Прво послание до Коринтјаните

книга од Новиот завет
(Пренасочено од 1 Коринтјаните)

Првото послание до Коринтјаните (1 Коринтјаните) — послание на апостол Павле од Новиот завет напишано во Ефес најверојатно во 57 година.

Доаѓањето во Коринт

уреди

Апостол Павле во Коринт престојувал околу 18 месеци, во периодот од 50 до 52 година, во времето на своето второ мисионерско патување проповедајќи го евангелието. Се смета дека во градот живееле околу 500.000 луѓе, од кои две третини биле робови. Во 146 п.н.е. градот бил разрушен а по сто години повторно обновен од страна на Цезар. Христијанската црква во градот била основана од страна на Павле, а тоа најмногу се опишува во Делата на апостолите.

Содржина

уреди

Посланието започнува така што апостолот Павле и неговиот соработник Состен ги благословуваат христијаните во Коринт, повикувајќи ги на единство, со укажувањето дека не е важно кој ги упатил во христијанската вера. Потоа, тој кажува дека неговата мисија не е да говори мудрости, туку да ја проповеда божјата премудрост, како и дека апостолите трпат страдања поради пропеведањето на Евангелието, а верниците треба да го следат нивниот пример, исто како што апостолите го следат примерот на Исус Христос.[1] Во продложение (5:1-12), апостол Павле зборува за тоа дека заедницата отворено толерира еден свој член кој е крив за блуд со маќеата. Павле наредува тој човек да се исклучи од црквата додека не се покае, а потоа ја предупредува заедницата, повикувајќи ја да не се расипе со таквиот лош пример или да им се врати на своите поранешни гревови. Тој упатува вакво предупредување: „Или не знаете ли дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство? Не измамувајте се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни мекушците, ни изопачените мажи (содомци), ни крадците, ни лакомците, ни пијаниците, ни клеветниците, ни разбојниците, нема да го наследат Божјото царство. И некои од вас беа такви. Но се измивте, и се осветивте, и се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог” (1 Кор., 6:9-11). Притоа, во главата 6:10, Павле предупредува дека „пијаниците нема да го наследат Божјото царство”.[2] Спомнатиот случај на разврат во коринтската црковна заедница изгледа дека имал среќен крај. Бидејќи членови на заедницата се покајале поради својата толеранција, го послушале апостол Павле и виновникот го искличиле од своите редови.

Понатаму, апостолот Павле ги советува верниците да не се тужат меѓусебно пред државниот суд, туку во рамките на црквата. Исто така, тој дава совети за оние што се во брак (мажот и жената да се сакаат и почитуваат меѓусебно), како и за немажените и неженетите на кои им препорачува да стапат во брак, но тоа не е задолжително; ги повикува верниците да не јадат жртевно месо кое се служи во идолските храмови, зашто со тоа можат да ги соблазнат оние со послаба вера; на жените им порачува да се молат само со покриена глава и да не зборуваат во црквата; сите верници да вечераат заедно итн. Во продолжение, тој расправа за различните духовни дарби со кои Господ ги дарил луѓето, нагласувајќи дека сите луѓе се подеднакво важни, исто како одделните органи во телото, по што следи расправата за дарбата за говорење туѓи јазици наспроти дарбата за пророкување. Апостолот објаснува дека суштината на христијанството е верувањето во воскреснувањето на мртвите што ќе се случи по повторното доаѓање на Христос, кога тој конечно ќе го покори светот и ќе ја победи смртта, а мртвите тела ќе воскреснат како бесмртни духови. На крајот на посланието, апостолот Павле ги замолува верниците да соберат мислостиња за сиромашните во Ерусалим и ветува дека ќе го посети Коринт по планираното патување низ Македонија при што ќе се задржи некое време во градот. Исто така, тој им порачува да се погрижат за неговиот соработник Тимотеј, ако тој дојде во Коринт. Најпосле, посланието завршува со упатување поздрави до повеќе припадници на црквата.[3]

Химна на љубовта

уреди

Покрај другото, во посланието, апостолот Павле ја воспева и моќта на љубовта:[4]

  1. Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам - тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи;
  2. И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам - ништо не сум
  3. И ако го раздадам целиот свој имот, за да ги нахранам бедните; и ако го предадам своето тело, да биде изгорено, а љубов немам, ништо не ми ползува.
  4. Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува
  5. не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло
  6. не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината;
  7. сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи.
  8. Љубовта никогаш не престанува: А другите дарби : ако се пророштва - ќе се отстранат; јазици - ќе замолкнат; ако е знаење - ќе исчезне
  9. Зашто, делумно знаеме и делумно пророкуваме,
  10. но кога ќе дојде совршеното, ќе се отстрани делумното.
  11. Кога бев дете, зборував како дете, мислев како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отстранив детинското.
  12. Зашто, сега гледаме како во огледало - нејасно; но тогаш: лице во лице. Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат.
  13. А сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта, но љубовта е најголема од нив.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 209-212.
  2. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 213.
  3. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 212-224.
  4. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 220.