Јероним Бос

холандски сликар
(Пренасочено од Јероним Бош)

Јероним Бос (холандски: Jheronimus или Hieronymus Bosch, Хиеронимус Бос; родено име: Јерун Антонисон ван Акен (Jeroen Anthoniszoon van Aken; ~ 14509 август 1516) — истакнат сликар од ранофламанскиот период. Познат е по неговите дела со фантастични фигури и ситуации, со кои илустрирал верски идеи и учења.[1]

Јероним Бос
Портрет на Јероним Бос од 1585 г.
Роден(а)Хертогенбос, војводство Брабант (Холандија)
НационалностХоланѓанец
Познат(а) посликарство
Значајни делаГрадина на земските наслади
Искушението на св. Антониј
Правецранофламанска ренесанса

Живот

уреди

Бос е роден како Јерун ван Акен („од Ахен“). Потпишувал доста слики како Bosch (среднохоландски изговор: „Бос“). Презимето доаѓа од неговото родно место, Хертогенбос, честопати нарекувано „Ден Бос“.

За неговиот живот и обука знаеме прилично малку. Бос нема оставено никакви писма или дневници, па така сето она што го знаеме е изведено од куси записи во управните тефтери на градот Хертогенбос, и сметководните книги на локалното Богородично братство. Исто така не се знае ништо за неговиот карактер и неговите размисли за сопствените дела. Не е сигурна ни неговата година на раѓање. Се смета дека е роден околу 1450 г., а тоа е изведено од еден портрет (кој може да е автопортрет) нацртан во 1516 г, кратко време пред неговат смрт, каде личи како да има речиси седумдесет години.[2]

 
Детаљ од „Искушението на св. Антониј

Бос е роден близу градот Хертогенбос, каде воедно го провел сиот свој живот. Дедо му, Јан ван Акен († 1454), бил сликар, првпат споменат во записи од 1430 г. Познато е дека Јан имал пет сина, од кои четири биле сликари како него. Татко му на Бос, Анмтониус ван Акен (починал ~ 1478) работел како уметнички советник на Богородичното братство.[3] Се смета дека Бос научил да слика од татка си или некој од чичковците, но од нив нема преостанато ниедно дело.[4] Самиот Бос за првпат се споменува во градскиот тефтер од 1474 г, каде е споменат заедно со уште двајхца браќа и една сестра.

Хертогенбос во XV век бил просперитетен град и седиште на војводството Брабант во денешна јужна Холандија, кој тогаш бил составен дел од Бургундските Ниски Земји. Подоцна градот прешол од власта на Хабсбурговците по пат на брак. Во 1463 г. се случил катастрофален пожар, во кој изгореле 4.000 куќи - настан кој веројатно го посведочил самиот Бос како дете. Подоцна станал баран сликар и честопати добивал нарачки од странство. Во 1488 се придружил кон високопочитуваното Богородично братство, ултраконзервативна верска група од 40 влијателни граѓани на Хертогенбос, и уште 7.000 надворешни членови од разни делови на Европа.

Помеѓу 1479 и 1481 Бос се оженил со Алејтс Гојартс ван ден Мервен, која била неколку години постара од него. Брачниот пар потоа се преселил во блиското место Ојрсхот, каде жена му добила имот од наследство.[5]

Босовата смрт е забележана во записникот на Богородичното братство како 1516 г, кога, на 9 август истата година е одржана погребна миса во црквата „Св. Јован“.[6]

Дела

уреди
 
Градина на земските наслади“ - најпознатиот Босов триптих
 
Статуа на Бос во Хертогенбос

Бос насликал неколку триптиси. Меѓу најпознатите се вбројува делото „Градина на земските наслади“. На оваа слика, чиј изворен наслов не е познат, се прикажани Адам и Ева и најразлични чудни животни (лево), земските наслади на многуте голи тела и стравотното овошје со птици (средина), и пеколот во кој се спроведуваат фантастични казни за разновидните грешници (десно). На надворешната страна на плочите (видлива кога триптихот е затворен) во гризај е претставен Господ како ја создава Земјата. Овие слики - особено пеколот — се насликани донекаде нафрлано, што во голема мера отстапува од традиционалниот фламански стил, каде потезите се скривале со повеќе проѕирни премази. Бос намерно сакал да е видат потезите, и ова е уште поочигледно кај делата како „Искушението на св. Антониј“ (Лисабон). Затоа не е чудо што Бос се смета за еден од најреволуционерните цртачи во историјата на уметноста, како првиот автор на самостојни цртежи во северна Европа.

Бос никогаш не ја запишувал годината на делата. Но, иако необично за тоа време, редовно се потпишувал. Постојат многу потпишани дела за кои некогаш се сметало дека се негови, но утврдено е дека денес постојат само 25 слики што со сигурност се негови. Во доцниот XVI век, шпанскиот крал Филип II набавил голем број негови дела, меѓу кои и оние порачани од Шпанци што живееле во Хертогенбос. Како резултат на ова, денес музејот Прадо во Мадрид е сопственик на делата „Градина на земските наслади“, кружната таблена слика „Седумте смртни грева и Четирите последни нешта“, триптихот „Кола сено“ и „Вадење на каменот на лудилото“.

Значење и влијание

уреди

Во 1955 година, полскиот поет Тадеуш Ружевич ја напишал песната „Блудниот син“, инспирирана од слика на Јероним Бос.[7]

Библиографија

уреди
  • Bax, Dirk. (1949), “Ontcijfering van Jeroen Bosch”. Den Haag.
  • Gibson, Walter S (1973). “Hieronymus Bosch”. New York: Thames and Hudson. ISBN 0-5002-O134-X
  • Koldeweij, Jos & Bernard Vermet & Barbera van Kooij: Hieronymus Bosch. New Insights Into His Life and Work, NAi Publishers, Rotterdam 2001. ISBN 90-5662-214-5

Белешки

уреди
  1. Catherine B. Scallen, The Art of the Northern Renaissance (Chantilly: The Teaching Company, 2007), Предавање 26
  2. Gibson, 15-16
  3. Gibson, 15, 17
  4. Gibson, 19
  5. Valery, Paul. "The Phase of Doubt, A Critical Reflection".
  6. Gibson, 18
  7. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 10-14.

Надворешни врски

уреди