Во човечкото тело, барорецепторите (рецептори за притисок, исто така наречени пресорецептори) го регистрираат притисокот на течната крв врз ѕидот на артерискиот крвен сад. Тие припаѓаат на групата рецептори наречени механорецептори и се активираат со истегнување на ѕидот на крвниот сад. Обемот на нивната активност - т.е. фреквенцијата на сигналите кои ги испраќаат - зависи од степенот на истегнување на ѕидот на крвниот сад.

Нивните импулси патуваат до продолжетокот мозок, подструктура на централниот нервен систем (ЦНС). Таму тие предизвикуваат, преку т.н. барорефлекс, инхибиција на невроните чија задача е зголемување на срцевата фреквенција и сила на срцевата контракција, како и тонусот на артериските крвни садови. Овие неврони се дел од невронската мрежа која во целина го гради крадиоваскуларниот центар за контрола на срцевата работа и крвниот притисок. Невроните кои се инхибираат преку барорефлексот во случај на зголемен крвен притисок ја претставуваат т.н. пресорна област, уште позната под поимот вентролатерална медула, која има клучна улога во регулација на симпатичката активност, меѓу другото и врз срцевата работа. Со инхибиција на овие неврони доаѓа до намалување на симпатичката активност, а со тоа и до намалено симпатичко влијание врз срцеваа работа, што резултира со намалување на бројот на срцеви отчукување (фреквенција) и намалена сила на срцева контракција. Од друга страна, во случај на покачен притисок, активираните барорецептори доведуваат преку барорефлексот до истовремено зголемување и на прасимпатичкато влијание врз срцето, што резултира со дополнително намалување на срцевото отчукување. На тој начин барорецепторите овозможуваат одржување на крвниот притисок на нормални физиолошки вредности. Од друга страна, снижен крвен притисок доведува до намалена активност на барорецепторите, така што невроните одговорни за симпатичкото влијание врз срцето и крвните садови не се инхибирани и можат да ја зголемат нивната активност; резултатот е зголемена срцева фреквенција и сила на контракција и зголемен периферен отпор на артериските крвни садови што доведува до покачување на притисокот до нормални вредности. Механизмот преку кои барорецепторите посредуваат во регулација на крвниот притисок се заснова на негативна повратна врска.

Барорецепторите првенствено се наоѓаат во ѕидовите на крвните садови (адвентиција и медиа) на аортата, но и во повеќето други артерии. Нивната задача е да го одржуваат артерискиот крвен притисок на константно ниво и на тој начин да обезбедат снабдување со потребната крв до поединечните органи.

Во продолжение е опишан механизмот на работа на барорецепторите при пад на крвниот притисок (на пр. кај хиповолемичен шок): во случај на пад на притисокот, растегнувањето на ѕидот на аортата се намалува и активноста на барорецепторите се намалува. Како резултат на тоа, фреквенцијата на нивните сигнали до продолжениот мозок исто така се намалува. Невроните на продолжениот мозок, сега, кога ја нема инхибицијата посредувана од барорецепторите, испраќаат сигнали до срцето и артериите. Барорецепторите се постојано активни: дури и ако притисокот остане константен во физиолошкиот опсег, импулсите постојано се испраќаат до невроните кои ја регулираат циркулацијата. Како одговор на овие сигнали, отчукувањата на срцето се забрзуваат. Ова ја зголемува количината на крв испумпана од срцето. Времето на работа на барорецепторите е околу една секунда, така што во случај на спонтан пад на притисокот доаѓа до прилагодување на сревата работа веќе во следната срцева акција. [1] Артериолите и вените се собираат, помалку крв тече до невиталните органи. Преку овие две реакции, крвниот притисок во артериите брзо се враќа во нормала. Прераспределбата на крвта се јавува преку ослободување на адреналин и главно е посредувана преку бета-адренорецепторите. Но, други катехоламини како норадреналин исто така се ослободуваат кога крвниот притисок е низок и имаат вазоконстриктивен ефект.

Барорецепторите регистрираат не само промена на притисокот, туку и „колку брзо“ се случува промената, т.е. стапката на промена.

Наводи

уреди
  1. Klaus Golenhofen. Basislehrbuch Physiologie (4.. изд.). Urban & Fischer. стр. 241.


     Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување
во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето).