Ахура Мазда (познат и како Охрмазд, Ахурамазда, Хурмазд, Хормазд, и Хурмуз, Господар или едноставно дух) е авестиско име за создател и единствен бог во зороастризмот, старата иранска религија пред исламот. Ахура Мазда е опишан како највисокиот дух што се овожувал во зороастризмот, а воедно бил првиот и најчесто повикуваниот дух во Јасна. Буквалното значење на зборовите е: Ахура значи светлина и Мазда значи мудрост. Зороастризмот содржел три основни принципи – добри мисли, добри зборови и добри дела.

Ахура Мазда за првпат се појавува за време на ахеменидскиот период (околу 550 – 330 година п.н.е.) за време на Дариј I во Бехистунските натписи. До доаѓањето на Артаксеркс II (405–404 до 359–358 г. п.н.е.), Ахура Мазда бил обожуван и повикуван. За време на владеењето на Артаксеркс II, Ахура Мазда е повикуван заедно со Митра и Апам Напат. За време на ахеменидскиот период, не постоел приказ за Ахура Мазда, поинаков од вообичаениот за секој цар: празна кочија со бели коњи, со што се повикувал Ахура Мазда да се придружи на персиската армија во битките. Сликите на Ахура Мазда се појавуваат во партскиот период, но биле заменети со фигури изрезбани во камен во сасанидскиот период.

Номенклатура

уреди

„Мазда“, или формата Mazdā-, во номинатив Mazdå, го одразува праиранското Mazdāh (женски род). Вообичаено се користел зборот да означи дух, и ги содржел значењата „интелигенција“ или „мудрост“.

Името се менувало од Ахурамазда (староперсиски јазик) за време на ахеменидскиот период, потоа во Хормазд за време на партскиот период, а името Охрмазд се користело за време на сасанидскиот период.[1]

Името го има на клинестите табли од времето на асирскиот Асурбанипал, во формата Assara Mazaš, иако ова е контроверзно.[2]

Особености

уреди

Заратустра го нарекол Ахура Мазда „несоздадениот дух“, целосно мудар, добродетел и добар, како и создавач и поддржувач на Аша („вистината“).

Откровението на Заратустра

уреди

На возраст од 30 години, Заратустра доживеал откровение: при ритуал видел светла фигура која го довела до присуството на Ахура Мазда, којшто го подучил на главните принципи на „Добрата Религија“, подоцна позната како зороастризам. Како резултат на визијата, Заратустра чувствувал дека е избран да ја шири и проповеда оваа религија.[3] Подоцна тврдел дека Ахура Мазда ги создал духовите познати како јазати, и дека сите ирански деви се лоши духови и според тоа не треба да се почитуваат. Овие лоши духови се создадени од Ариман, непријателски лош дух. Неговото постоење е изворот на сите гревови и мизерии во светот. Заратустра тврдел дека Ахура Мазда не е семоќен бог, но им помага на луѓето во борбата против Ариман. Ахура Мазда е помоќен од Ариман, според тоа, тие не се еднакви. Ариман кој со своите духови ги носи луѓето подалеку од праведноста (аша) на крајот ќе биде уништен.[4]

Историја

уреди

Ахеменидско Царство

уреди
 
Бехистунските натписи содржат многу забелешки поврзани со Ахура Мазда.

За тоа дали луѓето од Ахеменидското Царство биле зороастрици, сè уште се дебатира. Како и да е, познато е дека го обожувале Ахура Мазда.[5] Слики на Ахура Мазда може да се видат на кралските записи напишани од ахеменидските кралеви. Најзабележителни се Бехистунските натписи, запишани од Дариј I, кои содржат бројни забелешки поврзани со Ахура Мазда. Натпис на грчки јазик е најден во ахеменидски храм во Персеполис, во кој се повикува Ахура Мазда и други два духа, најверојатно Митра и Анахита.

Раниот ахеменидски период не содржи ништо за Ахура Мазда. Симболот на машка фигура со крила, кој европските научници го сметале за Ахура Мазда, всушност бил персонификација на кралската моќ и слава. Кралевите кои го цртале Ахура Мазда како придружник на персиската војска во битките, вообичаено го претставувале како празна кочија на која се впрегнати бели коњи. Употребата на слики за Ахура Мазда се појавува кон крајот на 5 век п.н.е. Првото буквално наведување на името, и првата статуа на Ахура Мазда, се појавиле за време на владеењето на Артаксеркс II, а ги изработил персискиот управник на Лидија во 365 г. п.н.е.[6]

Партско Царство

уреди

Познато е дека почитувањето на Ахура Мазда, заедно со Анахита и Митра продолжило во овој период. Ахура Мазда бил претставуван со цртежи, но тоа престанало во сасанидскиот период. Заратустра се борел против употреба на сите цртежи на Ахура Мазда, во што и успеал, а Ахура Мазда останал да се почитува како достоинствена машка фигура.[6]

Сасанидско Царство

уреди
 
Ахура Мазда (десно, со висока круна) му подарува кралски прстен на Ардашир I (лево). (Накше Рустам, 3 век)
 
Сасанидскиот цар Шапур II (центар) со Митра (лево) и Ахура Мазда (десно), Иран.
 
Анахита лево, како патрон на сасанидската династија зад царот Хозров II, со Ахура Мазда десно. Иран.

За време на Сасанидското Царство, постоела форма на зороастризам, наречена зурванизам.[7][8][9] Зурванизмот ги вратил оригиналните пораки на Заратустра во врска со Ахура Мазда, како и тоа дека тој е „несоздаден дух“. Зурванизмот исто така ги изедначил Ахура Мазда и Ариман според моќта.

Сасанидските кралеви покажувале наклоност кон Ахура Мазда на други начини. Пет кралеви го зеле името Хормизд, а Бахрам II ја создал титулата „Охрмазд-мовбад“, која продолжила да постои и по падот на Сасанидското Царство и за време на исламскиот период. Во иранските дијалекти, сонцето сè уште се нарекува „ормозд“.[6]

Во другите религии

уреди

Во манихејството, името Охрмазд Беј („богот Ахура Мазда“) се користел за првобитната фигура, за „оригиналниот човек“ и за еманација на Таткото на Големината (наречен Зурван) преку кој се жртвувал себеси за да го одбрани светот на светлината, кого го нападнале силите на темнината. Манихејците ги идентификуваат космолошките фигури со оние од зороастризмот.

Во согдијанскиот будизам, Xwrmztʼ (согдијански се пишува без употреба на вокали) било името на Ахура Мазда.[10][11]

Пред христијанството, Ерменците го имале Арамазд како важно божество во нивниот пантеон. Се смета дека тој бил комбинација на урартскиот Ара и иранскиот Ахура Мазда. Денес во Ерменија, Арамазд е машко име.

Некои научници сметаат дека Ахура Мазда потекнува од ведскиот полубог Варуна.[12]

Наводи

уреди
  1. Boyce 1985, стр. 685.
  2. Boyce 1975, стр. 14.
  3. Nigosian 1993, стр. 12.
  4. Andrea 2000, стр. 86.
  5. Bromiley 1995, стр. 126.
  6. 6,0 6,1 6,2 Boyce 1983, стр. 686.
  7. Corduan 1998, стр. 123.
  8. King 2005, стр. 314.
  9. Whitrow 2003, стр. 8.
  10. Unknown 1999, стр. 429.
  11. Frye 1996, стр. 247.
  12. Varuna#In Zoroastrianism

Библиографија

уреди
  • Boyce, Mary (1975), History of Zoroastrianism, Vol. I, The early period, Leiden: Brill
  • Boyce, Mary (1982), History of Zoroastrianism, Vol. II, Under the Achamenians, Leiden: Brill
  • Boyce, Mary (1983), „Ahura Mazdā“, Encyclopaedia Iranica, 1, New York: Routledge & Kegan Paul, стр. 684–687
  • Maneck, Susan Stiles (1997), The Death of Ahriman: Culture, Identity and Theological Change Among the Parsis of India, Bombay: K. R. Cama Oriental Institute
  • Sims-Williams, Nicholas (1992), Sogdian and other Iranian inscriptions of the Upper Indus, University of Michigan, ISBN 978-0-7286-0194-9
  • Andrea, Alfred; James H. Overfield (2000), The Human Record: Sources of Global History : To 1700, 4 (Illustrated. изд.), Houghton Mifflin Harcourt, ISBN 978-0-618-04245-6
  • Corduan, Winfried (1998), Neighboring faiths: a Christian introduction to world religions, InterVarsity Press, ISBN 978-0-8308-1524-1
  • Frye, Richard Nelson (1996), The heritage of Central Asia from antiquity to the Turkish expansion, Markus Wiener Publishers, ISBN 978-1-55876-111-7
  • Unknown (1999), History of civilizations of Central Asia, Volume 3, Motilal Banarsidass Publ
  • King, Karen L. (2005), What is Gnosticism?, Harvard University Press, ISBN 978-0-674-01762-7
  • Whitrow, G. J. (2003), What is time?, Oxford University Press, ISBN 978-0-19-860781-6
  • Bromiley, Geoffrey (1995), The International Standard Bible Encyclopedia: Q-Z, Wm. B. Eerdmans Publishing, ISBN 978-0-8028-3784-4
  • Nigosian, Solomon (1993), The Zoroastrian faith: tradition and modern research, McGill-Queen's Press – MQUP, ISBN 978-0-7735-1144-6