Парфем

мешавина што оддава пријатен мирис
(Пренасочено од Parfem)

Парфем (англиски: perfume, француски: parfum) е мешавина од миризливи етерични масла и ароматични соедниненија, фиксативи и растворувачи, кои се користат за да им дадат на луѓето, животните, објектите и животните простори пријатна миризба. Ароматичните соедниненија во парфемот можат да бидат добиени синтетички, да потекнуваат од растение или да имаат животинско потекло.

За постоењето на парфемите уште од времето на првите цивилизации се дознало од некои стари текстови или од археолошки ископини. Модерното производство на парфеми започнало во доцниот XIX век со комерцијалната синтеза на ароматичните соединенија како ванилин и кумарин, кои овозможиле создавање на парфеми со претходно недостижни мириси единствено од природни ароматични соединенија.

Историја

уреди

Зборот парфем кој се користи денес потекнува од латинскиот збор per fumus, што значи “низ чад”. Производството на парфеми, или уметноста на создавање парфеми, започнала во стара Месопотамија и Египет и била подоцна усовршена од Римјаните и Персијците.

Иако парфемот и производството на парфеми постоело и во Индија, повеќето од мирисите биле претставени со миризливи стапчиња. Првата дестилација на парфем од Итар се споменува во индиската ајур веда Charaka Samhita. Во биографската книга за индискиот император Харша, Harshacharita, напишана во VII век во Северна Индија, се споменува употребата на етеричното масло од агар дрвото.

Првиот хемичар запишан во историјата се смета дека е жена наречена Етрускан, произведувач на парфеми, чие име било напишано со клинесто писмо на плоча, уште од II милениум п.н.е. во Месопотамија. Таа дестилирала цветови, масла и каламус растение со други ароматични соединенија, и потоа ги филтрирала и ги враќала назад во казанот неколкупати.

Во 2005 година, археолози пронашле парфеми во Пиргос, Кипар, кои се сметаат за најстарите парфеми во светот. Овие парфеми датираат од пред повеќе од 4000 години. Парфемите биле пронајдени во прастара парфимерија. Во парфимерија од 4000 м² биле пронајдени најмалку 60 казани, садови за мешање, инки и шишиња од парфеми. Во древната историја, луѓето користеле билки и мирудии како бадем, коријандер, мирта, смола од зимзелено дрво, бергамот, како и разни цветови.

Арапскиот хемичар Ал-Кинди (Alkindus), во IX век напишал книга за парфеми која ја нарекол Книга за хемијата на парфемите и дестилациите. Книгата содржела повеќе од сто рецепти за миризливи масла, мевлеми, ароматични води и замени или имитации на скапи дроги. Книгата исто така ги опишувала 107те методи и рецепти за произведување на парфем и опремата која е потребна за тоа, како на пример алембикот (кој сè уште го носи своето арапско име).

Персискиот хемичар Ибн Сина (уште познат како Авиценна) го вовел процесот на екстракција на масло од цветовите со дестилација, денес најчесто употребуван метод. Тој најпрво експериментирал со трендафил. Пред неговото откритие, течните парфеми биле мешавина од масло и здробени билки или ливчиња од цвет, што претставувало силна смеса. Водата од трендафилите била понежна и веднаш станала популарна. Двете суровински состојки и технологијата на дестилирање значително влијаеле врз производството на парфеми и научните достигнувања на Запад, особено во хемијата.

Уметноста на создавањето на парфеми се практикувала во Западна Европа уште од 1221 година, доколку се земат предвид рецептите на монасите од Санта Марија деле Виње или Санта Марија Новела во Фиренца, Италија. На Истокот, во 1370 година Унгарите произвеле парфем направен од миризливи масла помешани во алкохолен раствор, по наредба на Кралицата Елизабета од Унгарија, познат како Унгарска вода. Уметноста на создавање на парфеми напредувала во Ренесансната Италија, а во XVI век италијанската префинетост била одведена во Франција од страна на личниот произведувач на парфеми на кралицата Катарина Де Медичи, Рене од Фиренца (Renato il fiorentino). Неговата лабораторија била поврзана со собите на кралицата преку таен премин, за да се избегне ризикот од можна кражба на формулите. Благодарение на Рене, Франција брзо станала еден од европските центри за производство на парфеми и козметика. Култивирањето на цветови поради нивниот мирис, што започнало во XIV век, прераснало во огромна индустрија во Западна Франција. Во периодот помеѓу XVI и XVII век, парфеми користеле главно богатите за да го прикријат лошиот мирис на телото, кој бил резултат на нередовното капење. Делумно поради ова и била создадена индустријата за производство на парфеми. Во Германија, италијанскиот бербер Џовани Паоло Феминис создал парфимирана вода наречена Aqua Admirabilis, денес позната како колоњска вода (eau de cologne), а неговиот внук Џовани Марија Фарина во 1732 година го преземал бизнисот. До XVIII век, ароматични растенија биле одгледувани во регионот Грас во Франција, на Сицилија и во Калабрија, Италија, за снабдување на растечката индустрија на парфеми со суровини. Дури и денес, Италија и Франција се центри на европскиот дизајн и трговија со парфеми.

Концентрирање

уреди

Разните типови парфеми се одраз на концентрацијата на ароматични соединенија во растворувач, што кај првокласен мирис обично е етанол или раствор од вода и етанол. Дефиницијата на типовите парфеми варира во зависност од изворите. Концентрацијата по волумни проценти на миризливо масло изнесува:

  • Екстракт од парфем, или едноставно парфем: 15-40% (IFRА: најчесто 20%) ароматични соединенија
  • Esprit de Parfum (ESdP): 15-30% ароматични соединенија, ретко користена јака концентрација помеѓу EdP и парфем
  • Eau de Parfum (EdP), Parfum de Toilete (PdT): 10-20% (најчесто~15%) ароматични соединенија, понекогаш запишани како “eau de perfume” или “millésime”
  • Eau de Toilette- EdT (Тоалетна вода): 5-15% (најчесто~10%) ароматични соединенија
  • Eau de Cologne- EdC (Колонска вода): типови парфеми на кипарски цитруси со 3-8% (најчесто~5%) ароматични соединенија
  • Perfume mist: 3-8% ароматични соединенија (најчесто безалкохолен растворувач)
  • Дезодоранс и Лосион за после бричење: 1-3% ароматични соединенија

Типови на растворувачи

уреди

Иако не секогаш, најчесто миризливите масла се разредени со растворувач, чија употреба е доста оспорувана. Најчесто употребуван растворувач за разредување на миризливи масла е етил алкохолот или раствор на етил алкохолот и вода. Миризливите масла, исто така, можат да бидат разредени со помош на масла со неутрален мирис, како што е фракционирано кокосово масло или течни восоци, како маслото јојоба.

Непрецизна терминологија

уреди

Јачината и трајноста на парфемот зависи од концентрацијата, јачината и трајноста на ароматичните соединенија (природните етерични масла/ миризливи масла) кои се користат: како што се зголемува процентот на ароматични соединенија, така се зголемува и јачината и трајноста на добиениот парфем. Различни парфимерии ставаат различна количина на масла во своите парфеми. Според тоа, иако концентрацијата на маслото кај разреден Eau de Parfum (EdP) е секако поголема од онаа кај тоалетна вода (Eau de Toilette (EdT)) до одредена граница, количината може да варира од парфимерија до парфимерија. Тоалетна вода од една парфимерија може да биде појака од тоалетна вода од друга парфимерија.

На пазарот ретко се наоѓаат машки парфеми како EdP или екстракти од парфем; исто како што ретко се продаваат женски парфеми како EdC. Иако овој карактеристичен начин на именување на парфемот според тоа кој го користи е општо познат во назначувањето на мирисната концентрација, тој нема директна врска со тоа дали парфемот е наменет за мажи или за жени. Покрај тоа, некои парфеми со истото име на производ но со различна назнака за концентрација може да се разликуваат не само во разредувањето, туку и да се направени со сосема различна смеса од миризливи масла. На пример, со цел EdT верзијата на парфемот да се направи полесна и посвежа од EdP верзијата, можно е EdT маслото да биде изменето така што ќе содржи повеќе горни ноти или помалку основни ноти. Во некои случаи, зборови какви што extrême, intense, или concentrée и кои може да ја прикажат ароматичната концентрација се всушност сосема различни мириси, поврзани само поради сличнa цртa на парфемот. Пример за ова се парфемите на Шанел Pour Monsieur и Pour Monsieur Concentrée.

Уште од 1706 година, во Келн, Германија, Eau de Cologne (EdC) е првобитно карактеристичен мирис и бренд. Сепак, надвор од Германија овој термин стана поим за кипарски цитрон парфеми (без основна нота).

Опис на парфемот

уреди

Точните формули на парфемите пуштени во продажба се чуваат во тајна. Дури и кога тие би биле јавно откриени, во нивната формула би доминирале така сложени состојки и мирисни компоненти, така што не би биле од голема помош на обичниот потрошувач во описот за доживувањето на мирисот. Сепак, добрите познавачи на парфеми можат да станат многу успешни во одредувањето на состојките и потеклата на мирисите исто како и експертите за вино.

Најдобар начин да се започне со опис на парфемот е да се земат предвид елементите на мирисните ноти на парфемот или “фамилијата” на која тој й припаѓа, кои влијаат на општиот впечаток за парфемот уште од првото нанесување па сè до последниот задржан тон.

Мирисни ноти

уреди

За парфемот се користи музичка метафора, односно се вели дека секој парфем има три групи на ноти, кои ja даваат хармоничната мирисен акорд. Со време, нотите се откриваат, со моментално чувство за горната нота, која води до подлабоката средна нота, а основните ноти се појавуваат постепено како последна фаза. Овие ноти се создадени внимателно, со познавање на процесот на ветреење на парфемот.

Горни ноти: мирисот кој се чувствува веднаш по ставањето на парфемот. Горните ноти се составени од мали, лесни молекули кои ветреат брзо. Тие го формираат првиот впечаток на човекот за парфемот, поради што се многу значајни за продажба на парфемот. Тие исто така се нарекуваат и водечки ноти.

Средни ноти: мирисот на парфемот што се чувствува пред горните ноти да исчезнат. Состојките на средните ноти претставува го „срцето” или телото на парфемот и служат за да го прикријат често непријатниот прв впечаток од основните ноти, кој станува попријатен со време. Тие се наречени и централни (срцеви) ноти.

Основни ноти: мирисот на парфемот што се чувствува близу пред исчезнувањето на средните ноти. Основните и средните ноти ја создаваат главната композиција на парфемот. Основните ноти му даваат длабочина и цврстина на парфемот. Состојките од оваа класа на мириси се карактеристично јаки и „длабоки” и обично не се чувствуваат пред да поминат 30 минути од нанесување на парфемот.

Основните ноти влијаат на горните и средните ноти, како што и мирисот на основните ноти се менува од видот на ароматичните супстанции искористени како средни ноти. Производителите на парфеми обично ги објавуваат мирисните ноти, претставени како мирисна пирамида, со состојките излистани со имагинарни и апстрактни поими.

Мирисни семејства

уреди

Групирањето на парфеми, како и секоја таксономија, не може да биде целосно објективен или завршен процес. Многу мириси содржат аспекти на различни семејства. Дури и парфем назначен како да е од „цвет од едно единствено растение“, колку и да е суптилен, ќе има нијанси на други мириси. Во парфемите ретко се среќаваат “вистински” неделиви мирисни компоненти, бидејќи во тој случај би требало парфемот да претставува само еден ароматичен материјал.

Класификацијата по мирисни семејства е почетна точка на опис на парфемот, но не може да укаже на специфичните одлики на тој парфем.

Традиционална

уреди

Традиционалната класификација која се појавила кон 1900 година ги опфаќала следните категории:

Од цвет од едно растение: Парфеми во кои доминира мирис на цвет од едно растение; на француски soliflore. (на пример, Sa Majeste La Rose од Серж Лутен, чиј мирис доминира на трендафил.)

Од цветови од повеќе растенија: Комбинација на мириси од цветови од повеќе растенија во ароматичното соединение. Тука спаѓа парфемот Quelques Fleurs од Хубигант и Joy од Жан Пату.

Килибарска или “Ориентална”: Широка мирисна класа која ги вклучува слатките и по малку анимални мириси на амбергрис и лабданум, најчесто мешани со ванила, тонка грав, цветови и дрва. Може да биде зајакната со камфорни масла и смолови мирисни стапчиња, која наликува на сликата од Викторијанската ера за Средниот и Далечен Исток. Типични примероци од овој вид на мирисна класа се Shalimar на француската куќа на парфеми Герлајн и Opium на Ив Сент Лорен.

Со мирис на дрво: Парфеми чија арома доминира на мириси од дрво, најчесто од агар дрво, сандаловина и кедровина. Растението пачули, со својот камфорен мирис, често е дел од составот на овој тип парфеми. Типични примери за ваквите парфеми се Maderas De Oriente на Мирургија или Bois-des-Îles на Шанел. Модерен парфем од овој тип е парфемот Rumba на шпанскиот дизајнер Кристобал Баленсијага.

Со мирис на кожа: Семејство на парфеми која ги вклучува мирисите на мед, тутун, дрво и дрвен катран во средните или основните ноти, мирис кој потсетува на кожа. Типични примероци за овој тип парфеми се парфемите Bandit на Роберт Пигет и Jolie Madame на францускиот дизајнер Пјер Балман.

Со мирис на кипарски цитрус: парфеми врз основа на бергамот, дабов мов, пачули и лабданум. Ова семејство на парфеми е наречено по парфем на Франсоа Коти, а еден од најпознатите примероци е Mitsouko на Герлен.

Fougère: што на француски значи папрат; создадени врз основа на лавандер, кумарин и дабов мов. Прв парфем со ваква основа е парфемот Fougère Royale на Жан-Франсоа Убиган. Многу машки парфеми припаѓаат на ова семејство на парфеми, карактеристична по јакиот мирис на билки и дрва. Некои познати модерни парфеми од ова семејство се Brut на Фаберже и Drakkar Noir на Ги Ларош.

Модерна

уреди

Уште од 1945 година, поради големите напредоци во технологијата на создавање парфеми (дизајн и синтеза на соединенија), како и поради природното менување на стиловите и вкусовите, се појавиле нови категории за опис на модерните парфеми:

Цветни: комбинација на традиционалните класификации на парфеми со мирис на цвет од едно растение и цветови на повеќе растенија. Добар пример за овој тип парфеми е парфемот Beautiful од Есте Лаудер.

Зелени: Полесно и помодерно толкување на парфеми со мирис на кипарски цитруси, со изразена миризба на искосена трева, здробени зелени листови од дрва и мирис на краставица. Два примероци од овој тип на парфеми се Aliage на Есте Лаудер или Eau de Campagne на Сисли.

Водни, океански или озонски: најнова категорија на парфеми во историјата на парфемите, која постои од појавата на парфемот Dune на Кристијан Диор. Многу чист и модерен мирис кој наликува на многу од модерните унисекс парфеми. Главно оваа категорија парфеми содржи калон, синтетички добиена мирисна компонента откриена во 1966 година. Исто така се користи за нагласување на цветните мириси, ориенталните мириси и мирисите на дрво.

Со мирис на цитруси: старо семејство на парфеми која до неодамна се состоела главно од колонски води за освежување, поради слабата трајност на мирисите на цитруси. Развојот на нови ароматични соединенија овозможи создавање на првичните парфеми со мирис на цитруси. Добар пример за овој тип парфеми е Brut.

Овошни: тука спаѓаат парфемите со арома на овошје (освен аромата на цитруси), како праска, црна рибизла, манго, маракуја и други. Модерен пример за овј тип парфеми е парфемот Botrytis на Гинестет.

Гурмански: “јадливи” парфеми или парфеми со мирис на некој десерт. Овие парфеми често содржат ноти на ванила, тонка грав и кумарин, како и синтетички соединенија добиени со цел да оддаваат мирис на храна. Парфем од овој тип со сладок мирис е парфемот Angel на Тиери Маглер. Парфем со мирис на чубрика е парфемот Dinner на БоБо, кој содржи нота на кумин и кари.

Мирисен круг

уреди

Мирисниот круг е релативно нов метод на класификација кој е значително користен во продажбата и во индустрија за мириси. Методот бил создаден во 1983 година, од страна на Мајкл Едвардс, консултант во индустрија за мириси, кој создал своја сопствена шема за класификација на парфеми. Новата шема била направена со цел да ја поедностави класификацијата на парфемите и шемата на именување, како и за да ја претстави врската помеѓу секој од поединечните случаи.

Петте стандардни мирисни семејства се цветните мириси, ориенталните мириси, мирисите на дрво, Fougère мирисите и освежителните мириси, од кои првите четири семејства се “покласични”, додека последната содржи понови јасни и чисти океански мириси и мириси на цитруси, кои се појавиле како резултат на напредокот во технологијата на парфемите. Секое од семејствата е потоа поделено на подгрупи и подредена во мирисниот круг.

Мирисни извори

уреди

Извори од растенија

уреди

Растенијата уште одамна се користеле во производството на парфеми како извор на етерични масла и ароматични соединенија. Овие ароматични соединенија се обично вторични метаболити произведени од растенијата за заштита од тревопасни животни, инфекции, како и за да привлечат опрашувачи. Растенијата се најголемиот извор на ароматични соединенија кои се користат во производството на парфеми. Изворите на овие соединенија доаѓаат од разни делови на растението. Секое растение нуди повеќе од еден извор на ароматични соединенија, на пример, етеричните делови и семиња на коријандерот имаат доста различни мириси. Листовите на портокалот, неговите цветови и кората се поединечно извори на петитгрејн, нероли и масла од портокал.

Кора: најчесто употребувани кори се кората од цимет и кората од каскарилја. Исто така, се употребува и миризливото масло од кората на дрвото сасафрас, директно или прочистена поради главниот дел, safrole, кој се користи во синтезата на други ароматични соединенија.

Цвеќиња и цветови: без сомнение најголемиот извор на ароматични соединенија. Овој извор вклучува неколку видови трендафили и јасмин, потоа османтус (osmanthus), плумериа (plumeria), мимоза, тубероза (tuberose), нарцис, миризлив здравец, cassie, ambrette, како и цветовите на цитрусите и ylang-ylang дрвата. Иако обично не се смета за цвет, неотворените пупки на каранфилот исто така често се користат како ароматични соединенија. Повеќето цветови на орхидејата не се користат во продажбата за произведување на етерични масла или апсолути, освен во случајот на ванила, орхидеја која најпрво мора да биде опрашена и преработена во мешунки пред да биде употребена за произведување на парфем.

Овошја: Свежи овошја како јаболка, јагоди, цреши и слично, за жал не го даваат посакуваниот мирис при екстракција; доколку овие мирисни ноти се сетат во парфемот, се работи за синтетички добиени мирисни ноти. Исклучоци од ова правило се Litsea cubeba, ванила и смрекинки. Најчесто употребуваните овошја ги добиваат своите ароматични соединенија од кората; тоа се цитрусите: портокалите, лимоните и зелените лимони. Иако кората на грејпфрутот сè уште се користи како ароматик, во продажбата грејпфрут ароматичните соединенија се сè повеќе вештачки синтетизирани бидејќи природниот ароматик содржи сулфур, а производот од неговото деградирање има прилично непријатен мирис.

Листови и гранки: Најчесто употребувани во производството на парфеми се листот од лавандер, пачули, жалфија, темјанушка, рузмарин и цитруси. Понекогаш листовите од растенијата се виновниците за “зелениот” мирис на парфемите. Примери за ова се сеното и листовите на доматот.

Смола: Ценета уште од старите времиња, смолата била нашироко користена за добивањето на миризливи стапчиња и во производството на парфеми. Многу култури ја употребувале високо ароматичната и антисептична смола како и парфемите кои содржеле смола како лекови за голем број болести. Најчесто употребувани смоли во производството на парфеми се labdanum, frankincense/olibanum, myrrh, Peru balsam, gum benzoin. Смолата на дабот и елата е особено ценет извор на терпени, кои се користат во органската синтеза на многу други синтетички или природно добиени ароматични соединенија. Килибарот и копалот се всушност секрет на смолата од иглолисните растенија.

Корења, ризоми и луковици: денес често користени земјени зеленчуци или делови на зеленчуци во производството на парфеми се ризоми на перуника, корени од трева од родот Chrysopogon и разни ризоми од семејството на ѓумбирот.

Семиња: Често користени семиња се тонка грав, семе од морков, коријандер, ким, кокос, морско оревче, cardamom и анасон.

Дрва: дрвата се многу значајни за создавањето на основните ноти на парфемот; маслата од дрва и дестилатите се неопходни во производството на парфеми. Често користени дрва се сандаловината, палисандровото дрво, агар дрвото, брезата, кедарот, смреката и борот. Овие дрва се користат во мацерирана форма или во суво-дестилирана (исправена) форма.

Извори од животни

уреди

Амбра: Грутки на оксидирани масни соединенија, чиишто претходници се излачени од кашал. Амбрата не треба да се поистоветува со жолтата амбра, која се користи во изработката на накит. Добивањето на амбрата не му штети на животното-извор, поради што денес останува еден од ретките неоспорни мирисни агенти од животинско потекло.

Кастореум: добиен од бешиката на Северноамериканскиот дабар.

Цивета: исто така наречена циветен мошус, се добива од бешиката на циветата, животно од семејството Viverridae, во сродство со мунгосот. Светското друштво за заштита на животните ги проучувало циветите, кои биле ловени токму за таа цел.

Hyraceum: познат како “Африкански камен”, Hyraceum е скаменет измет на печинарот камењар.

Саќе: Пчелниот восок и медот можат да бидат екстрахирани растворувачи за создавање на апсолут. Пчелниот восок е екстрахиран со етил алкохол и испарен етил алкохол за да се создаде апсолут на пчелин восок.

Мошус од елен: првобитно потекнувал од мошусните вреќи на азискиот мошусен елен, а сега е заменет со синтетичкиот мошус, уште познат како “бел мошус”.

Други природни извори

уреди

Лишаи: често користени лишаи се мов од даб и лишајот thalli.

• Морски треви: дестилатите понекогаш се користат како етерични масла во парфемите. Пример за често употребувана морска трева во производството на парфеми е Fucus vesiculosus, попозната како вреќеста морска трева. Поради високата цена и послабата моќност од синтетичките мирисни компоненти, ретко се користат природните мирисни компоненти од морските треви.

Синтетички извори

уреди

Многу модерни парфеми содржат синтетички добиени ароматични соединенија. Синтетичките ароматични соединенија можат да создадат мириси кои не може да се најдат во природата. На пример, Калонот, соединение од синтетичко потекло, дава свеж озонски морски мирис кој е доста употребуван во денешните парфеми. Синтетичките ароматични соединенија често се користат како алтернативен извор на соединенија кои тешко се добиваат од природни извори. Така на пример, линалолот и кумаринот се природно добиени соединенија што може евтино да се синтетизираааат од терпени. Мирисните компоненти на орхидеја обично не се добиваат директно од растението, туку се создадени синтетички за да им соодветствуваат на ароматичните соединенија што се наоѓаат во разни орхидеи.

Едни од досега најчесто употребуваните синтетички ароматични соединенија се белите мошуси. Овие материи може да се сретнат во сите форми на парфемите во продажбата како неутрална позадина на средните ноти на парфемот. Ги има во големи количини во детергентите за перење на алишта, со цел да им дадат на алиштата долготраен “мирис на чисто”.

Поголем дел од светските синтетички ароматични соединенија се произведуваат од релативно малку компании. Тие се:

• Меѓународни ароми и мириси - International Flavors and Fragrances (IFF)

• Givaudan

• Firmenich

• Takasago

• Symrise

Секоја од овие компании годишно патентира неколку процеси на производство на синтетички ароматични соединенија.

Особености

уреди

Во производството на парфеми, природните и синтетичките ароматични соединенија се користат поради различните одлики на мирисната компонента.

Природни ароматични соединенија Синтетички ароматични соединенија
Варирање Варираат во зависност од времето и локацијата на собирањето, како и начинот на кој производот бил екстрахиран од суровината. Многу потешко е да се произведе постојан производ со еднаков мирис по години на берба и произведување. Како таков, произведувачот на парфеми мора “рачно” да ги балансира природните промени на состојките, со цел да го задржи квалитетот на парфемот. Покрај тоа, некои бескрупулозни произведувачи може да го променат изворот на суровините (ставајќи индиски јасмин наместо јасмин со потекло од Грас) или да ги променат состојките (ставајќи линалол наместо трендафил) за да го зголемат профитот. Попостојани од природните ароматици. Сепак, разликите во органската синтеза може да резултираат со минутни разлики во концентрација на примеси во парфемот. Доколку овие примеси имаат слаб мирисен праг, тогаш разликите во мирисот на синтетичките ароматици се големи.
Состојки Многу хемиски соединенија; голем ризик од појава на алергии. Во зависност од чистотата, содржат главно едно хемиско соединение.
Оригиналност на мирисот Нивниот мирис има мала сличност со мирисот на нивниот извор, што зависи од тоа како методот на екстракција ги денатурира ароматичните соединенија. Доколку соединенијата се исти, имаат сличен мирис со мирисот на парфемите од природни ароматици. Нови ароматични соединенија што не може да се најдат во природата имаат единствен мирис, различен од мирисот на кои било природни ароматици.
Сложеност на мирисот Длабоки и сложени мирисни ноти. Полесни мирисни ноти имаат нежните нијанси на парфеми. Чисти и јасни мирисни ноти. Структурни и дефинирани.
Цена Парфеми составени од многу природни состојки обично се многу поскапи. Цените ги одредуваат произведувачите и тоа според тежината на правилното екстрахирање на секој одделен дел на природните соединенија, како и

според квалитетот

Парфемите составени од многу синтетички ароматици се достапни по доста поволни цени. Не секогаш синтетичките ароматици се поевтини од природните, некои синтетички ароматици имаат повисоки цени од многу природни состојки поради разни фактори, како сложеноста на процесот на синтеза или екстракција. Сепак, поради нивниот слаб мирисен праг, употребата на овие состојки за произведување на парфем не е неопходна.

Добивање на природни мирисни компоненти

уреди

Пред да можат парфемите да се преработуваат, треба прво да се добијат ароматичните соединенија кои се употребуваат во нив. Синтетичките ароматични соединенија се добиваат со органска синтеза и се прочистуваат. За ароматичните соединенија кои потекнуваат од природни извори потребно е користење на разни методи за екстрахирање на мирисната компонента од суровините. Резултатот добиен од екстракцијата се или етерични масла, апсолути и конкрети, или бутерни масла, во зависност од количината на восокот во екстрахираниот производ.

Сите овие техники до одредена мера го менуваат мирисот на ароматичните соединенија добиени од суровините. Ова се должи на користењето на топли и остри растворувачи, или на изложеноста на кислород во процесот на екстракција, кој ги денатурира ароматичните соединенија, па тие или го менуваат својот мирисен карактер или пак губат мирис.

Мацерација/Екстракција со растворувач: најмногу користена и економична техника за екстракција на ароматични соединенија во модерната индустрија на произведување парфеми. Суровините се претопени во растворувач кој може да ги раствори посакуваните ароматични соединенија. Мацерацијата трае од неколку часови до неколку месеци. Ароматичните соединенија за суровини од дрво и влакнави растенија често се добиваат на овој начин, каков што е случајот со сите ароматични соединенија од животински извори. Оваа техника може да се користи и за екстракција на ароматични соединенија кои се лесно испарливи за дестилација или лесно денатурираат од топлина. Растворувачи кои најчесто се користат за мацерација/екстракција со растворувач се хексан или диметил етер. Производот од овој процес се нарекува "конкрет".

o Екстракција на суперкритична течност: релативно нова техника за ектракција на ароматични соединенија од суровини, која често вклучува суперкритичен CO2. Поради слабото топлина на процесот и релативно нереактивниот растворувач, добиените ароматични соединенија често имаат сличен мирис со оригиналниот мирис на суровините.

o Екстракција на етил алкохол: вид екстракција со растворувач која се користи за директно екстрахирање на ароматични соединенија од суви суровини, како и на нечистите маслени соединенија кои се резултат на екстракцијата со растворувачот или анфлоража. Екстракцијата на етил алкохолот не се користи за екстрахирање на мирисот од свежите растенија, бидејќи тие содржат големо количество вода, кое што е исто така екстрахирано во етил алкохолот.

Дестилација: Општо позната техника за добивање на ароматични соединенија од растенија, како на пример од цветовите од портокал или трендафил. Суровините се загреваат и ароматичните соединенија се собираат преку кондензација од дестилираната пареа.

o Дестилација на пареа: Пареата од зовриената вода поминува низ суровините, со што се истиснуваат нивните лесно испарливи ароматични соединенија. Кондензатот од дестилацијата се става во инка. Ова овозможува лесно раздвојување на етеричните масла од водата. Водата насобрана од кондензатот, кој задржува нешто од ароматичните соединенија и маслата од суровините, се нарекува хидросол. Овој процес најчесто се употребува за свежите растенија (цвеќиња, листови и стебла).

o Сува дестилација: Суровините директно се загреваат во казан, без носечки растворувач, каков што е водата. Ароматичните соединенија ослободени од суровините од големата температура често се подложени на анхидратна пиролиза, која резултира со формирање на различни ароматични соединенија, па така и различни мирисни ноти. Овој метод се користи за добивање на ароматични соединенија од фосилен килибар и ароматични дрва, каде стремежот е добивање на “загорен” или “препечен” мирис.

o Фракционирање: со употребата на фракциона колона, може да се исфрлат различни фракции дестилирани од суровината, за да се модифицира мирисот на крајниот производ. Иако производот е поскап, овој процес понекогаш се изведува за да го отстрани непријатниот или непосакуваниот мирис на суровините и му овозможува на произведувачот на парфеми поголема контрола врз процесот на изработка.

Експресија: Суровините се истиснуваат или згмечуваат, а маслата се собираат. Од сите суровини, само миризливите масла од корите на овошјата од семејството на агрумите се екстрахираат на овој начин, бидејќи маслото е веќе присутно во доволно големи количини, што го чини овој метод неекономичен.

Анфлоража: Апсорбирање на ароматичните соединенија во тврди масти или восок, а потоа екстрахирање на миризливите масла со етил алкохол. Екстракцијата со анфлоража била често користена во времето кога дестилацијата не била возможна, бидејќи некои ароматични соединенија ја денатурирале поради високата температура. Денес оваа техника не се користи многу често поради превисоките трошоци и појавата на поефикасни методи на екстракција.

Миризливи екстракти

уреди

Иако миризливите екстракти се општо познати како “етерични масла”, во индустријата за производство на парфеми се користат поспецифични термини за да се објасни изворот, чистотата и техниката на добивање на миризлив екстракт.

Од овие екстракти, само апсолутите, етеричните масла и растворите директно се користат за добивање на парфеми.

Апсолути: Ароматични соедниненија прочистени од помада или конкрет со натопување во етил алкохол. Со употреба на хидрофилно соединение, каков што е етил алкохолот, повеќето од ароматичните соединенија од восочниот изворен материјал може да бидат екстрахирани без да ги растворат безмирисните восочни молекули. Апсолутите обично се наоѓаат како маслени течности.

Конкрет: Ароматични соединенија екстрахирани од суровини преку екстракција со растворувач, со употреба на испарливи јаглеводороди. Конкретите обично содржат големо количество на восок поради лесното растворање на разни хидрофобни соединенија. Како такви, конкретите понатаму се спорчистуваат преку дестилација или екстракција со растворувач врз основа на етил алкохол. Конкретите се обично восочни или смолести цврсти супстанци или густи маслени течности.

Етерични масла: Ароматични соединенија директно екстрахирани од изворните суровини преку дестилација или експресија, кои се добиваат во форма на маслена течност. Маслата екстрахирани преку експресија понекогаш се нарекуваат експресиони масла.

• Помада: миризлива цврста маст создадена од процесот на анфлоража, во која ароматичните соединенија во суровините се апсорбираат во животински масти. Помадите се наоѓаат во мрсна и леплива цврста форма.

• Тинктура: Ароматични соединенија создадени со директно натопување и накиснување на суровините во етил алкохол. Тинктурите се обично ретки течности.

Производите добиени со различни методи на екстракција имаат различни називи, иако првичниот материјал е ист. Така на пример, цветовите на портокалот од Citrus aurantium кои претрпеле екстракција со растворувач даваат “апсолут на цвет од портокал”, додека оние кои биле дестилирани на пареа се нарекуваат “нероли масла”.

Изработување на парфемот

уреди

Изработувањето на еден парфем е важен дел за многу индустрии, од одделите за луксузни производи и индустриите за сервирање храна, до производителите на разни хемикалии. Целта на користењето парфеми во овие индустрии е да се привлечат муштериите преку нивното сетило за мирис и да се примамат за купување на парфемот или парфимираниот производ. Според тоа, интересот за создавање на мирисна формула која ќе им биде пријатна на луѓето е навистина голем.

Произведувач на парфеми

уреди

Изработката на парфем кој добро ќе се продава е работа на експертот за парфеми, уште познат како произведувач на парфеми. Произведувачите на парфеми понекогаш се нарекуваат носови (на француски “Nez”) поради развиеното сетило за мирис и вештини во препознавањето на разни мириси.

Изработувањето на парфемот обично започнува со нарачка на работодавецот или клиентот. Најчесто, клиенти се модните куќи или големите корпорации на разни индустрии. По нарачката на парфем, следи процесот на мешање на повеќе смеси на мириси, а потоа произведувачот на парфеми ја продава добиената формула на клиентот, најчесто со изменет мирисен состав.

Овој мирисен состав потоа се користи за да му даде функционалност на некој друг производ (шампони, шминка, детергенти, освежувачи за кола итн.), или пак се рекламира и продава директно како парфем.

Техника

уреди

Иако не постои една единствена “правилна” техника за создавање на формулата на парфемот, постојат општи инструкции за тоа како да се создаде парфем од идеја. Иако многу состојки не придонесуваат за мирисот на еден парфем, многу парфеми содржат колоранти и антиоксиданси за подобрување на комерцијалната вредност и продолжување на рокот на употреба.

Основна рамка

уреди

Миризливите масла обично содржат десетина до стотина состојки кои се распоредени според специфичната улога што ја играат. Овие состојки грубо се групирани во четири групи:

Првични мириси: содржат една или две главни состојки за постигнување на одредена замисла, како на пример “замисла за мирис на трендафил”. Како алтернатива, може да се употребат повеќе состојки за создавање на “апстрактен” првичен мирис кој ќе се разликува од која било природна состојка. На пример, мирисите од јасминот и трендафилот се смеси за добивање на апстрактен цветен мирис. Флаворантот на Кока Кола е пример за апстрактен првичен мирис.

Модификатори: Овие состојки го менуваат првичниот мирис со цел да му го дадат на парфемот посакуваниот карактер: на пример, овошните естри се додаваат на првичниот цветен мирис за да се добие овошно-цветен мирис; калонот и цитрусниот мирис се додаваат за да се добие посвеж цветен мирис. Мирисот на Кока Кола од цреша може да се смета за модификатор.

Миксери: Голема група на состојки кои ги ублажуваат промените на парфемот помеѓу различните “слоеви” или основи. Овие состојки може да се употребуваат како составен дел на првичните мириси. Најчести состојки-миксери се линалолот и хидроксицитронелалот.

Фиксири: се користат за зајакнување на првичниот мирис. Многу смоли, мириси од дрво и основи на килибар се користат како фиксири.

Горните, средните и основните ноти на парфемот можат да имаат посебни првични и споредни состојки. Миризливите масла на парфемот потоа се мешаат со етил алкохол и вода, се оставаат на неколку недели во садови за течност да добијат на старост и се филтрираат за да ги стабилизираат состојките на парфемот во смесата и да се отстрани каков било талог или честички пред растворот да се тури во шишето со парфем.

Мирисни основи

уреди

Наместо да се создаде парфем од “темел”, многу модерни парфеми и колонски води се направени со користење на мирисни основи или едноставно основи. Секоја основа е во суштина модуларен парфем кој е смеса од етерични масла и ароматични хемикалии, и е формулиран за постигнување на една едноставна замисла за мирис, како на пример “мирис на свежо искосена трева” или “мирис на сочно кисело јаболко”. Многу парфеми од линијата Aqua Allegoria на Герлајн, со своите едноставни замисли за мирис, се примери за мирисни основи на парфеми.

Напорот постигнат за развој на основите од компании за произведување на парфеми или поединечните произведувачи на парфеми е еднаков со оној на парфемите на пазарот, бидејќи тие се за повеќекратна употреба и како такви се корисни. Освен тоа, придобивките од користењето на основи за изработка на парфем се многубројни:

1. Состојките со “тежок” или “јак” мирис кои имаат мешана основа, можат полесно да се соединат со веќе постоечки парфем.

2. Мирисот на основата може да биде поблизок до мирисот на растението, предметот и сл., отколку самиот екстракт на тоа растение, предмет и сл. Така на пример, основата создадена да го даде мирисот на “свеж наросен трендафил” може да е подобро приближување до замислата за мирис на трендафил после дожд, отколку самото масло од трендафил. Цвеќињата, чии мириси не можат да бидат екстрахирани, како гарденија или зумбул, се изработуваат како основи од податоци добиени од headspace технологијата.

3. Произведувачот на парфеми може набрзина да ја скицира замислата на нарачателот со брзо создавање на многукратни основи, за потоа да ги презентира со цел да добие повратен одговор. Ублажувањето на “острите ноти” на парфемот се извршува доколку одговорот е позитивен.

Обратно инженерство

уреди

Со создавањето на парфеми преку обратно инженерство со аналитички теники како GC/MC (гас-хроматографија и масна спектрометрија) може да се открие “основната” формула за секој поединечен парфем. Потешкотиите на анализата GC/MC се јавуваат поради сложеноста на состојките во парфемот. Ова е делумно поради присуството на природни етерични масла и други состојки составени од сложени хемиски смеси. Сепак, секој кој поседува добра GC/MC опрема и има искуство со користење на опремата, може за неколку денови да открие доста за формулата на еден парфем...клиентите и конкурентите можат да анализираат доста парфеми повеќе или помалку прецизно.

Анализирањето на стари или лошо зачувани парфеми исто така може да биде тешко поради бројните деградирани нус производи и примеси, кои најверојатно се резултат на деградирањето на ароматичните соединенија. Состојките и соединенијата можат да се идентификуваат со гас хроматограф (GC) душкачи, што овозможува идентификација на физичките особини на хемиските супстанци како и на нивниот мирис. Во индустријата за произведување на парфеми често се применува повратниот иженеринг на најдобро продаваните парфеми на пазарот, поради прилично лесното работење со GC опремата, притисокот за произведување на парфеми што лесно се продаваат на пазарот и високо профитабилната природа на пазарот на индустријата за производство на парфеми.

Здравје и животна средина

уреди

Состојките во парфемот, без разлика дали имаат природно или синтетичко потекло, можат да предизвикаат еколошки проблеми доколку се употребуваат во големи количини. Иако на оваа тема активно се истражува, има уште многу што да се научи за влијанието на парфемите врз човечкото здравје и животната средина.

Здравје

уреди

Имунитет

уреди

Постојат докази во весници кои укажуваат на тоа дека одредени мириси предизвикуваат реакции на астма кај некои луѓе, особено оние кои имаат акутна астма. Многу состојки во парфемите можат да предизвикаат главоболки, алергиски реакции или мачнини.

Во некои случаи, претерана употреба на парфеми може да предизвика алергиска реакција на кожата. Така на пример, ацетофенонот, етил ацетатот и ацетонот, присутни во многу парфеми, се исто така познати како потенцијални респираторни алергени. Сепак, ова може да наведе на погрешно мислење, бидејќи штетата што ја предизвикуваат некои од овие хемикалии (било да се природно или синтетички добиени) зависи од еколошките услови, како и од нивната концентрација во парфемот. Линалолот, кој се смета за раздразлив, предизвикува иритација на кожата кога деградира во пероксид. Употребата на антиоксиданси во парфемите или намалување на концентрацијата на хемикалиите може да ја спречи иритацијата.

Некои истражувања за природните ароматични соединенија покажале дека многу од нив содржат состојки кои предизвикуваат иритација на кожата. Сепак, на некои истражувања, како на пример истражувањето на Меѓународното здружение за мириси (IFRA) според кое опопанаксот е премногу опасен за да се користи во индустријата за произведување на парфеми, сè уште им недостасува научен консензус. Точно е и дека понекогаш само со вдишување може да се предизвикаат иритации на кожата.

Канцерогеност

уреди

Постои научен доказ дека нитроглицерин-мошуси, како мошус ксилен, можат да предизвикаат рак. Сепак, познати состојки, како одредени полициклични синтетички мошуси, можат да го нарушат балансот на хормони во човековото тело (внатрешно нарушување). Некои природни ароматични соединенија, како апсолутите на дабовата мов, содржат алергени и канцерогени состојки.

Животна средина

уреди

Загадување

уреди

Синтетичките мошуси имаат пријатен мирис и се прилично евтини, а како такви често се користат во големи количини за да го прикријат непријатниот мирис на детергентите за перење алишта и многу производи за лична хигиена. Поради широкиот опсег на употреба, неколку видови на синтетички мошуси можат да се најдат во човековото сало и млеко, како и во талогот и водите на Големите Езера.

Овие загадувачи можат да предизвикаат додатни здравствени и еколошки проблеми доколку се присутни во човековата и животинската храна.

Загрозени видови

уреди

Побарувачката на ароматични суровини како сандаловината, агар дрвото и мошусот доведе до загрозување на овие видови растенија, како и до нелегална трговија и собирање на овие видови растенија.

Безбедносна одредба

уреди

Индустријата за производство на парфеми во САД не е директно управувана од страна на Управата за храна и лекови (FDA). FDA ја контролира сигурноста на парфемите преку нивните состојки и бара тие да бидат тестирани до тој степен да бидат Општо прифатени како безопасни (Generally recognized as safe-GRAS). Поради потребата за заштита на трговските тајни, компаниите ретко го издаваат целосниот список на состојки, без разлика на нивното влијание врз човековото здравје. Во Европа, од 11 март 2005 година, наложено е издавање на задолжителна список на 26 официјални алергии од парфеми. Барањето за издавање на овие состојки е во зависност од користењето на крајниот производ. Границите под кои се бара декларација на алергените се 0,001% за производи наменети за да останат на кожата, и 0,01% за оние кои се плакнат. Ова резултирало со преформулирање на некои од старите парфеми, како кипарските цитруси и fougère класите на парфеми, кои содржеле екстракт од дабова мов.

Зачувување на парфемот

уреди

Ароматичните соединенија во парфемите би се деградирале доколку не се правилно складирани и се во присуство на:

• Топлина

• Светлина

• Кислород

• Други споредни органски материи

Правилно чување на парфемите значи да се чуваат подалеку од извори на топлина и да се складираат на места кои не се изложени на светлина. Отвореното шише парфем ќе го задржи својот мирис неоштетен неколку години, сè додека е добро складиран. Сепак, присуството на кислород во горниот дел на шишето, како и некои еколошки фактори, за одреден временски период го менуваат мирисот на парфемот.

Најдобро сочувани се парфемите складирани во алуминиумски шишиња кои не пропуштаат светлина или во своите оригинални пакувања, пред да се употребат, чувани на релативно ниски температури: од 3-7 степени Целзиусови (37-45 степени според Фаренхајт). Osmothèque, конзерваториум и музеј за парфеми, ги складира своите парфеми во евакуирани алуминиумни шишиња, на 12 степени Целзиусови. Иако е невозможно целосно да се отстрани кислородот од горните делови на шишето на парфемот, користењето на шишиња со распрскувачи, наместо ролони и шишиња со капаче, ќе го намали изложувањето на кислород. Друга предност на шишињата со распрскувачи е целосната изолација на парфемот во шишето и спречување на навлегувањето на прашина и отпадоци кои би го деградирале и измениле квалитетот на парфемот.

Список на парфеми

уреди

Дополнителни информации: Список на познати парфеми

Дополнителни информации: Список на парфеми на славни личности