Антипартиска група
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Корените на т.н. “Антипартиска група” се провлекуваат уште од Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кога дел од членовите на АНОК (Акционен народно-ослободителен комитет)[1] напишале опширен Приговор кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Членовите од АНОК, всушност, ја сочинувале оваа Антипартиска група, а подоцна влегле во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. АНОК, всушност, била неформална група.[2]
Приговор на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ
уредиПриговорот го напишале Киро Глигоров и Благој Хаџи Панзов. Особено внимание во Приговорот било посветено на крајната цел на Народноослободителната војна и идниот статус на Македонија и македонскиот народ во идната федерална држава. Во основа се издеференцирале две концепции, или две државотворни програми. Едната, која сметала дека крајната цел на НОВ е ослободување на вардарскиот дел на Македонија кој ќе стекне ограничена државност во југословенската федерација, и втората-за целосна суверена и самостојна држава, односно обединета Македонија. Тоа, всушност, биле две концепции: пројугословенската, за која се залагал поголемиот дел од македонското партиско и воено раководство и промакедонската чии носители претставувале т.н. “Опонентска граѓанска демократска политичка струја”.
Со Манифестот на Главниот Штаб на НОВ и ПО на Македонија биле прокламирани основните принципи и цели на НОВ на македонскиот народ. Во него било декларирано обединување на Македонија во рамките на една балканска федерација. Во Манифестот стои дека ќе се создаде братски, федеративен сојуз на балканските народи на базата на полна рамноправност и самоопределување на народите. “Никогаш досега, македонски народе, не си имал толку убава положба и толку сојузници, за да ти се исполни твојот вековен идеал-обединувањето на Македонија... соединетите војски на сите балкански народи се борат денес за да се создаде една балканска федерација...”[3] За дистрибуирањето на Манифестот Светозар Вукмановиќ - Темпо го известил Тито на 5 ноември 1943 година. Тој со југословенското партиско и воено раководство биле категорично против објавување на барања за обединување на Македонија, дури и во рамките на Југославија.[4] По Второто заседание на АВНОЈ, Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ ги добил материјалите преку Кузман Јосифоски - Питу. Од материјалите се гледа дека Македонија е предвидена како држава, но само нејзиниот Вардарски дел. На ова реагирал поголемиот дел од АНОК. Забелешки имале Киро Глигоров, Хаџи Панзов и др. “Зошто сега кога е војна, кога Словенците и Хрватите го поставија прашањето за териториите под Италијанците и Германците, зошто ние не го поставуваме прашањето за деловите на Македонија”.
Во приговорот АНОК му го оспориле легитимитетот на Главниот Штаб да одлучува за работи кои се од надлежност на политичко претставничко тело. Во приговорот се укажувало на одредени процедурални и суштествени прашања. Авторите на приговорот сметале дека ваков манифест требало да уследи по донесувањето на основен акт-Устав (Платформа) со кој ќе се определат основните принципи на Народноослободителната војна на македонскиот народ, и дека тој акт треба да биде прифатен од целиот народ. Во АНОК сметале дека “Главниот Штаб како, пред се, воено тело на НОБ, составен од 11 члена, не смеел да ги определува во дефинитивна форма, основните линии на борбата, а ни збор да не станува за определување на конкретните политички ангажмани” спрема југословенското политичко и воено раководство. Според нив, штабот бил должен “да каже дека Манифестот има привремен карактер до свикувањето на Народното собрание кое е единствено компетентно да ги определува, во дефинитивна форма, основните принципи на нашата борба и прифаќа конкретни ангажмани во дадената конкретна политичка ситуација”. Од АНОК барале да се разграничат надлежностите меѓу Главниот Штаб и Народното собрание заради поефикасно и правилно раководење на НОБ во воениот и политичкиот дел, во случај на евентуални разногласија помеѓу Главниот Штаб и Собранието. Во врска со прашањето за принципите на НОБ прокламирани во Манифестот, од АНОК предочувале дека истите начела “слобода и рамноправност на една третина од Македонија, онаа што беше во границите на бивша Југославија до 1941 година... Тие принципи на македонскиот народ нема да му донесат слобода и рамноправност затоа што делумно ослободен народ не е слободен народ”, односно дека “во тесните рамки на Југославија не можеше да се реши македонското национално прашање”, како и дека “проблемот на Македонија и неговото решение ги надминува рамките на бивша Југославија”.
Глигоров и Хаџи Панзов во приговорот се задржуваат и на важното прашање: стремежите и барањата на мекедонскиот народ за обединување на Македонија, но предупредуваат “Не решение на македонското прашање на парче, во една туѓа за него, вештачка комбинација Југославија, со која не го врзува никакво политичко наследство, а е симбол на неговото најцрно ропство”. Тие бараат интегрално решавање на македонското национално прашање и самостојно продолжување на НОБ, со обединување на силите од сите делови на Македонија во единствен “борбен сојуз на македонскиот народ”. Така, во приговорот се вели: “Ако не се бориме од никого нема да се ослободиме или, најпосле, ако ние самите не си го поставиме прашањето (за обединувањето на Македонија) за целосно разрешување никој друг нема да го постави ниту да го реши. Ако нашата пушка денес не грми за обединувањето на Македонија, обединувањето никој нема да ни го подари. Ако ние се задоволиме со разрешување на македонското прашање на парче, поделбата на Македонија е санкционирана еднаш за секогаш. А тоа ќе има несогледливи последици за нашиот народ”.
Ваквите ставови на Киро Глигоров, Благој Хаџи Панзов и други членови на АНОК биле оквалификувани од страна на Кузман Јосифовски - Питу (кој имал рзлични гледишта по многу важни прашања, но останал доследен до линијата на Партијата), како “тесно националистички” и како потврда за она што “другарот Тито ги обвинува нашите раководства за неизживеан национален автономизам”.[5] Набргу потоа од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ уследил одговор на приговорот од групата членови на АНОК на Манифестот на Главниот штаб. “Набргу стигнаа главно неповолни реакции, преку разни коментари низ Партијата дека сме гледале различно од Манифестот, дека сме биле под влијание на Б’лгрјанов... Стигнаа и други забелешки, дека АНОК работи со луѓе што не се членови на КПМ...”. Тука преовладува линијата на Партијата, но со одговорот на Приговорот не биле надминати разликите во ставовоите на двете групи по однос на националното прашање. Во поглед на забелешките по прашањето за обединувањето на македонскиот народ во одговорот на Приговорот се вели дека “ние сметаме да ќе можеме да го постигнеме и реализираме тој вековен идеал на нашиот народ во една Титова Југославија, од колкото во некоја друга политичка комбинација.”, како и дека “Соединението на македонскиот народ и нам ни лежи на срце како и вам и ќе се бориме за неговото соединение до крај …Но треба да се знае, во времето на издавањето на манифестот меѓународното политичко положение не ни позвољаваше македонскиот проблем да го изнесеме на друг начин, освен како што е изнесен во самит Манифест. Титова Југославија денеска е стварност, призната меѓународна сила, со чија помошт ние ќе можеме да постигнеме соединението на нашиот народ”.[6]
Во АНОК продолжиле дискусиите за заминување во партизани на слободната територија. Во декември 1943 година дел од членовите на АНОК му се приклучиле на Народноослободителното движење и се определиле како делегати на АСНОМ да дадат свој придонес во изградувањето на македонската држава. Меѓутоа иако членовите на АНОК биле вклучени во сите активности на Партијата, сепак, кај нив провладувал ставот за “сепаратно решавање на македонското национално прашање”. Политичката и идејна поларизација во ГШ и ИО за свикување на АСНОМ не била ограничена само во редовите на военото и политичко раководство на МНОД, туку имал и пошироки размери. “Евидентно е постоењето на две целосно профилирани политички струи во МНОД”. И во военото и политичкото раководство на НОД имало повеќе личности од македонската граѓанска интелегенција кои имале различни ставови по фундаменталните прашања на ослободителната борба. Поради ваквата состојба членовите на АНОК, преку Кузман Јосифовски-Питу кој бил во постојан контакт со нив, биле повикани на слободната територија каде требало да ги изнесат своите политички ставови. Во исто време ЦК на КПМ, со директно писмо го задолжил Кузман Јосифовски-Питу, меѓу другото “да го распушти Акциониот комитет за што била донесена одлука од ИО на АСНОМ и Главниот штаб на Македонија и во НОД да се вклучат само луѓе целосно приврзани на линијата на КПЈ и КПМ на АВНОЈ, Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и Главниот штаб на Македонија”.
Најголемиот дел од членовите на АНОК биле вклучени во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Дека идејата за обединувањето на Македонија не завршила со распуштањето на АНОК, зборува и писмото на Апостолски до Чучков, од 19 март 1944 година, каде вели дека “самиот тој (Чучков), како и другите во Главниот штаб го сакаа обединувањето на Македонија и дека работат за тоа”.
Состанокот на островот Вис
уредиВо екот на подготовките за свикување на АСНОМ, во јуни 1944 година, тричлена македонска делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Мане Чучков и Кирил Петрушевски, заминала на островот Вис на средба со највисокото југословенско партиско и државно раководство предводено од Јосип Броз Тито. Делегацијата требала пред врховните тела на Југославија и пред самиот Тито да го постави праањето за остварувањето на крајната цел на македонската национална борба: ослободување и обединување на Македонија. Делегацијата била овластена меѓу другото “да го повика македонскиот народ од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија да ја продолжи борбата против окупаторите и, ако тоа го дозволи меѓународната ситуација, да се повикаат на обединување на силите во единствена борба...”
Делегацијата го поставила прашањето за обединување на македонскиот народ и на Македонија, во време кога таму бил примен од Тито и грчки претставник. На македонската делегација директивно и било соопштено тоа прашање да не го поставува до завршувањето на војната, туку единствено на повоената мировна конференција. Таква забрана му било поставено само на македонското раководство. Ветувањата на Тито дека македонското прашање ќе биде поставено на мировната конференција не се оствариле. На конференцијата македонското прашање не било поставено, но најверојатно не ни било разгледувано и поставувано на Министерскиот совет. За Југославија мировната конференција требало да ги разреши само територијалните разграничувања меѓу Југославија и Италија.
Првото заседание на АСНОМ
уредиНа Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински, се донесени историски одлуки од кои најважни се решенијата за конституирање на македонската федерална држава и за прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава. Овие историски одлуки се потпишани од Претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто и од секретарот, Љупчо Арсов.
На седницата на Президиум на АСНОМ од 6 август 1944 одржана во с. Рамно, Кумановско било одлучено како претставници на Македонија да се испратат на работа при НКОЈ: Киро Глигоров, Лазар Соколов, Ацо Петровски, Богоја Фотев, Методија Андонов Ченто, за Бари: д-р Владимир Полежиноски, Илија Џувалековски, а за Москва: Димитар Влахов и Венко Марковски.
На истата седница бил усвоен предлогот на Ченто (а по барање на Тито) да се испратат писма до “известни лица, кои ќе се повикат да се придружат на народноослободителната борба на Македонија” со што се тежнеело да се прошири основата на МНОД.
Кон остварувањето на овој заклучок се пристапило бргу за што говори и поканата со која Методија Андонов-Ченто и Емануел Чучков ги повикуваат дотогашните соработници на бугарскиот окупатор, Димитар Чкатров и Трајко Чундев, да излезат на слободна територија и да им се приклучат на македонските партизани. Во поканата, меѓу другото стои: “…сите сили, сите политички лица, кои мислат добро за македонскиот народ да се обединат. На тој начин полесно можиме да се бориме за обединението на цела Македонија… Едно е важно да знаеш. Макар да има и комунисти во партизаните, борбата е општенародна и за демократизам...Важно е да се знае да слободна Македонија во нова федеративна Југославија е свршен факт. Но ние сметаме да е сега време да се бориме да се обедини цела Македонија зато е потребно да се обединат сите политически лица што мислат добро за Македонија. Затоа те викам, и ти да ја помогнеш таа свештена народна борба, да се реализираат вековните идеали за слободата на македонскиот народ во братство, слога и рамноправност со сите славјански народи”.[7]
Реакциите од партискиот врв во врска со ставовите на македонските раководители
уредиВо својот доверлив извештај од 10 декември 1944 година Андрија Хебранг[8] вели дека во Президиумот на АСНОМ влијание имаат некои македонски “националисти и сепаратист или барем луѓе со такви тенденции”. Понатаму вели дека македонските претставници, не сакале да го даваат тутунот и дека претставник на таа група е Емануел Чучков. Понатаму заклучува дека ова група немала доверба во НКОЈ и во Нова Југославија и дека “националистите добија по влијание на Андонов-Ченто...генералот Апостолски и припаѓа на таа група...Такви се Емануел Чучков, а еден од идеолозите е Лазар Соколов...Групата е против Југославија...” Решение за ваквата состојба Хебранг предлага “Главните идеолози да ги привлечеме во центарот, на работа при НКОЈ...”
Во Македонија, по формирањето на Привремената Влада на Демократска Федеративна Југославија, во рамките на Народниот фронт на Македонија не било дозволено посебно политичко организирање. Раководството на КПЈ наметнало целосен идеен и политички монопол и висок степен на подреденост во Партијата и во целото општество. Против каква било појава на опонентско и опозициско дејствување се спроведувала остра политичка пресметка. ЦК на КПМ, по формирањето на Народната влада на Македонија на чело со Лазар Колишевски, зазело курс за жестока политичка пресметка со неистомислениците и политичките противници. Политбирото на ЦК на КПМ на седицата од 21 март 1945 година усвоило заклучоци за елиминирање на појавите на “застранување од линијата на Партијата”. Дискусии за дејствувањето на групата имало и на Пленумот на ЦК на КПМ каде се вели дека “постои група која со својата линија оди против партиската линија. Таа група денес е раширена, а воид потекло од појавувањето на Манифестот. Таа група тврдеше дека во Југославија не може да се ослободи и соедини цела Македонија, ами дека е возможно само ако се бориме за посебна македонска држава односно за балканска федерација”. На еден состанок со окружните комитети на КПМ, одржан на 18 август 1945 година, каде освен за изборите за сојузното собрание се дало критика и за т.н. Антипартиска група. Според записникот од состанакот четврта точка на дневниот ред била “за скршнувањето на нашата Партија и фракционаштвото”. Меѓу другото се вели: “...Ако ние со такви појави итно не расчистиме, онаа антипартиска група за која станува збор, може да ги поврзе тие групички и тоа може многу голема штета да ни нанесе...Денеска таа група си има своја линија, како што рековме, спротивна на партиската линија по сите прашања...Натаму викаат дека кај нас постоела диктатура на Партијата, а под тоа го разбираат она што ним им се дозволило ширење на нивната линија...ставот на ЦК КПЈ по тие работи е следниот: линијата на ЦК КПМ е правилна. Паралелно со неа постои линија антипартиска, линија на таа група, која е линија на контрареволуцијата... Спрема групата да не се земе фронтален став, да не се именува во организацијата. Треба да се удри принципиелно по таквата група и нејзините ставови”. Таканаречената “антипартиска група” била обвинета дека ги критикувала ЦК на КПМ и владата на Лазар Колишевски за водење “србофилска политика” и за спроведување диктатура на Партијата.
Оваа т.н. “Антипартиска група” имала јасен став кон прашањето за обединувањето на македонскиот народ од трите делови на Македонија. Таа се залагала за интегрално решавање на македонското национално прашање и за самостојна и независна македонска држава. Затоа ова група била критикувана од страна на челниците на КПМ, дека е изразител на интересите на потиснатата македонска буржуазија што води кон македонски државен сепаратизам, кој е рушител на братството и единството на југословенските народи и води кон отцепување од југословенската заедница, и дека е за создавање самостојна и независна македонска држава со буржоаско уредување. Притоа во највисоките партиските структури се инсистирало на брзо расчистување со оваа политичка струја, затоа што нејзините идеи биле блиски и широко прифаќани од народот, а и во редовите на Партиската организација.
Во извештајот за политичката ситуација во Македонија на инструкторот на ЦК на СКОЈ, Зага Умичевиќ, од 7 ноември 1945 година. се вели дека “цела една група: Апостолски, Влахов, Ченто, Соколов, Венко Марковски, Пирузе, Чучков, Кире Глигоров кои, некои поотворено а некои закамуфлирани ја напаѓале линијата на ЦК на Македонија”. Македонското партиско раководство го известило ЦК на КПЈ за пресметката со појавите на “македонски шовинизам и сепаратизам”.
Се тврдело дека овие високи македонски раководители со своето однесување претставуваат генератор на неповолна политичка состојба во Македонија и дека тие се главни носители на опасноста од македонски државен сепаратизам. Тие биле обвинети дека сакале “сепаратистичка Македонија” одделна од Југославија”, како и дека “не се согласувале братството со Бугарија да се создава преку Белград, односно од Југославија, туку Македонија директно да се поврзува со Бугарија”.
Главните носители на т.н. “Антипартиска група” Методија Андонов-Ченто, Димитар Влахов, генерал Михајло Апостолски и Венко Марковски кон крајот на 1945 година стануваат свесни за својата немоќ нешто да променат во Македонија. Според кажувањата на Васил Ивановски, Ченто заклучил дака македонското ослободително дело не заврши онака како што требало. Додека за истата прилика генералот Апостолски, поради опасната политика на Партијата, доколку нито не се променело навестил дури и самоубиство.
Во еден извештај од 28 јуни 1945 година амбасадорот на Чехословачка во Белград вели: “Според извештаите од Македонија, тамошната ситуација не е добра. Македонските министри самите меѓу себе се разидуваат во гледањето на ситуацијата во Македонија. Чучков се изјасни дека русите му дале овластување за прибирање документи за мировна конференција за голема Македонија. Односите меѓу Југославија и Грција, со оглед на уредувањето во двете земји, природно, се лоши. Се тврди дека англичаните имаат свои трупи на грчката граница”.
Целите на "Антипартиската група" и обидите за нејзино разбивање
уредиОваа т.н. “Антипартиска група” имала јасен став кон прашањето за обединувањето на македонскиот народ од трите делови на Македонија. Таа се залагала за интегрално решавање на македонското национално прашање и за самостојна и независна македонска држава. Затоа ова група била критикувана од страна на челниците на КПМ, дека е изразител на интересите на потиснатата македонска буржуазија што води кон македонски државен сепаратизам, кој е рушител на братството и единството на југословенските народи и води кон отцепување од југословенската заедница, и дека е за создавање самостојна и независна македонска држава со буржоаско уредување. Притоа во највисоките партиските структури се инсистирало на брзо расчистување со оваа политичка струја, затоа што нејзините идеи биле блиски и широко прифаќани од народот, а и во редовите на Партиската организација.
Во политичката пресметка со “антипартиската група” бил применуван методот на разбивање на компактноста и врските во групата и отстранување на дел од оваа група со тоа што “речиси сите се преместени во Белград, а сметаат дека не би смееле да се одделуваат од Македонија”. Се работело систематски на постепено истиснување на Димитар Влахов од јавноста, иако бил дел од македонското политичко раководство. Веќе биле маргинализирани поголемиот дел од кадрите на МНОД. Така на пример Александар Мартулков бил пензиониран и веднаш разрешен од Президиумот на АСНОМ. Исто така и Венко Марковски ја завршил својата политичка кариера во Президумот на АСНОМ. Сепак најжестоки обвинувања биле упатени на сметка на Ченто. Не само што бил тргнат од претседателската функција, туку бил суден и осуден како предавник, бил затворен и целосно отстранет од политичкиот и од јавниот живот.
Наводи
уреди- ↑ Блаже Ристевски, „Професорот и државникот Мане Чучков пред и по АСНОМ“, Современост, бр. 5, Скопје, 2005.
- ↑ Кире Филов, "Економските и политичките промени во Штип и штипско низ архивската документација 1944-1946 година", НУ-УБ "Гоце Делчев", Штип, 2011.
- ↑ Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава том 2, Универзитет "Кирил и Методиј," Факултет за филозофско-историски науки, 1981, стр. 409
- ↑ Д-р Михајло Миноски, Македонија и Србија (1878-1944), Скопје, 2010, стр. 470
- ↑ Документациско одделние на ИНИ-Скопје, инв. бр. 267/43, извештај од Кузман Јосифовски-Питу до ЦК на КПМ од 20 декември 1943 година
- ↑ Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), документи од Првото и Второто заседание на АСНОМ, Архив на Македонија том 1, книга 1, Скопје 1984, стр. 51
- ↑ Покана од М.А.Ченто и Е. Чучков до Ј. Чкатров од 21.08.1944, Архив на Воено историскиот институт Белград, фонд: НОР у Македонији
- ↑ ДАРМ, А РС, ф. ЕК, Досије А/3, О Македонији, 10. XII. 1944, Андрија Хебранг