Ѓорѓи Филиповски

македонски професор и научник од областа на педологијата

Ѓорѓи Филиповски (с. Суровичево, Леринско, 6 мај 1919Скопје, 21 декември 2019) — македонски професор и научник од областа на педологијата - науката за почвите, агрохемијата и земјоделството. Член на МАНУ од нејзиното основање.

Ѓорѓи Филиповски
Ѓорѓи Филиповски
Роден(а)6 мај 1919
Суровичево, Егејска Македонија
Починал(а)21 декември 2019(2019-12-21) (возр. 100)
Скопје, Македонија
НационалностМакедонец
ПолињаПриродни науки, земјоделство, педологија (наука за почвите), агрохемија
УстановиЗемјоделско-шумарски факултет во Софија, Земјоделско-шумарски факултет во Скопје, Земјоделско-испитателен институт - Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
ОбразованиеЗемјоделско-шумарски факултет во Земун, Земјоделско-шумарски Факултет во Софија
Теза(1942)

Образование и работен век

уреди

Основно училиште и гимназија завршил во Битола 1937 година. Од 1937 до 1941 година студирал на Земјоделско шумарскиот факултет (Земјоделски отсек) во Земун. Дипломирал во Софија во 1942 година на Земјоделско шумарскиот факултет. Докторирал на Земјоделскиот факултет во Земун.

Активно учествувал во прогресивното студентско движење пред војната и во НОВ, веднаш по окупацијата. Од 1942 до 1944 година е асистент по Педологија на Земјоделско-шумарскиот факултет во Софија. Од 1945 до 1947 година е шеф на Педолошко-агротехничкиот отсек при Земјоделско-испитателниот интитут во Скопје. Во 1947 година е избран за предавач, 1949 година за доцент, 1954 година за вонреден и 1960 година за редовен професор по предметот Педологија на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Од основањето на Факултетот е шеф на Катедрата по педологија и агрохемија. Во учебната 1948/1949 година бил шеф на Земјоделскиот оддел, во 1949–1950 година продекан и во 1955–1956 година декан на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Држел предавања на III степен по предметот Мелиоративна педологија во Скопје и бил хонорарен професор на III степен на Земјоделско-шумарскиот факултет во Белград. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963/64 и 1964/65 учебна година бил ректор на Универзитетот во Скопје. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 18 август 1967 година.

Научна дејност

уреди

Објавил над 200 научни трудови и 19 монографии во наши и странски списанија. Две монографии му се преведени на англиски јазик во САД. Трудовите му се од повеќе области на педологијата, областа на географијата, генезата и класификацијата на почвите, како и од областа на мелиорациите и ерозијата на почвите. Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 томови во издание на МАНУ. Во 2016 е промовирана напишаната студија од 250 страници во која се објавени резултатите од седумдецениските истражувања на почвите на Република Македонија заедно со Педолошка карта.

Како експерт на ФАО бил во повеќе земји на Југоисточна Европа во врска со составувањето на педолошки карти, a како експерт на нашата земја престојувал во Египет во врска со користењето на водите од Асуанската брана за мелиорација на солените почви. Бил на специјализација, студиски престој или присуствувал на меѓународни и национални конгреси и држел предавања и реферати во повеќе земји: во САД, СССР, Велика Британија, Франција, СР Германија, Австрија, Швајцарија, Чехословачка, Романија, Бугарија, Грција, Турција и Египет.

Награди и признанија

уреди

Парично е награден од Владата на СР Македонија во 1946 година, одликуван е со Орден на трудот од III и II степен, како и со Орден на трудот со црвено знаме. Носител е на републичката награда „11 Октомври“.

Бил член на Меѓународното друштво за проучување на почвите, бил потпретседател и претседател на Југословенското друштво за проучување на почвите во Белград и на неговата Секција во Скопје, член на редакциониот одбор на научното списание „Земљиште и биљка“ (Белград), главен уредник на Годишниот зборник на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, член на Универзитетскиот совет, член на Сојузниот фонд за научна работа и на комисиите на Сојузниот совет за координација на научните дејности, член на Управните одбори за наградите: АВНОЈ - „29 Ноември“ (Белград) и „11 Октомври“ (Скопје), како и член на Републичкиот совет за научна работа и др.

Промовиран е за doctor honoris causa (почесен доктор) на Универзитетот во Брадфорд (Англија). Во 1973 година е избран за член на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина.

Во 2007 година бил одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.