Хордови

(Пренасочено од Chordate)
Хордови

Хордатите односно хордовите животни (науч. Chordata) се најсложено градени животински организми. Еден од нивните главни белези е присуството на хорда (од каде доаѓа и името), расположена во внатрешноста на телото, грбно по целата телесна должина. Формирана е од особено сврзно ткиво, наречено хордово ткиво, чии големи и вакуолизирани клетки се исполнети со течност, со што хордата се здобива со цврстина и еластичност. Како потпорен орган таа функционира во текот на целиот живот само кај најнижите хордови животни, како на пример амфиоксусот. Кај круглоустите и дел од рибите, хордата е уште подобро развиена, а кај вишите хордати таа е редуцирана и заменета со ’рбетен столб. Втор карактеристичен белег е положбата и посебниот тип на нервен систем. Тој има грбна положба во однос на хордата, има цевчеста форма типична за хордатите и настанува со увртување на ектодермот во вид на надолжен жлеб, кој подоцна се затвора во цевка. И трет белег е што органите за дишење се развиваат од предното црево во вид на парни испакнатини на кои се наоѓаат парни странични отвори - жабрени цепнатинки. Кај нижите хордати тие постојат целиот живот, додека кај вишите се јавуваат само во почетните фази од ембрионалниот развој.

Хордати
Период: ран Камбриум – денес
Водно трнарче (Pristella maxillaris) - еден од малкуте хордати со видлив ‘рбетен столб. ‘Рбетниот мозок е сместен во ‘рбетниот столб.
Научна класификација [ у ]
Царство: Животни
Наттип: Второусни
Тип: Хордови
Bateson, 1885
Класи

погл. подолу

Особености

уреди

Хорда

уреди

Хорда, односно chorda dorsalis (на англиски наречена нотохорд - notochord) е името кое е дадено на главната одлика на хордатите. Таа функционира како ендоскелет и претставува едно долго, флексибилно стапче кое произлегува како испапчување на првобитното црево (архентерон). Токму затоа лежи над цревото и под нервната цевка. Хордата кај сите хордати подлежи на истата онтогенеза која е контролирана од Брахиури-генот. Не е можно да се одреди дали хордата првобитно се протегала само во опашниот дел или долж целото тело. Странично од хордата се расположени надолжни мускули, кои кај првобитните хордати служеле за придвижување. За време на онтогенезата, хордата минува низ стадиумот ,,пари во фишек‘‘, при што се состои од дисковидни притиснати клетки. Хордата на амфиоксусот останува во овој стадиум за време на целиот живот и е опколена само од мускулни влакна. Кај ларвите од плаштарите и кај ‘рбетниците се јавуваат простори меѓу клетките, кои кај ларвите на плаштарите образуваат континуиран канал опколен од епителни клетки. Хордата кај ларвите се протега само долж опашниот дел на телото. Хордата во текот на онтогенезата кај ‘рбетниците се заменува со ‘рбетен столб. Остатоци од хордата кај вишите ‘рбетници се nuclei pulposi (пулпозни јадра) во меѓупрешленските дискови.

Кај безопашните водоземци, како и кај некои групи на примитивни копнени ‘рбетници, вклучувајќи ги темноспондилите (Temnospondyli) и нижите влекачолики (антракосаурите), образувањето на прешленските тела во текот на поединечниот развиток може да биде забавено, така што кај фосилите (покрај останатите неотениски одлики кај возрасните единки), може да се јави и хорда во вид на лента.

Класификација

уреди