Јане Коџабашија
Јане Коџабашија (Купа, Кукушко, 19 јули 1942) — македонски музички деец, композитор и возобновувач на источното црковно пеење во Македонија. Создава популарна, детска, камерна, хорска и црковна музика.
Јане Коџабашија | |
---|---|
Роден(а) | 19 јули 1942 Купа, Кукушко, Грција |
Националност | Влав |
Занимање | композитор и музиколог |
Животопис
уредиКоџабашија е роден на 19 јули 1942 година во влашкото кукушко село Купа. Студирал теорија на музика на Музичката академија во Белград кај проф. Властимир Перичиќ, а соло пеење на Факултетот за музичка уметност кај проф. Коста Трпков. Постдипломски студии завршил на Музичката академија во Букурешт кај проф. д-р Себастиан Барбу Букур. Насловот на неговата докторска теза била „Византиската музичка култура на територијата на Македонија во 19 век“. Во текот на својот работен век, извршувал разни должности во Македонската радио-телевизија, работејќи како новинар и уредник на Музичко-говорната редакција, уредник на музичката Прва, а потоа и Втора програма на Македонското Радио, и одговорен уредник на Музичката и касетна продукција на Македонската радио-телевизија. Напоредно од 1983 година, тој извршувал и функција на директор на Македонија концерт – организација за презентирање на културните вредности на Македонија во странство, сè до 1990 година. Тој остварил и значаен број рецензии и критики за Радио Скопје и други весници и списанија.
Од почетокот на 21 век негова главна преокупација била црковното пеење од византиската традиција.[1] По осамостојувањето на Македонија го истражувл источното црковно пеење и активно се ангажирал за неговото возобновување во македонските православни храмови. Црковно пеење предавал на Средното богословско училиште, а после бил и професор на Богословскиот факултет, каде ги држел постдипломските студии по предметиме „Историски аспекти на црковното пеење“ и „теорија и практика на црковното пеење од византиската традиција“. Објавил поголем број зборници на црковно пеење и теоретски трудови за изучување на источното црковно пеење.[2] Од 2017 година е претседател на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).[3]
Наводи
уреди- ↑ „Заложба за враќање на византиското пеење“
- ↑ „Проф. Д-р Јане Коџабашија“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-06-28. Посетено на 2018-10-28.
- ↑ „„Проф. д-р Јане Коџабашија е нов претседател на Собранието на СОКОМ"“. Архивирано од изворникот на 24 јануари 2021. Посетено на 2018-10-28.