Ѓорѓи Чупона
Ѓорѓи Чупона (10 април 1930 во Маловиште — 16 декември 2009 во Скопје) — македонски математичар, универзитетски професор и академик на МАНУ.[1][2]
Ѓорѓи Чупона | ||
Роден | Ѓорѓи Ташков Чупона 10 април 1930 Маловиште, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 16 декември 2009 (возраст: 79) Скопје, Македонија | |
Националност | Влав | |
Познат | основоположник на македонската алгебра | |
Занимање | математичар, универзитетски професор, академик |
Чупона е еден од втемелувачите на Институтот за Информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.[3]
Животопис
уредиАкадемик д-р Ѓорѓи Чупона е роден во битолското село Маловиште, во 1930 година. Основно и средно образование оформил во Битола, а дипломирал во 1953 година на Филозофскиот факултет во Скопје, група за математика. Докторирал во 1959 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на тема „Прилог кон теоријата на алгебарските структури“, под менторство на проф. д-р Владимир Девиде. Во текот на 1964 година престојувал на специјализација на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија.
За дописен член на МАНУ е избран на 14 мај 1979 година, а за редовен член на 21 ноември 1983 година. По дипломирањето работел како професор по математика во средно училиште до неговиот избор, во февруари 1955 година, за асистент по математика на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1961 година бил избран за доцент на Техничкиот (подоцна Електро-машинскиот) факултет во Скопје. За вонреден професор бил избран во 1967 година, кога се вратил на ПМФ во Скопје, каде што во 1972 година бил унапреден во редовен професор за областа алгебра. Од 1985 година до пензионирањето во 1994 година, бил член на новоформираниот Институт за информатика на ПМФ.
Научен интерес на д-р Ѓорѓи Чупона претставува алгебрата, посебно делот од универзалната алгебра што ги третира n-арните, векторско-вредносните и други на нив слични структури. Во македонската математика тој е основоположник на алгебрата, како и на дисциплините тесно поврзани со неа, од сите нејзини аспекти. Тој е првиот македонски математичар кој објавил научни трудови од областа на алгебрата, под негово раководство се издигнаа сите наши кадри од оваа област. Прв автор е на универзитетски учебници од оваа дисциплина. Соработката остварена со редица математичари од поранешните југословенски простори, како и големиот број печатени заеднички трудови, го истакнаа како еден од водечките алгебристи во СФР Југославија. Во 1980 година во Скопје ја организирал првата Алгебарска конференција во Југославија, од која подоцна произлегоа познатите југословенски алгебарски конференции што се одржуваа во сите позначајни математички центри. Според достигнатите научни резултати, посебно во областа на n-арните алгебарски структури, тој успеа да ја направи македонската алгебра препознатлива и во светски рамки.
Професор Чупона има објавено околу 100 научни трудови во домашни и во меѓународни списанија, зборници на трудови, книги. Учествувал на меѓународните математички конгреси во Москва 1966 година, и во Ница, 1970 година, како и на многу конференции и научни собири ширум СФРЈ. Во текот на последните три децении бил раководител на голем број научни проекти, финансирани од СИЗ за научни дејности и од МАНУ. Во рамките на тие проекти редовно организирал семинари, кои одиграа значајна улога во афирмирањето и во научното издигнување на голем број соработници. Некои од семинарите беа одржани како еднонеделни научни собири во други места од Републикава со учество на математичари од повеќе универзитетски центри надвор од Македонија. Улогата што ја одиграа учебниците Предавања по алгебра I, Предавања по алгебра II и Алгебарски структури и реалниброеви, како и Предавања по виша математикаI, II, III и Виша математика I, II, III, IV, наменети за студентите од техничките факултети, чиј автор, односно соавтор е тој, одиграа незаменлива улога во издигањето на алгебарската и, пошироко, математичката култура во нашата средина.
Голем е неговиот ангажман и во развојот на компјутерските науки кај нас, посебно оној нивен дел што е тесно поврзан со математиката. Во периодот 1969-1973 г. беше директор на Математичкиот институт со нумерички центар при Универзитетот во Скопје, од кој произлегоа повеќе кадри кои сега работат на полето на информатиката. Бил иницијатор на математичките школи за млади математичари, а во еден мандатен период и претседател на Друштвото на математичарите на Македонија. Има добиено повеќе признанија и награди за покажаните резултати: плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, наградата 11 Октомври во 1966 година и други. Одликуван е со Орден заслуги за народ со сребрен венец и со Орден на трудот со златен венец.
Починал на 16 декември 2009 во Скопје, каде што е и погребан.
Чупона како тема во уметноста
уреди- „Омаж за математичарот Ѓорѓи Чупона“, расказ од Владимир Костов, дел од книгата Даровна
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Чурликари“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1633. Text "series " ignored (help)
- ↑ Letopis na Makedonskata akademija na naukite i umetnostite. Makedonska akademija na naukite i umetnostite. 2002.
- ↑ „Институт за информатика“. ПМФ - Скопје. Архивирано од изворникот на 2011-05-24. Посетено на 2012-05-31.
Надворешни врски
уреди- Научни трудови на Ѓорѓи Чупона Архивирано на 20 јануари 2015 г.
- Научни трудови по алгебра во Република Македонија, 1950-2007 Архивирано на 20 февруари 2012 г.