Боговињско Езеро

ледничко езеро во Македонија
(Пренасочено од Боговињско езеро)


Боговињско Езеро (месно: Богоњско Езеро) — најголемо од 27. леднички езера на Шар Планина, во Македонија.[1]

Боговињско Езеро
Богоњско Езеро

Карта

Површина 62.000 м2
Должина 470,4 м
Ширина 200,3 м
Обем 1.246 м
Длабочина 2,2 м
Надморска висина 1.941 м
Планина Шар Планина
Боговињско Езеро на Ризницата

Езерото се наоѓа во сливното подрачје на Боговињска Река, односно самата река поминува низ езерото, сместено на надморска височина од 1.941 метар. Истото се протега во насока исток-запад.[2]

Одлики

уреди
 
Поглед на целото Боговињско Езеро од запад

Езерото се наоѓа меѓу Брустовец (Бориславец) и Мала Смрека на 1.936 метри надморска висина. Во правец југозапад-североисток е долго 245 метри и широко 210 метри.[3] Најголемата длабочина изнесува 2,2 метри. Има површина од 66.880 м2. Се наоѓа на карпест басен, со многу издолжен облик, со голема разлика во широчината, па по тоа се разликува од сите останати шарски езера. Од западниот дел на езерото започнува со широчина од 170 метри, потоа се проширува во средината, за на источниот дел да се сведе само на 10 метри.[4]

Замрзнатото Боговинско езеро во зима
Поглед на целото Боговинско езеро од северозапад

Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, меѓу позабележителните шарски езера го наведува и: Езерце над селото Боговиње на Езерце Планина (Езерски Рид), од коешто и планината си го добила називот.[5] Тоа е најголемо од познатите Шарски Езера; има обиколка од околу 12 час, а длабочината му е непозната.[5]

Бреговите му се кривулесни, наместа вовлечени, особено јужниот брег, со најголема деформација од 45 метри. Северниот брег е нешто потесен од јужниот, а на двата се гледа плочест нанос, со кој е зафатен и источниот дел на брегот. Западниот брег е целосно претворен во мочуриште и е обраснат со шамак и чемерика.

Мерења во 2020 г.

уреди

Пред прогласувањето на новиот национален парк „Шар Планина“, во извршената студија за валоризација на паркот се дадени мерењата дека езерото има површина од 62.000 м2, долго е 470,4 метри, широко е 200,3 метри, а средната широчина му изнесува 131,8 метри. Должината на бреговата линија е 1.246 метри.[2]

Вода

уреди
 
Водите на Боговињското Езеро

Боговињското Езеро има голем број на притоки кои се влеваат во него. Најголема и најпозната секако е истоимената Боговињска Река, која се влева во него и на спротивната страна се одлива, за да продолжи кон селото Боговиње, и на крај да се влева во Вардар кај селото Радиовце. Вода добива и од повеќе извори, кои некои се наоѓаат во ливадестиот дел веднаш до самото езеро. Во близина се наоѓаат и неколку водопади. Езерото ја губи водата преку испарување, подземно истекување и преку површинска истека.

Поради честото капење на овците езерската вода е матна, но поради големиот број на притоки, водата сама се прочистува.[6]

Народно предание

уреди
 
Поглед на Боговињското Езеро

За Боговињското Езеро народни преданија во XIX век запишале Марко Цепенков и Ѓорче Петров. Според записите на Ѓорче Петров, постои предание, дека еден извор во селото Рашче (Скопско) на источните падини на планината Жеден и недалеку од Вардар го води своето потекло од ова езеро, за што како потврда на таа претпоставка месните луѓе ја наведуваат следната легенда: некојси овчар на Шар Планина, како што си седел на брегот на езерото и си свирел на својот кавал, кога посегнал во чантата за да извади леб, го испуштил кавалот во езерото. Кога по некое време си отишол дома во Рашче, за чудо, тој го нашол својот кавал закачен на карпата. Потоа работата се разјаснила, кога му кажале дека кавалот се нашол на изворот, што покажува дека тој извор има некаква поврзаност со езерото.[5]

Има и друг доказ за тоа. Кај селото Јегуновце, коешто се наоѓа под западното подножје на планината Жеден, на неколку стапки од Вардар има една пештера, којашто некое време била отворена само одгоре. Уште од далеку се слуша шумот на водата, којашто тече на дното на пештерата, а ако погледнеш во отворот го гледаш самото течение на водата, која што оди накај планината. Жеден е на десно од Вардар и е одделен од Шара со Тетовското Поле. Тогаш, тука имаме една многу интересна географска појава, ако тоа предание е точно. Доста силна вода излегува од висока планина, го пресекува полето напреку и при подземно течение минува под дното на Вардар, ја пресекува широката каменеста планина Жеден и се јавува на нејзината друга страна. Тоа, според Ѓорче Петров, е важна појава којашто заслужува сериозно внимание од страна на геолозите. Точноста на тоа предание се потврдува со течението на водата во споменатата пештера и со сличноста на преданијата во околните места на тие краишта. Во Рашче веруваат дека водата им доаѓа од Шар, а на Шар веруваат дека водата од езерото слегува во Рашче - совпаѓање, коешто не може да биде туку-така случајно, затоа што селаните во Рашче и оние околу езерото имаат слаби врски и меѓусебни односи.[5]

Историја и искористување

уреди

Значајна одлика на ова езеро е таа што постојат сигурни извори дека ова езеро во минатото било двојно поголемо, и дека неговата површина се намалила со таложењето на наносите. Наталожената површина е долга 248 метри и зафаќа површина од 57.000 м2. Постои можност езерото со помош на човечка рака да се наполни и да се зголеми неговиот волумен.[7]

Жителите на селото Раковец ја користат водата за наводнување. Имено тие имаат ископано истек, па со долги бразди ја носат водата до нивите.

Постои голема можност на ова езеро да се развие туризмот. Чистата недопрена природа, големината на езерото, бројните водопади и лесната пристапност овозможуваат развој на еко туризмот во секој поглед.

Во селото Боговиње функционира еколошко друштво со истото име.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Rista Nikolić: "Glacijacija Šar Planine i Koraba“, Beograd, 1912 godina
  2. 2,0 2,1 „СТУДИЈА ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ШАР ПЛАНИНА“ (PDF). Министерство за животна средина. 2020. Посетено на 29 јануари 2022. line feed character во |title= во положба 31 (help)
  3. Македонска Енциклопедија: Боговинско Езеро стр. 175, МАНУ, Скопје, 2009 година.
  4. Живко Стефановски, Напредок Тетово, Шар Планина, стр 54-56
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 39. ISBN 978-608-245-113-8.
  6. Душан Кривокапиќ: „Шар-Планина“, издание на „Туристичка Штампа“, Белград, 1969 година
  7. Кузман Најденоски: „Тетово во минатото“, издание од 1964 година. Печатница „Напредок“ Тетово

Надворешни врски

уреди