Хирзутизам
Хирзутизам — претерана појава на влакна кај жените со нивни распоред како кај мажите.
Опис и причини
уредиХирзутизмот претставува изразена појава на влакна на разни делови од телото кај мажите и жените. Појавата на тврди и здебелени влакна (терминални влакна) вообичаено се јавува во пубертетот, кога доаѓа до поголема активност на половите жлезди при што густината и распоредот на терминалните влакна зависи од полот. Подоцна, паралелно со стареењето, количеството на влакната вообичаено се намалува. Дали некој човек е нормално влакнест зависи и од етничката припадност. На пример, жените на Далечниот Исток имаат малку влакна по телото, а жените од Средоземјето имаат поголема густина на влакната.[1]
Постојат два вида зголемена влакнетост: хирзутизам и хипертрихоза. Хирзутизмот означува зголемена појава на терминални влакна при што тие се јавуваат на истите делови од телото како кај мажите. Хипертрихозата претставува зголемен раст на меки влакна по целото тело или само на некои подрачја, особено каде што имало оштетување на кожата. Како редок наследен синдром се јавува хипертрихоза на целото тело, а екстремно ретка појава е зголемениот раст на термални влакна по целото тело (синдром на врколак). Хипертрихозата е често придружена со некоја болест, како: намалена работа на штитната жлезда, анорексија предизвикана од нервоза, Кушингов синдром, слаба исхрана, некои болести на кожата, некои злоќудни тумори и како придружна појава на одредени лекови (гликокортикоиди, фенитон, диазоксид, пеницилин, циклоспорин итн.).[2]
За проценка на појавата и степенот на хирзутизам се користи скалата на Фериман и Голвеј. Притоа, се набљудува присуството на влакна на девет места: над усните, лицето, градите, стомакот, пубисот, надлактиците, внатрешната страна на бутовите, горниот дел на грбот и долниот среден дел на грбот. За секое од овие места се мери густината на влакна, на скала од 0 до 4 при што 0 означува отсуство на влакна, а 4 изразено присуство на влакна од машки тип. Ако вкупниот збир е 8 или повеќе, тогаш станува збор за хирзутизам.[1]
Често, зголемената појава на влакна претставува само симптом, т.е. не постои единствена главна причина за претераното растење на влакната, туку тоа може да биде последица на некое хормонално нарушување. Така, хирзутизмот е последица на зголеменото присуство на андрогени хормони при што во некои ткива и во фоликулите на влакната овие хормони може да преминуваат од еден во друг вид, т.е. од послаб со посилен ефект. Поради тоа, може да се случи жена со изразен хирзутизам да има нормално или дури и пониско ниво на андрогени хормони во крвта. Како дополнителна компликација се јавува и тоа што реакцијата на фоликулите на исто ниво на андрогени значително варира, па може да се случи жени со исто ниво на андрогени во крвта да имаат различна густина на влакната.
Прераниот пубертет, проследен со прерана појава на влакна, може да биде знак за вродена мана на создавање хормони во кората на надбубрежните жлезди. Имено, андрогените хормони настануваат од заеднички почетни соединувања на серија ензими. Поради некои вродени мани, понекогаш во кората на надбубрежната жлезда не се создава доволно количество од клучниот хормон, кортизолот. Оттука, хипофизата засилено ги поттикнува надбубрежните жлезди, кои одговараат со зголемено лачење андрогени хормони, но не и кортизол, поради што засилено растат влакната. Како ретка причина за хирзутизмот се туморите кои лачат андрогени хормони. Во тој случај, жените кои претходно не биле влакнести одненадеж се соочуваат со засилена појава на влакна по телото. Друга причина за појава на хирзутизмот е синдромот на полицистични јајници, кој исто така е поврзан со лачењето андрогени хормони кај жените.[1]
Третман на хирзутизмот
уредиГолем број жени со умерен хирзутизам немаат придружни нарушувања кои бараат лечење и кај нив се користат разни методи за отстранување на влакната, како: избелување, бричење, депилација или кубење. Но, овие методи имаат само привремено дејство и треба да се повторуваат. Трајно отстранување на влакната се постигнува со електроепилација, со ласерска епилација или со фотоепилација. Последните две можат трајно да отстранат само одредени влакна, но не и целото подрачје, т.е. тие само ја намалуваат густината на влакната. За лицето, често се користи и крем што го спречува растот на нови влакна (крем што содржи ефлорнитин). Најпосле, ако постојат медицински индикации, третманот на хирзутизмот може да вклучи и некои лекови, како: спронолактон, ципротерон ацетат, финастерид, метформин, ефлорнитин, флутамид и комбинација од орални контрацептиви. Овие лекови го намалуваат нивото на андрогените хормони и антихипергликемиски го блокираат растот на влакната. Многу често, хирзутизмот се јавува како причина за психолошки проблеми кај жените кои се изложени на оваа појава. Така, влакнестите жени се чувствуваат помалку, женствени и помалку прифатени во општеството.[2]