Шетајќи по улиците на Москва (филм)

„Шетајќи по улиците на Москва“ (руски: Я шагаю по Москве) — советски филм од 1964 година, во режија на Георги Данелија, според сценариото Генадиј Шпаликов. Главните улоги ги играат: Никита Михалков, Алексеј Локтов, Евгениј Стеблов и Галина Полских. Филмот бил премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал, каде бил номиниран за наградата „Златна палма“,[1] а награда освоил камерманот Вадим Јусов,[2] кој подоцна станал познат по неговата соработка со Андреј Тарковски.[3] Филмот бил многу популарен кај советската младина во 1960-тите поради неговиот оптимистички поглед кон животот, а истоимената песна станала неофицијална химна на московската младина.[3] Во 2006 година бил снимена нова верзија на филмот со наслов „Жештина“ кој постигнал голем комерцијален успех, но бил лошо оценет од критиката.[4]

Синопсис

уреди
Податотека:Shagayu.jpg
Плакатот за филмот

Волоѓа Ермаков (го игра Локтов) е млад и амбициозен писател од Сибир. Неговиот прв краток расказ е објавен во списанието „Младост“, а уредникот на списанието Воронин го кани да дојде во Москва да се договорат за соработка. Во московското метро, Волоѓа се запознава и се спријателува со младиот работник Коља (го игра Михалков), кој се враќа дома по напорната ноќна смена. Волоѓа сака да оди кај своите пријатели, но не знае точно каде е нивната улица. Коља решава да му помогне да ја најде улицата, но најпосле, Волоѓа завршува во станот на Коља. Истовремено, Коља го посетува неговиот другар Саша (го игра Стеблов) со молба да му помогне да го одложи заминувањето во армијата. Саша треба да се жени и, заедно со Коља и Волоѓа, оди во трговскиот центар за да купи костум. Таму, тие ја запознаваат продавачката на плочи Алјона (ја игра Полских) во која се вљубува Волоѓа. Подоцна, Коља, Волоѓа и Алјона шетаат низ паркот и се шегуваат со еден минувач. Подоцна, Волоѓа фаќа еден крадец на дело и почнува да го брка, а луѓето трчаат по нив. На крајот, крадецот успева да побегне, а толпата му се нафрла на Волоѓа, сметајќи го него за крадец. Така, тој е притворен, но во полициската станица доаѓа Коља за да го ослободи својот другар. Во меѓувреме, Алјонка го следи крадецот и му го одзема вниманието додека да дојде полицијата. Ноќта, тројцата одат во станот на Саша, но дознаваат дека неговата невеста се налутила и си заминала дома. Коља ѝ се јавува по телефон во обид да ги смири младоженците. Така поминува денот и Волоѓа мора да се врати дома, а на станицата го испраќаат Коља и Алјонка.[5]

Наводи

уреди
  1. IMBd, Walking the Streets of Moscow (1964) Awards (пристапено на 8.2.2019)
  2. „Festival de Cannes: I Step Through Moscow“. festival-cannes.com. Архивирано од изворникот на 2011-08-22. Посетено на 2009-03-01.
  3. 3,0 3,1 А я иду…[мртва врска]
  4. Метро в кино
  5. IMBd, Walking the Streets of Moscow (1964) (пристапено на 8.2.2019)