Белата панделка (филм)
„Белата панделка“ (германски: Das weiße Band - Eine deutsche Kindergeschichte) — филм од 2009 година, во режија на Михаел Ханеке, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Кристијан Фридел, Леони Бенеш, Улрих Тукур, Урсина Ларди, Бургарт Клауснер, Јозеф Бирбихлер, Рајнер Бок, Сузане Лотар, итн., а во филмот зборува Ернст Јакоби. Филмот е добитник на 58 награди, а имал уште 41 номинација (од кои, две за „Оскар“). Од поважните награди, треба да се издвојат: „Златен глобус“, четири награди на Канскиот филмски фестивал (вклучително и „Златна палма“), три „Европски филмски награди“, итн.[1]
Содржина
уредиДејството во филмот се случува во едно село, во северна Германија, пред почетокот на Првата светска војна. Во селото се случуваат неколку несреќни настани за кои не може да се открие виновникот: најпрвин, селскиот лекар (го игра Бок) се повредува откако коњот се сопнува на жицата што некој намерно ја поставил на патот; потоа е претепано детето на баронот (го игра Тукур); една жена погинува при работата; ќерката на попот (го игра Клауснер) ја убива неговата птица; децата на надзорникот на имотот (го игра Бирбихлер) намерно го оставаат отворен прозорецот, со намера да се разболи нивното штотуку родено братче; една ноќ, некој намерно го пали сеното; најпосле, ретардираното дете на една жена (ја игра Лотар) е брутално претепано. Во селото доаѓа полицијата, која ги испрашува децата, но никој не признава ништо. Исто така, и селскиот учител (го игра Фридел) прави сопствена истрага во која ги обвинува децата на попот и на надзорникот. Поради непријатните настани, бароницата (ја игра Ларди) го напушта баронот, загрижена за безбедноста на своите деца. Во меѓувреме, учителот се вљубува во младата Ева (ја игра Бенеш), но мора да чека една година додека добие дозвола да се ожени со неа. Како кулминација на сите лоши работи што се случуваат во селото, летото 1914 година избувнува Првата светска војна.[2]