Црква „Св. Григориј Палама“ - Солун

црква во Солун

Свети Григориј Палама (грчки: Ιερός Ναός του Αγίου Γρηγορίου Παλαμά) — црква во градот Солун, Егејска Македонија. Влегува во состав на Солунската епархија на Цариградската патријаршија.[1][2]

Свети Григориј Палама
Αγίου Γρηγορίου Παλαμά
Поглед на црквата од запад
Карта
40°37′51″N 22°56′38″E / 40.63083° СГШ; 22.94389° ИГД / 40.63083; 22.94389
МестоСолун
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Мреж. местоneoiagp.gr
Архитектура
Архитект(и)Ернст Цилер
Ахилејас Камбанакис
Константинос Кокинакас
Ксенофон Пеонидис
Изградба1891 – 1914
Управа
ЕпархијаСолунска

Историја

уреди

Стар храм

уреди

Црквата е сместена во градскиот центар, на крстосницата меѓу „Митрополис“ и „Света Софија“. На ова место во османлиско време постоела црква посветена на Свети Димитриј (покровителот на Солун), која била градска катедрала. Таа е изградена од крајот на XIII до почетокот на XIV век од царот Андроник II Палеолог (1282 - 1328) и била трикорабна базилика, првично посветена на Богородица. По османлиското освојување на градот (1430) и претворањето на катедралата „Св. Димитрија“ во џамија во 1491 г., црквата на Богородица е преименувана по покровителот на Солун, Свети Димитриј. Кога и следниот катедрален храм, ротондата „Св. Архангели“ е претворена во џамија во 1590 г., крајбрежната црква станала катедрала на градот. Во 1699 г. е ремонтирана при митрополит Игнатиј Лезбоски. За време на Грчката војна за независност во 1821 г. во храмот побарале спас стотици солуњани, но Османлиите ја срушиле вратата и ги заклале.[2] Во црквата се чуваат чудотворната икона на Свети Димитриј, патријаршискиот престол и многу документи на грчката црковна општина.[3]

На 22 август 1890 г. оваа црква е наполно уништена во голем пожар. Уште во октомври 1890 г. митрополитот Софрониј Солунски (1889 - 1893) поднел молба за дозвола да изгради нова црква, која ја добил во јуни 1891 г. Во дозволата се вели дека новиот храм на Свети Димитриј ќе има и два параклиса — северниот посветен на Григориј Палама, а јужниот на Свети Никола. По молба на грчкиот премиер Харилаос Трикупис, банкарот Андрос Сингрос додал 8.600 лири кон постоечките 6.500 собрани од грчката црковна општина и изградбата на новиот храм започнала.[3]

Нов храм

уреди
 
Митрополитската црква на отоманска разгледница

За архитект на градбата е избран Ернст Цилер, кој истата 1890 г. ги изготвувал плановите за митрополитскиот храм „Пресв. Богородица Пројавена“ во Егио, и затоа двете цркви личат една на друга. Надзорот врз проектот му е доверен на неговиот ученик, Ахилејас Камбанакис. Камен-темелникот на црквата е поставен на 16 јуни 1891 г. од митрополитот Софрониј.[4] Градежните работи биле отежнати поради нестабилноста на почвата поради близината на морето.[5] Работата запрела во 1892 г. кога општината ги обвинила изведувачите дека користеле неквалитетен материјал и дека отстапуваат од планот Цилер. Камбанакис е разрешен и на негово место е назначен Константинос Кокинакис, но Камбанакис одбил да го достави проектот, а Цилер изјавил дека нема друг примерок од нив. Така изградбата запрела, а општината ги истрошила парите.[4]

Избувнувањето на Грчко-турската војна во 1897 г. дополнително ја попречило понатамошната работа. Дури во 1900 г. митрополитот Атанасиј Солунски (1893 - 1903) започнал одново да прибира средства за изградбата. Работата продолжила на 8 јули 1902 г., и доверувајќи го нејзиното довршување на Ксенофон Пеонидис, официјален архитект на грчката црковна општина, наследувајќи полузавршена градба. Пеонидис внимателно ги следел плановите на Цилер, но правел и промени онаму кајшто е можно. Грубата изградба завршила на 17 јуни 1906 г., а храмот е целосно довршен кон крајот на 1909 г. Трошокот на изградба изнесувал 302.229,30 златни гроша.[4]

Изградбата на храмот се одвивала напоредно на изградбата на Грчкиот генерален конзулат (1890 – 1893), денес Музеј на македонската борба, исто така дело на Цилер.[1][4] Двете градби се поврзани со тајна врата и биле управно седиште на Грчката вооружена пропаганда во Македонија од 1904 до 1908 г.[6]

Црквата е отворена а 21 април 1914 г. од митрополитот Генадиј Солунски (1912 – 1951). Бидејќи старата катедрала „Св. Димитрија“ веќе поворно станал христијанска црква, новиот митрополитски храм бил посветен на Свети Григориј Палама место на Свети Димитриј.[6]

Во 1978 г. Солунскиот земјотрес предизвикал големи штети на храмот. Веројатна причина за тоа се лошите материјали користени во првичната изградба и отстапувањата од плановите на Цилер. Некои побарале да се сруши, но надвладеал ставот дека црквата треба да се обнови. По овој зафат, храмот е повторно отворен на 13 ноември 1980 г.[6]

Архитектура

уреди
 
Внатрешноста на храмот

Архитектурата на храмот е е нетипична за своето време. Во XIX век во Солун и Македонија преовладувале трикорабните базилики, додека оваа црква му припаѓа на неовизантискиот осумаголен тип со купола кој се наметнал долу во Грција. Има неокласични, неоромантични и неоренесансни особености, следејќи ја тенденцијата кон еклектицизмот присутна во Солун на крајот од XIX век. Наосот има облик на впишан рамностран крст покриен е со голема купола, а од четирите страни на градбата има четири високи камбанарии.[1][6]

Внатрешноста е живописана од цариградския зограф Николаос Кесанлис, кој пристигнал во Солун во април 1911 г.[6] Во црквата се чуваат моштите на Григориј Палама.[1]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Άγιος Γρηγόριος ο Παλαμάς“. Thessaloniki 4 all, Your Thessaloniki. Архивирано од изворникот на 2022-06-29. Посетено на 11 јули 2016.
  2. 2,0 2,1 Τερμεντζόγλου, Γεώργιος Κ (2013). Εγκαίνια νεότερων ναών της Θεσσαλονίκης (1912-2011) (PDF). Θεσσαλονίκη: Αριστοτέλειο Πανεπιστήμιο Θεσσαλονίκης, Θεολογική Σχολή, Τμήμα Ποιμαντικής και Κοινωνικής Θεολογίας. стр. 14.
  3. 3,0 3,1 Τερμεντζόγλου, Γεώργιος Κ (2013). Εγκαίνια νεότερων ναών της Θεσσαλονίκης (1912-2011) (PDF). Θεσσαλονίκη: Αριστοτέλειο Πανεπιστήμιο Θεσσαλονίκης, Θεολογική Σχολή, Τμήμα Ποιμαντικής και Κοινωνικής Θεολογίας. стр. 15.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Τερμεντζόγλου, Γεώργιος Κ (2013). Εγκαίνια νεότερων ναών της Θεσσαλονίκης (1912-2011) (PDF). Θεσσαλονίκη: Αριστοτέλειο Πανεπιστήμιο Θεσσαλονίκης, Θεολογική Σχολή, Τμήμα Ποιμαντικής και Κοινωνικής Θεολογίας. стр. 16.
  5. Τερμεντζόγλου, Γεώργιος Κ (2013). Εγκαίνια νεότερων ναών της Θεσσαλονίκης (1912-2011) (PDF). Θεσσαλονίκη: Αριστοτέλειο Πανεπιστήμιο Θεσσαλονίκης, Θεολογική Σχολή, Τμήμα Ποιμαντικής και Κοινωνικής Θεολογίας. стр. 18.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Τερμεντζόγλου, Γεώργιος Κ (2013). Εγκαίνια νεότερων ναών της Θεσσαλονίκης (1912-2011) (PDF). Θεσσαλονίκη: Αριστοτέλειο Πανεπιστήμιο Θεσσαλονίκης, Θεολογική Σχολή, Τμήμα Ποιμαντικής και Κοινωνικής Θεολογίας. стр. 17.

Надворешни врски

уреди