Бона Бајрактарова
Бона Бајрактарова (моминско: Лазарова; р. 25 септември 1946 во Ново Село) — македонски стоматолог, специјалист по детска и превентивна стоматологија и универзитетски професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје.[1]
Бона Бајрактарова | ||
Родена | Бона Лазарова 25 септември 1946 Ново Село, СФР Југославија | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Занимање | стоматолог |
Животопис
уредиРодена е на 25 септември 1946 година во Ново Село, Струмичко. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје во 1965 година. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1973 година. Со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија се здобила во 1978 година.
Со одбраната на докторската дисертација под наслов „Развиток, алвеоларна и клиничка ерупција на трајните заби кај децата од централното подрачје од СР Македонија“ во 1988 година се здобила на Стоматолошкиот факултет во Скопје со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа детска и превентивна стоматологија.
На Клиниката за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошките клиники се вработила во 1975 година. Во 1977 година била избрана за помлад асистент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1986 година за асистент. Во звањето доцент на истата Катедра била избрана во 1989 година, а во звањето вонреден професор во 1994 година. Изборот за редовен професор на д-р Бона Бајрактарова бил во 1999 година.
Особен предмет на интересирање за професор Бајрактарова се: денталниот развиток, денталната трауматологија, естетските дентални реконструкции и здравствената стоматолошка едукација. Во доменот на стоматолошката превентива, нејзината активност е насочена кон јавно просветување преку настапи на радио и телевизија и образовна публицистика. Во 1998 година иницирала републичка кампања насловена „За подобро орално здравје – за поздрави заби“.
Публицистичкиот опус на Бона Бајрактарова опфаќа над 100 статии, објавени во домашни и во странски публикации. Автор е на статии и на над 50 колумни во домашните печатени медиуми.
Автор е на прирачникот „Млечни и трајни заби“ (1994) и на поглавјето „За млечните и трајните заби на детето“ во периодичната публикација на УНИЦЕФ од 1997 година, „Факти за животот“. Автор е на книгата „Трајна дентиција – ембриологија и анатомохистоморфологија“ (2000). Професор Бајрактарова е еден од авторите на учебникот „Хистолошка градба и ембрионален развиток на усната празнина“ (2004). Во 2006 година, ја објавила книгата со наслов „Дентална трауматологија“, а во 2011 година, книгата „Аномалии на забите“. Соавтор е на: „Класификација на научните подрачја, полиња и области (дисциплина) на истражување“ (2001); „Типологија на документи и дела за разврстување на библиографија и водење на централна база на податоци за академските кадри и институции“ (2001); „Упатства за квалитетот на високото образование во Р Македонија“ (2002) и „Упатство за евалуација и евалуационата постапка на факултет/висока стручна школа/научна установа“ (2002).
Богата и плодна е активноста на проф. Бајрактарова во општествениот живот. Уште како младинка и потоа како студент активно учествувала во средношколската, односно студентската организација. Во 1958 била член на делегацијата од Македонија на традиционалната средба на младите што во тоа време, секоја година, се одржувала на Белиот двор во Белград, поранешна Југославија. Потоа, во академските денови, била член на Претседателството на Здружението на лекарите на град Скопје (1994-1996), на Советот на Македонското лекарско друштво (1994-1996), претседател на Секцијата за стоматолошка заштита при Црвениот крст на Македонија, претседател на Здружението за детска и превентивна стоматологија на Македонија, кое (MAPPD) во 2003 го зачленила во Mеѓународното здружение за детска стоматологија (IAPD). Во периодот од 1999-2002 и од 2006-2009 г. била раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија при ЈЗО Стоматолошки клинички центар во Скопје. Како раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија иницира и реализира низа активности за унапредување на практичната настава на студентите по стоматологија и за организацијата на вкупните активности на Клиниката.
За својата севкупна дејност проф. д-р Бона Бајрактарова била повеќе пати наградувана. Добитник е на благодарница и значка од Црвениот крст на Македонија (1985), диплома (1986) и плакета (1993) од Македонското лекарско друштво, повелба од Стоматолошкиот факултет по повод одбележувањето на 30-годишнината (1989), 40-годишнината (2000) и 50-годишнината (2009) од неговото формирање. Проф. д-р Бајрактарова е добитник и на државната награда “Климент Охридски”, како општествено признание за особени остварувања во здравството од интерес на Република Македонија. Биографијата на проф. Бајрактарова е објавена во деветтото издание на International WHO`s WHO of professional women на Американскиот биографски институт.[2]
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Бајрактари“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 118. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Проф. д-р Бајрактарова Бона – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-01.[мртва врска]