Малајски тигар

(Пренасочено од Panthera tigris jacksoni)
Малајски тигар
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. tigris
Подвид: P. t. jacksoni
Триномен назив
Panthera tigris malayensis
Luo et al., 2004
Распространетост

Малајскиот тигар (Panthera tigris malayensis, малајски: Harimau Belang) е подвид на тигар кој го среќаваме во јужните и централните делови на Малајскиот полуостров[1], односно во Тајланд и Малезија. До 2004 година, овие тигри биле класифицирани како индокинески. Новото класифицирање било иницирано по истражувањата направени од Луо од Лабораторијата за генетски диверзитет, која е дел од Националниот институт за канцер во САД. Последните пребројувања покажале дека има 600-800 малајски тигри во дивината, што го вбројува меѓу најбројните подвидови заедно со бенгалските тигри и можеби индокинеските. Сепак, сѐ уште се смета за загрозен подвид.

Физички одлики

уреди

Малајскиот тигар, заедно со суматранскиот, е најверојатно најмалиот подвид на тигар кој постои денес. Шарата на крзното е доста слична со онаа на индокинескиот тигар, но по големината е посличен со суматранскиот подвид[2]. Во просек мажјаците тежат 120 килограми, а женките околу 100 кг. Должината на мажјаците од главата до опашката во просек изнесува 237 сантиметри, а кај женките е 200 сантиметри.

Исхрана и однесување

уреди

Малајските тигри се хранат со елен самбар, мунтџак, дива свиња и домашна стока. Тигрите кои живеат во националниот парк Таман Негара ловат и малајски мечки. Не е познато дали во главен плен спаѓаат и гаурот и тапирот.

Густината на распространетост на тигрите во дождовните шуми е доста мала – 1,1-1,98 тигри на 100 km². Ова се должи на малиот број на плен. За да се задржи здрава популација на тигри со најмалку 6 плодни женки, резерватите треба да бидат поголеми од1000 km². Во моментот, научниците располагаат со многу малку информации за однесувањето на малајските тигри. Недостасуваат податоци за исхраната, социјалната структура, комуникацијата меѓу единките, големината на поединечните територии и демографски параметри[3].

Во заробеништво

уреди

Генетските анализи на филогенијата на тигрите направени во 2004 година, го поделија подвидот индокинески тигар на два различни подвида: индокинески и малајаски тигар. Авторите на овие истражувања укажуваат дека и тигрите во заробеништво треба да се третираат како различни подвида, односно да се одделат и да се спречи меѓусебно размножување.

Контроверзии околу името

уреди
 

Набргу по признавањето на малајскиот тигар како посебен подвид, почнала жестока дебата околу неговото официјално именување. Истражувачите го предложиле името: Panthera tigris jacksoni со цел да се оддаде почит на познатиот зоолог кој ги истражувал големите мачки Питер Џексон. Сепак, владата на Малезија и Малезиската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми протестирале, тврдејќи дека и Малезија треба да учествува во одбирање на името на нивниот национален симбол. Малезија се држи до тоа дека името треба да го означува географскиот регион. Поради ова, предложено е името Panthera tigris malayensis.

Малезиски национален симбол

уреди

Малајскиот тигар се наоѓа на грбот на Малезија, симболизирајќи ја владата. Се среќава и во хералдијата на бројни малезиски институции како Мајбанк, Протон и ФАМ. Тигарот ја сиболизира храброста и силата на малезијците.

Наводи

уреди
  1. (англиски)http://www.savethetigerfund.org/Content/NavigationMenu2/Community/TigerSubspecies/MalayanTiger/default.htm Архивирано на 9 мај 2008 г.
  2. WWF - Malayan tiger
  3. „Save The Tiger Fund | Malayan Tiger“. Архивирано од изворникот на 2008-05-09. Посетено на 2009-10-10.
  • (англиски)Luo SJ, Kim JH, Johnson WE, Walt Jvd, Martenson J, et al. (2004) Phylogeography and Genetic Ancestry of Tigers (Panthera tigris). PLoS Biol 2(12): e442. Available online

Надворешни врски

уреди