Бохуслен (швед. Bohuslän) — историска покраина (landskap) во најсеверниот дел на западното крајбрежје на Шведска. Се граничи со Далсланд на североисток, Вестерјетланд на југоисток, Скагерак (Северно Море) на запад и округот Естфол во Норвешка на север. Норвешкото име на покраината било Båhuslen.

Бохуслен
Bohuslän
Грб на Бохуслен Bohuslän
ЗемјаШведска
КрајЈеталанд
ОкругВестра Јеталанд
Површина
 • Вкупна4,400 км2 (1,699 ми2)
Население (2009)[1]
 • Вкупно287,223
 • Густина65/км2 (170/ми2)
Народност
 • Наречјегетландско
Култура
 • Цветанамска рака
 • Животнофока
 • Птицаостригар
 • Рибаскуша
Часовен појасCET (UTC+1)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+2)

Бохуслен го носи името на средновековната норвешка трврдина Бохус (Bohus fästning). Покраината била дел од Норвешка од 1050, па сè до склучувањето на Роскилдскиот мировен договор во 1658, со кој Шведска го добила и Сконеланд (Блекинге, Халанд и Сканија) од Данска.

Управа уреди

Покраините во Шведска немаат административна функција. Таа улога ја играат окрузите. Со векови, административниот округ на Бохуслен бил округот Гетеборг и Бохус. Како што кажува името, тој се состоел од целата покраина Бохуслен сосе градот Гетеборг. Во 1999 е донесена одлука да се намали бројот на окрузи, и така Гетеборг и Бохус влегле во состав на многу поголемиот округ Вестра Јеталанд.

Географија уреди

Покраината се одликува со карпесто крајбрежје насочено кон архипелаг со околу 3.000 острови и 5.000 ситни островчиња. Тие го сочинуваат северниот дел на Гетеборшкиот Архипелаг, втор по големина во земјата (по Стокхолмскиот). Во минатото овој предел бил познат по големиот број на гребени и подводни карпи што предизвикувале бродоломи. Најголемите острови Оруст и Шерн се општини сами по себе. Обата острова имаат карактеристична култура и историја. Иако карпест, теренот не е планински: највисока точка е Бјорнепикен со 224 м.

Близу Лисешил се наоѓа единствениот фјорд во Шведска - Гулмарен. Долг е 25 км, широк 1-3 км и има максимална длабочина од 118,5 метри. Фјордот е живеалиште на растителни и животниски видови што не се пристутни на ниедно друго место.

За разлика од другите делови на Шведска, во Бохуслен има релативно малку езера и реки: од вкупната површина од 4.500 км2 само 177 км2 отпаѓа на слатка вода. Езерата често се среќаваат, но имаат мала површина. Најголеми се езерата Северен и Јужен Буларен, со вкупна површина од 40 км2.

Историја уреди

 
Карпеста уметност: тројца луѓе како вршат обред (II милениум п.н.е.)

Во II милениум п.н.е. почнало т.н. Скандинавско бронзено време (~ 1700-500 п.н.е.) чие карактеристично сведоштво се наодите на карпеста уметност ширум Бохуслен. Во текот на Големата преселба на народите (300-700 г.) и Викиншката ера (700-1000), ова подрачје било дел од Викен, и тоа поделено на две целини: Ранрике на север и Елфсисел на југ.

Покраината била во подем сè додека Норвешка била самостојна земја. Со обединувањето на Норвешка со Данска, економската моќ на покраината почнала да опаѓа, а нејзината територија станала честа мета на напади од Швеѓаните. Норвешката тврдина Бохус (Båhus) е изградена за одбрана на оваа територија. Како погранична зона со Шведска, и во помала мера данските територии во Халанд, во регионот живееле несразмерно многу семејства на војници и воени лица.

Бохуслен ѝ припаѓал на Данска/Норвешка сè до 1658 кога ѝ припаднал на Шведска согласно одредбите на Роскилдскиот мировен договор. Оттука се гледа зошто договорот е склучен во Данска. Во текот на XVII век во Марстранд е изградена тврдината Карлстен. Извесен период Марстранд бил порто-франко (слободно пристаниште) со загарантирана слобода на верските убедувања и обичаи, и затоа таму се наоѓала единствената синагога во Шведска во тоа време.

Во XVII век риболовот на харинга станал важна стопанска гранка во покраината, што е причина за нејзиниот повторен економски расцут од 1747 до 1809 г. Поради ова долж крајбрежјето изникнале многу рази рибарски места.

Пред да започне масовниот риболов, голем дел од Бохуслен бил прекриен со шума. Шумарството било најважна гранка и главен извор на приходи на населението. Кога риболовот станал најважна гранка, шумите и понатаму продолжиле да се експлоатираат за дрвена граѓа и како огрев за казаните во преработката на харинга. Обесшумувањето во текот на XIX век довело до денешната карпеста топографија.

Култура уреди

 
Рибарско место во Бохуслен

Во Бохуслен се зборува говор од јеталандското наречје на шведскиот јазик. Во дијалектот се забележуваат влијанија од норвешкиот јазик, што се должи на шестевековната норвешка власт во покраината.

Културните остатоци од Скандинавското бронзено време (1700-500 п.н.е.) се пристуни во облик на карпеста уметност, каде се прикажани сцени од секојдневниот живот и верски обреди. Карпестите цртежи кај Танум, кои се стари 2.500 - 3.000 години, се заштитени како светско наследство на УНЕСКО. Ширум покраината се среќаваат и карпестите резби, каде се овековечени земјоделските активности на населението, обредите, бродовите, кужни предмети, стапки, животни и симболи на плодност како фалуси.

Поврзано уреди

Наводи уреди

Надворешни врски уреди

58°14′53″N 11°53′13″E / 58.248° СГШ; 11.887° ИГД / 58.248; 11.887