Антрацит
Антрацит[1][2] (грчки: Ανθρακίτης, значи „вид јаглен“, од Anthrax [Άνθραξ], јаглен) — јаглен со висока калоричност и со сјајна црна боја. Има најголем удел на јаглерод, најнизок удел на нечистотии и највисока калорична содржина од сите видови јаглен, вклучително и црниот јаглен (битуменозен јаглен) и кафеавиот јаглен. Антрацитот е најметаморфозниот вид јаглен (но сепак претставува низок степен на метаморфоза), во кој содржината на јаглерод е 92,1 % и 98 %. Поимот се однесува на оние видови јаглен кои не испуштаат катран или јаглеводородни пареи кога се загреваат под нивната точка на палење. Антрацитот е многу запалив и гори со краток син пламен без чад. Антрацитот е категоризиран во стандардна класа која се користи главно во енергетиката, повисок степен (HG) и највисок степен (UGH), кои имаат главна употреба во металуршкиот сектор. Антрацитот сочинува приближно 1% од светските резерви на јаглен и го има во само неколку земји низ светот. Најголемото производство се одвива во Кина. Други производители се Русија, Украина, Јужна Кореја, Виетнам, ОК, Австралија и САД. Вкупното производство во 2010 година изнесувало 670 милиони тони.
Својства
уредиАнтрацитот е сличен по изглед на минерализираниот лигнит и понекогаш се користи за негово имитација. Антрацитот, за разлика од црниот јаглен, има зголемена цврстина и специфична густина (1506 кг/м3),[3] има темносива боја со делумно метален сјај на површината. Се одликува со исклучително висока содржина на врзан јаглерод и ниска содржина на влага (<15%). Нема меки засеци и не ги валка прстите при триење. Антрацитот се смета за преоден стадиум помеѓу црниот јаглен и графитот, а се создава со речиси целосна елиминација на испарливите нечистотии кои се наоѓаат во црниот јаглен.
Калориската вредност на антрацитот е 32,5 - 34 МЏ/кг[4] ископан над влажна неминерална основа. Од 1980 година остатоците од антрацит, или рударскиот отпад, се користат во производството на електрична енергија во термоелектраните.
Познати наоѓалишта се главно во области со изразена орогена активност во средниот и доцниот палеозоик (450 - 250 милиони години) при образувањето на Пангеја. Денес, тоа се области на стари планински набори, со нивните придружни алувијално-леднички наноси. Антрацитот се создава со процес на трансформација (антрацитација) на црниот јаглен со речиси целосна елиминација на испарливите нечистотии пронајдени во него под површината на метаморфните карпи, додека црниот јаглен се наоѓа под области на седиментни карпи. На пример, компримирани слоеви антрацит ископувани во длабоки рудници за јаглен во метаморфните Апалачки Планини, во регионот на јаглен во североисточна Пенсилванија, почивале на корита од црн јаглен ископани во рудниците на седиментната рамнина Алегени, што се протега од јужната држава Њујорк до североисточниот дел на Кентаки, верно следејќи ги контурите на северните падини на Апалачките Планини. Антрацитните региони на Јужен Велс се со слично потекло и се ограничени на областа западно од Свонси и Ланело, додека средишните и источните предели произведуваат исклучиво лигнит, кокс и јаглен за домаќинства.
Структурно, антрацитот покажува промени при создавањето на секундарни раседни рамнини и пукнатини, што ја намалува видливоста на изворните седиментациски слоеви. Има зголемена топлинска спроводливост во споредба со обичниот јаглен, што е лесно забележливо ако со топли раце држиме парче антрацит, кое е ладно на допир, додека слично парче црн јаглен има иста температура како и рацете. Хемискиот состав на типичниот антрацит е даден во статијата за јаглен.
Висок степен
уредиАнтрацит од висок (HG) и највисок степен (UHG) се највисоките степени на антрацитен јаглен. Тие се најчистиот облик на јаглен, имаат највисок степен на јагленификација, најголем број на јаглерод и енергетска содржина и најмалку нечистотии (влага, пепел и пареа). Антрацитот со висок степен и највисок квалитет е поцврст од стандардниот антрацит и имаат поголема релативна густина. Пример за хемиската формула за висококвалитетен антрацит би бил C240H90O4NS, што претставува 93,5% јаглерод. UHG антрацит обично има минимална содржина на јаглерод од 95 %. Висококвалитетните антраците, исто така, се разликуваат според употреба од стандардната класа на антрацит (главно се користи во енергијата), главно се користат во металургијата како исплатлива замена за кокс во процеси како што се синтерување и пелетирање, како и вбризгување на прашкаст јаглен и непосредно вбризгување во високи печки. Тие можат да се користат и за прочистување на водата и како гориво за домаќинство без чад. HG и UHG антрацитот сочинуваат мал процент од вкупниот пазар на антрацит. Главните земји производители се Русија, Украина, Виетнам, Јужна Африка и САД.