Македонец | |
Народност | Македонска | |
Познат | спортист и соколар |
Животопис
уредиПотекнувал од имотно и угледно трговско семејство. Основното образование го завршил во Ваташа, а Граѓанска школа во Кавадарци. По нејзиното завршување заминал во Велес каде ги завршл петти и шести клас гимназија.[1] Тој бил еден од основачите на Соколското друштво во Кавадарци и еден од неговите најуспешни спортисти.[2] Во пролетта 1931 година на поединечното првенство на Скопска жупа (Вардарска бановина), во конкуренција на 11 соколски друштва од Македонија во дисциплината вежби на справи (вратило и разбој) и лесна атлетика ( трчање на 100 м., фрлање на копје и фрлање на ѓуле), Васил Дубров го освоил второто место.[3] Во летото 1932 година како најдобар натпреварувач на соколското друштво од Кавадарци, учествувал на големиот атлетски слет во Прага, каде се стекнал со големо натпреварувачко искуство, како и знаење за уште поголем развој на овој спорт во Кавадарци. Истата година во Гевгелија ги потврдил своите вредности во гимнастичките вештини и знаења.[1]
Од 1936 година Васил е наставник по физичко воспитување, а во исто време и началник на соколското друштво во Кавадарци. Непосредно пред војната во јануари 1941 година Васил Дубров со поголема група кавадарчани е интерниран во логорот Меѓуречие во Ивањица. Во март истата година е ослободен, а непосредно пред војната бил мобилизиран и испратен со својата единица во Штип. Загинал како последица на бомбардирањето на германските авиони во почетокот на април 1941 година.[1]
Една улица во Кавадарци го носи токму неговото име.[4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 413. ISBN 978-608-4621-04-1.
- ↑ Уневски (31 јануари 2013). „85 години од формирањето на соколското друштво во Кавадарци“. kavadar4e.com.
- ↑ Пулс24, Напишано од (2016-05-16). „ПО СУДИРОТ СО СРПСКИОТ РЕЖИМ, ДИМЕ ПОЦЕВ ОДБИЛ ДА НОСИ И БУГАРСКА ПУШКА“. Посетено на 2024-06-21.
- ↑ „Службен гласник на Општина Кавадараци 01.09.2014 год“ (PDF). 1 септември 2014. стр. 23.