Англиска уметност

Англиска уметност — збирен поим на ликовни дела создадени во Англија во рамките на една континуирана традиција. Следејќи историски прегледи како „Уметничкото творештво во Англија“ (Creative Art In England) од Вилијам Џонстон (1936 и 1950), неколку стручњаци се обиделе да дадат дефиниција на овој поим. Такви се Николаус Певзнер со своето дело „Англиштината на англиската уметност“ (The Englishness of English Art, 1956), Сер Рој Стронг „Духот на Британија: Наративна историја на уметноста“ (The Spirit of Britain: A narrative history of the arts, 2000), како и Питер Акројд во неговата книга „Потеклото на англиската фантазија“ (The Origins of the English Imagination, 2002).

Слика од серијата „Брак по мода“ од Вилијам Хогарт
„Џорџ К. Х. Кусмејкер“ (1782) од Џошуа Рејнолдс, во продолжение на традицијата на Антонис ван Дајк

Средновековното англиско сликарство, главно со верска содржина, имало силна национална традиција и во извесни периоди уживало влијание во Европа. Меѓутоа ова влијание почнало да опаѓа во XIV век, а со протестантската реформација оваа традиција нагло престанала, а самото движење довело до уништување на сите ѕидни живописи. Во доволен број денес се зачувани само илуминирани ракописи.

XVI и XVIII век уреди

Од ренесансата, па сѐ до раниот XVIII век, најдобрите сликари во Англија биле туѓинци, многумина од Фландрија. Меѓу нив биле и Ханс Холбајн Помладиот, Антонис ван Дајк, Рубенс, Орацио Џентилески и неговата ќерка Артемизија, Сер Питер Лели и Сер Годфри Нелер. Исклучок од ова била силната англиска традиција на портретната минијатура, започнувајќи со елизабетанскиот сликар Николас Хилијард, кој вештините ги научил од континентални уметници. Традицијата продолжила со уметникот Исак Оливер и многу други. Во следниот век се појавиле низа англиски сликари на портрети во природна големина, а пак кон крајот на векот почнал да се практикува и друга англиска специјалност, жанрот на пределното сликарство. Обата жанра се развиле под големо влијание на Антонис ван Дајк, иако тој самиот не обучувал ниеден англиски силар. Во XVII век англиското благородништво веќе претставувало важен колекционер на европска уметност, под водство на кралот Чарлс I и Томас Хавард, Ерлот од Арандел во првата половина од тој век. Кон крајот на векот Големата обиколка се зацврстила како задолжителна за богатата младина.

XVIII век уреди

Во XVIII век англиското сликарство повторно добило свој карактеристичен стил и традиција, сѐ уште задржувајќи се на портрети и предели, но воедно обидувајќи се да пронајде успешен пристап кон историското сликарство, кое заземало највисоко место во хиерархијата на жанровите.

Сликите на Сер Џејмс Торнхил биле изведени во европски барокен стил, па така за Вилијам Хогарт може да се рече дека е првиот англиски уметник — англиски по навики, карактер и темперамент, како и по раѓање. Неговите сатирични дела, полни со црн хумор се изворно англиски, посочувајќи им ги на своите современици деформитетите, маните и пороците на лондонскиот живот.

Водечки портретисти во ова време биле Томас Гејнсборо; Сер Џошуа Рејнолдс, основач на Кралската академија; Џорџ Ромни; и Сер Томас Лоренс. Џозеф Рајт од Дерби бил прочуен по своите детални слики осветлени со свеќа, а Џорџ Стабс за неговите слики на животни.

XIX век уреди

 
Солсбериската катедрала од ливадите“ (1829) од Џон Констабл

Раниот XIX век го бележи пројавувањето на т.н. Норвичка школа на сликари. Под влијание на холандското пределно сликараство и пределите во Норфолк, Норвичката школа било првото провинцијално уметничко движење вон Лондон. Иако оваа школа била кратковечна заради слабото покровителство и несогласувања помеѓу уметниците, таа имала видни членови како нејзиниот основач Џон Кром, истакнатиот акварелист Џон Сел Котман и надежниот, но кратковечен поморски сликар Џозеф Стенард.

Пол Сендби се смета за таткото на англискиот акварел. Други значајни пределни сликари од XVIII и XIX се Ричард Вилсон; Џорџ Морланд; Џон Роберт Козенс; Томас Гертин; Џон Констабл; Џ. М. В. Тарнер; и Џон Линел.

Предрафаелитското движење, кое започнало во 1840-тите доминирало во англиската уметност во втората половина на XIX век. Неговите членови — Вилијам Холман Хант; Данте Габриел Росети; Џон Еверет Миле и други — се задржувале на религиозни, книжевни и битови дела кои со одликуваат со разнобојност, прецизни детали и речиси фотографски стил.

Поврзано уреди

 
„Преминување на потокот“ од Џ. М. В. Тарнер

Музеи со англиска уметност уреди

Истакнати англиски уметници уреди

Литература уреди

  • Ellis Waterhouse, "Painting in Britain, 1530-1790", Четврто издание, 1978, Penguin Books (сега дел од Yale History of Art)
  • Nikolaus Pevsner, The Englishness of English Art (London, 1956)
  • William Gaunt, The Great Century of British Painting: Hogarth to Turner (London, 1971)
  • Joseph Burke, English Art, 1714–1800 (Oxford, 1976)
  • David Bindman (ed.), The Thames and Hudson Encyclopaedia of British Art (London, 1985)
  • William Vaughan, British Painting: The Golden Age from Hogarth to Turner (London, 1999)

Надворешни врски уреди