Јакоб фон Гунтен (германски: Jakob von Gunten. Ein Tagebuch) е роман од германскиот писател Роберт Валзер. Романот за првпат бил објавен во 1909 година, додека македонскиот превод е објавен од издавачката куќа „Темплум“.

Роберт Валсер 1890

Содржина

уреди

Романот, напишан во вид на дневник, го прикажува животот на главниот јунак, Јакоб фон Гунтен, кој еден ден се појавува во Институтот Бенјамента, кој претставува училиште за момчиња во кое ги изучуваат вештините неопходни за работа како слуги. Инаку, Јакоб потекнува од старо, благородничко семејство, а татко му е државен службеник. Не сакајќи да го продолжи животот според барањата и очекувањата на семејството, тој го напушта домот и доброволно оди во Институтот Бенјамента, воден од управникот, господинот Бенјамента и неговата сестра, Лиза.

Во Институтот, момчињата не учат ништо паметно, туку само исполнуваат бесмислени наредби и поради тоа, Јакоб е незадоволен од престојот. Наспроти него, еден друг ученик, Краус, е совршено потчинет и ги исполнува сите наредби на претпоставените. Одвреме-навреме, тој оди во градот каде се среќава со својот брат, кој е богат и успешен уметник. Постепено, Јакоб го привлекува вниманието на управникот и на Лиза, така што тие отворено му кажуваат дека тој им е симпатичен. На пример, Лиза му се доверува дека има голема болка на душата и дека наскоро ќе умре поради несреќната љубов. Управникот, пак, го моли Јакоб да не го напушта училиштето, туку да остане со него. На крајот, еден ден, Лиза ненадејно умира, а Јакоб ја прифаќа понудата од управникот заедно да тргнат на пат во далечните земји.[1]

За делото

уреди

Романот „Јакоб фон Гунтен“ претставува необична, длабоко-мисловна, едноставна, но високо уметничка книга на еден необичен писател, кој бил далеку пред своето време. Некои современици на Валзер го сметале овој роман за одлично дело, а тој бил омилена книга на Франц Кафка. Самиот Валзер, кому ова му било најдраго дело, сметал дека романот претставува „поетска фантазија“ и дека е „премногу смел“, а подоцна изјавил дека во него има многу автобиографски елементи. Имено, на 27 годишна возраст, Валзер посетувал четиринеделен курс во едно училиште за слуги во Берлин. Исто така, во заднината на романот се препознава општествениот живот во Берлин, каде што Валзер живеел во текот на 1905-1906 година.

Со својот виртуозен стил, преполн со имагинација, и со леснотијата во раскажувањето, романот “Јакоб фон Гунтен” му ја донела на Валзер престижната позиција на иноватор на германската литература.[2]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2005 година, романот „Јакоб фон Гунтен“ е објавен од издавачката куќа „Темплум“, како прва книга на библиотеката „Магма“. Преводот од германски јазикго извршила Лепа Георгиевска. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 150 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-11-9. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. Сликата на предната корица е дело на Ширин Кулаџи (Shirin Kouladjie). На крајот од книгата се наоѓа белешка за романот, напишана од Никола Б. Цветковиќ, како и белешка за авторот, потпишана со иницијалите Н.Г. На задната корица е даден кус осврт врз делото.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Роберт Валзер, Јакоб фон Гунтен (второ издание), Темплум, Скопје, 2005.
  2. Никола Б. Цветковиќ, “Белешка за романот”, во: Роберт Валзер, Јакоб фон Гунтен (второ издание), Темплум, Скопје, 2005, стр. 147-148.