Во старогрчката митологија, Пандора (на старогрчки Πανδώρα, што доаѓа од зборовите πᾶν “сè” и δῶρον “дарба”, “сè-надарена”) била првата жена. Според грчкиот поет Хесиод, Пандора била создадена така што секој од грчките богови й давал необични дарби. Како дел од казната на човештвото поради откривање на тајната за огнот, Зевс му наредил на Хефест да ја обликува Пандора од земја, а сите богови й давале “примамливи дарби”.[1] Другото име на Пандора, напишано покрај нејзината фигура на киликс со бела основа во Британскиот музеј, е Анесидора, “онаа која испраќа подароци оддолу во земјата”. Според митот, Пандора отворила ќуп (pithos), денес преведен како “Пандорината кутија” (види подолу), и ги ослободила сите зла на човештвото (освен чумата и болестите, злата не се детално наведени од страна на Хесиод), оставајќи ја само надежта внатре во ќупот откако го затворила. Пандора го отворила ќупот од љубопитност, тоа не бил злонамерен чин.

Пандора (1861), од Пјер Лојсон (1816–1886)

Митот за Пандора е многу стар, се појавува во неколку различни грчки верзии, а протолкуван е на многу начини. Сепак, во сите книжевни верзии митот е еден вид учење на теодицејата, поставувајќи го прашањето зошто постои зло во светот. Во седмиот век п.н.е., Хесиод, во своите поеми Теогонија (само накратко, без отворено да ја именува Пандора, стих 570) и Дела и Денови, ја пишува првата книжевна верзија на приказната за Пандора; сепак, грниња и урни со благодати и зла за човечкиот род се споменувале уште пред тоа, во Хомеровата Илијада:

Бесмртните не знаат за грижи, та сепак судбината што му ја пишуваат на човекот е полна со болка и тага; на подот на платата на Зевс стојат две урни, едната полна со лоши дарови, а другата со добри. Оној на кој Зевс, господарот на громот, ќе му даде мешани дарови, ќе види и среќа и малер; но оној на кој Зевс ќе му испрати само лоши дарови, ќе биде изложен на потсмев и омаловажување, ќе гладува до крајот на постоењето на овој свет, ќе се крева и ќе паѓа и нема да биде почитуван ни од боговите ни од луѓето.

Хесиодовата поема Теогонија

уреди
 
Џулс Џузеф Лефебре: Пандора, 1882

Митот за Пандора за првпат се појавува во стиховите 560-612 во поемата на Хесиод во епски стих, Теогонија (приближно VIII-VII век п.н.е.), без споменување на нејзиното име. Откако луѓето го добиле украдениот оган од Прометеј, гневниот Зевс, решил да ги каќе зни давајќи им дар од злото. Тој му наредува на Хефест од земја да ја направи првата жена, “прекрасно зло” чии потомци ќе ја измачуваат човечката раса. Откако Хефест ќе ја исполни наредбата на Зевс, божицата Атена ја облекува жената направена од земја во сребрена наметка, везен вел, венец од цвеќиња и украсена златна круна. Оваа жена нема име во Теогонијата на Хесиод, но се претпоставува дека е Пандора, на чиј мит Хесиод повторно се навраќа во поемата Дела и Денови. Кога Пандора за првпат се појавила пред боговите и смртниците, тие биле вчудовидени од нејзиниот изглед. Таа била “чиста измама, на која луѓето не можат да одолеат”. Хесиод пишува (590-93): Од неа потекнува жената и женскиот вид: од неа потекнува смртната раса и племето на жените кои живеат покрај мажите што се во неволја, не како другари за помош во сиромаштијата, туку како крвопијци на нивното богатство.

Хесиод продолжува со поплаки дека мажите кои ќе се обидат да побегнат од злото на жената со избегнување на брак, нема да живеат подобро (604-7):

Мажот ќе остари без никој да се грижи за него, и иако не му недостасуваат приходи за живот додека живее, кога ќе умре, неговите роднини си го делат неговиот имот меѓусебно.

Хесиод се согласува дека повремено мажот наоѓа добра жена, но сепак (609) “злото секогаш се натпреварува со доброто”.

Хесиодовата поема Дела и денови

уреди

Попознатата верзија на митот за Пандора доаѓа од друга поема на Хесиод, Дела и денови. Во оваа верзија на митот (стихови 60-105), Хесиод го пообјаснува нејзиното потекло и уште повеќе додава на мизеријата што таа му ја нанесува на човештвото. Како и во првиот мит, таа е направена од Хефест, но овој пат повеќе богови учествуваат во нејзиното создавање (63-82): Атена ја научи да плете и ткае (63-4); Афродита “ја облеа со грациозност и сурови копнежи и желби што ги изморуваат рацете и нозете” (65-6); Хермес й даде “срамни мисли и лажлива природа” (67-7); Хермес исто така й го подари говорот, придружен со “лаги и лукави зборови” (77-80); Атена ја облече (72); и потоа таа, божицата на убедувањето и заведувањето, Пејто, и Грациите ја накитиле со ѓердани и друг накит (72-4); божиците Хори ја накитиле со круна-венец од цвеќиња (75). Конечно, Хермес и дава на оваа жена име: Пандора- “надарена”, “бидејќи сите старогрчки богови й дадоа дарби” (81). Во ова прераскажување на нејзината приказна, лажливата женска природа на Пандора е еден од најмалите проблеми со кои се соочувало човештвото. Таа со себе носи ќуп или, во повеќето случаи, кутија полна со “исцрпни маки и болести кои му носат смрт на човекот (91-2)” и “безброј други болки” (100). Прометеј (плашејќи се од понатамошни одмазди) го предупредил својот брат Епиметеј да не прифаќа никакви подароци од Зевс. Но Епиметеј не го послушал својот брат; тој ја прифатил Пандора како подарок и таа веднаш ги ослободила злата од нејзиниот ќуп. Како резултат на тоа, Хесиод раскажува “земјата и морето се полни со зла” (101). Сепак, едно нешто не излегло од ќупот, надежта (96-9): Само надежта остана во нејзината нескршлива куќа, таа остана под работ на ќупот, и не одлета. Пред [да може], Пандора го замени поклопецот на ќупот. Ова беше волјата на заштитникот Зевс, собирачот на облаци.

Хесиод не им кажува на читателите зошто надежта останала во ќупот.

Тој ја завршува оваа поема со моралот (105): “Не може да се побегне од будното око на Зевс.”

Понатамошни украсувања на приказната за Пандора

уреди

Во древната и класичната грчка литература Пандора не се споменува повторно, иако Софокле напишал сатирична претстава Пандора за која речиси ништо не е познато. Пандора е можеби спомената во преживеаните остатоци од поемите на поетесата Сафо од Стара Грција.

Подоцна, собирачи на митови внеле некои мали детали или додале белешки во описите на Хесиод. Така на пример, Аполодор и Хигин го објасниле она што можеби било скриено во текстот на Хесиод: Епиметеј се оженил за Пандора. На ова тие додале дека Епиметеј и Пандора имале ќерка, Пира, која се омажила за Деукалион и заедно го преживеале потопот. Како и да е, во епопејата Каталог на жените од Хесиод, фрагмент #2, Пандора била една од ќерките на Деукалион и мајка на Graecus чиј татко бил Зевс. Монахот од XV век, Анио да Витербо, припишал ракопис кој тврдел дека го пронашол, на месопотамскиот историчар Берос, каде за „Пандора“ било напишано дека е снаа на Ное. овој обид да се соединат паганските и библиските раскази е познат како фалсификување.

Многу по смртта на Хесиод, грчкиот елегичен поет Theognis од Мегара ни раскажува:

Надежта е единствениот добар бог кој остана меѓу луѓето; другите си заминаа за Олимп. Довербата, моќен бог, си замина, Воздржаноста ги напушти луѓето, а Грациозноста, пријателе, ја напушти земјата. Заклетвите на човекот повеќе не се за верување, ниту пак некој ги почитува бесмртните богови; расата на побожниот човек исчезна и луѓето веќе не ги познаваат правилата за убаво однесување или религиозните обреди.

Theognis изгледа алудира на мит во кој ќупот содржело благодати, а не зла. Со тоа, тој најверојатно следи традиција која постоела пред времето на Хесиод, сочувана од баснописецот од вториот век Бабриј, дека боговите испратиле до луѓето ќуп полн со благодати. Некој „глупав човек“ (не Пандора) го отворил ќупот и повеќето од благодатите биле засекогаш изгубени. Само надежта останала во ќупот, „за да ни ги вети на секој од нас добрите работи кои одлетале“.

Независна традиција за Пандора која не се совпаѓа со ниеден од писмените извори е традиција од визуелните репертоари на таванските сликари на вазни во техниката црвени фигури на црна позадина, кои понекогаш го дополнуваат, а понекогаш го игнорираат пишаниот доказ; во овие прикази прикажан е горниот дел на Пандора како настанува од земја, „земјена божица како самата Геја.“ Само понекогаш таа е нарекувана Пандора.

Тешкотии при толкувањето

уреди
 
„Пандора“ од Џон Вилијам Ваторхаус, 1896

Толкувањата на Пандора во историјата се доволно бројни за да му понудат на историчарот на уметност Ервин Панофски простор за монографска обработка. Според англискиот класицист и филолог Мартин Личфилд Вест, приказната за Пандора и нејзиниот ќуп е мит кој постоел уште пред времето на Хесиод и дека тоа ги објаснува забуните и проблемите со верзијата на Хесиод, како и нејзината непотполност. Тој пишува дека во постарите митови, Пандора била омажена за Прометеј, и ја наведува древната Хесиодова поема Каталогот на жените како одржување на оваа постара верзија. Исто така, М. Л. Вест пишува дека ќупот во одреден момент содржел само благодатите за човештвото. Тој кажува дека во митовите кои постоеле пред времето на Хесиод улогите на Епиметеј и Пандора биле заменети, „митолошка инверзија“. Тој забележува дека постои необична корелација меѓу Хесиодовата приказна дека Пандора била направена од земја и Аполодоровата верзија дека Прометеј создал маж од вода и земја. Во тој случај, Хесиодовиот мит за Пандорината кутрија би можел да биде мешавина од разни постари митови.

Според Хесиодовото учење,опстоило суштинското прашање: Дали заробеноста на надежта во ќуп полн со зла за човештвото е благодат или додатно проклетство? Некои митолошки учебници се водат според мислењето на М. Л. Вест: „Тоа што надежта останала во ќупот е утеха, и ние денес треба да сме благодарни за овој лек за нашите рани.“ Сепак, некои научници, како Марк Грифит, заземаат различен став: „Надежта е благодат кој им е одземен на луѓето за нивните животи да бидат поздодевни и депресивни.“ Толкувањето на различните приказни се задржува на две прашања: Прво, како да го протолкуваме грчкиот збор elpis, што обично се преведува како „надеж“? Второ, дали ќупот ја задржува надежта во корист на човештвото или ја држи надежта настрана од луѓето?

Првото прашање може да ги збуни оние кои не се стручни преведувачи. Како и повеќето зборови на старогрчки, зборот elpis има повеќе од едно значења. Некои преведувачи претпочитаат да го користат неутралниот збор „очекување“ како превод на зборот elpis. Но какво очекување? Класичните автори го преведуваат зборот elpis како „очекување на нешто лошо“, како и „очекување на нешто добро.“ Статистичките податоци покажуваат дека во древната грчка литература второто толкување се јавува пет пати повеќе од првото. Другите го поддржуваат мислењето на малцинството дека elpis треба да се преведе како „очекувања на нешто лошо“(vel sim).

Како некој ќе одговори на првото прашање во голема мера зависи од одговорот на второто прашање: дали треба ќупот да го сфатиме како затвор или како шпајз? Ќупот со сигурност претставува затвор за злата кои Пандора ги ослободила- тие ги напаѓаат луѓето само кога се ослободени од ќупот. Некои тврделе дека логиката го диктира преводот, така што ќупот претставува затвор и за надежта, држејќи ја настрана од луѓето. Доколку некој го протолкува зборот elpis како очекувана надеж, тогаш митот добива песимистична црта: Сите зла на светот беа ослободени од Пандорината кутија, додека единствената утеха, Надежта, остана цврсто затворена внатре.

Ова толкување покренува уште едно прашање, усложнувајќи ја дебатата: дали треба надежта да ја сфатиме во вистинска смисла на зборот, или во потесна смисла на зборот каде надежта би се однесувала на злата ослободени од ќупот? Доколку надежта е заробена во ќупот, дали ова значи дека човековата егзистенција е безнадежна (бесмислена)? Ова е најпесимистички настроеното толкување на митот. Нешто помалку песимистичко толкување на митот гласи: безброј зла летнаа од Пандорината кутија и ги измачија луѓето; надежта дека можеби човекот сепак ќе ги победи овие зла, остана затворена во ќупот. Животот не е безнадежен, но секој од нас е само човек.

Некои уште тврдат дека надежта била една од злата во ќупот, тоа била лажна надеж, никакво добро за човекот, бидејќи понатаму во поемата Хесиод пишува дека таа надеж е празна (498) и никаква (500) и го чини човекот мрзлив, одземајќи му ја работливоста и правејќи го склон на лошотилак.

Во книгата Хумани, сите премногу хумани, филозофот Фридрих Ниче тврди дека „Зевс не сакал човекот да го отфрли својот живот, туку да продолжи да се измачува одново. За крај на тоа измачување, тој му дава на човекот надеж. Всушност, надежта е поголемо зло од сите зла бидејќи го одолговлекува неговто измачувањето.“

Спротивставеното мислење на толкувањето дека надежта е добра/ќупот е затвор возвраќа со прашањето: доколку ќупот е полн со зла, тогаш што бара надежта- благодат- меѓу нив? Ова мислење води кон толкувањето на зборот elpis како исчекување на злото, што би му дало оптимистичка црта на митот: иако човечката раса е измачувана од сите зла на светот, барем сме поштедени од континуирано исчекување на злото, што би го направило животот неподнослив.

Оптимистичко сфаќање за митот изнесува М. Л. Вест. Зборот еlpis го зема општоприфатеното значење за очекувана надеж. И додека ќупот бил затвор за сите зла што избегале, потоа претставува дом на Надежта. Вест објаснува, „Апсурдно би било да се претстави присуството на болести со нивното затворање во ќупот, или пак присуството на надежта со бегство од истата.“ На овој начин, надежта е претставена како благодат за човештвото.

Pithos како „кутија“

уреди
 
pithos од Крит, приближно 675 година п.н.е (Музеј Лувр)

Погрешното толкување на pithos, голем длабок ќуп, како „кутија“ е взано за хуманистот од XVI век, Еразмо Ротердамски, кога ја превел Хесиодовата приказна за Пандора на латински. Хесиодовиот pithos упатува на голем длабок ќуп, честопати закопан во земја до пола, употребуван за вино, масло или жито. Исто така може да значи ќуп за пепел на починатиот.

Како и да е, Еразмус го превел зборот pithos со латинскиот збор pyxis, што значи „кутија“. Оттогаш па наваму останал изразот „Пандорината кутија“.

Дарежливата Пандора: митска инверзија

уреди

Етимологијана на името на Пандора, „сè-надарена“ кое потекнува од поемата Дела и денови е погрешна народна етимологија. Пандора всушност значи „дарежлива“, а не „ сè-надарена“. Одредени цртежи на вазни кои датираат од V век п.н.е. исто така укажуваат на тоа дека митовите за божицата Пандора кои постоеле пред времето на Хесиод опстанале со векови по смртта на Хесиод. Друго име на Пандора кое се појавило на киликс со бела позадина (приближно 460 година п.н.е.) е Анесидора, кое исто така значи „онаа која испраќа дарови“. Овој цртеж на вазна очигледно ги опишува последните потези на Хефест и Атена во создавањето на првата жена, како што се вели во Теогонијата. Името Анесидора е напишано над фигурата. Сепак, обично епитетот анесидора се врзува за божиците Геја и Деметра.

 
Тавански pyxis, 440–430 година п.н.е. (Британски музеј)

Оваа поврзаност на Пандора со Геја и Деметра преку името Анесидора дава патоказ за еволуцијата на Пандора како митска фигура. Во класичната наука главно е утврдено дека- за женски божества- едно или повеќе второстепени митски ликови понекогаш се одделуваат од првобитниот лик, при што ги усвојуваат одликите на оригиналот. Најпознат пример за ваквото одделување е поделбата на сите одлики на таканаречената Божица-мајка во повеќе божици со поспецифични функции, меѓу кои се: Геја, Деметра, Персефона, Артемида и Хеката. Пандора очигледно е резултат на истиот процес. Во претходната, сега веќе изгубена инкарнација за нас, Пандора/Анесидора би усвоила одлики од Геја и Деметра. Таа би ја овоплотила плодноста на земјата и нејзината способност да дава жито и овошје за доброто на човечкиот род. Англиската класициста Џејн Елен Харисон обрнала внимание на репертоарот на сликарите на вазни со цел да ги открие оние аспекти на митот кои биле замаскирани во литературата. Приказната за Пандора била повторувана на грчките керамички производи. На амфора од V век во Ешмоловиот музеј, е насликана половина од фигурата на Пандора која изникнува од земјата, со кренати раце во молитвена положба, за да го поздрави Епиметеј. Крилест кер лебди над главата: „Пандора се крева од земјата, таа е земја, дарител на сите дарови“, забележува Харисон.

 
Nicolas Régnier: Allegory of Vanity — Pandora, c. 1626. Regnier ја насликал Пандора со ќуп, не со кутија.

Со време, оваа „дарежлива“ божица станува „сè-надарена“ смртна жена. Т. А. Синклер, правејќи забелешки на поемата Дела и денови тврди дека Хесиод не покажува знаење за митологијата на таков божествен „дарител“. ОД друга страна, А. Х. Смит забележува дека во описот на Хесиод, божицата Атена и Годишните времиња й подариле на Пандора цветни венци, што укажува на тоа дека Хесиод бил свесен за оригиналната функција на Пандора како „дарежлива“ божица. Џејн Елен Харисон во приказната на Хесиод гледа „доказ за премин на матријархатот во патријархат во грчката култура. Како што се губи божицата Пандора која носела живот, така се појавува смртната жена Пандора која носи смрт.“ Така, Харисон заклучува дека „во патријархалната митологија на Хесиод, нејзината прекрасна личност е на чуден начин изменета и потценета. таа повеќе не е производ на земјата, туку суштество, дело на Зевс.“ Англискиот поет и преведувач Роберт Грејвс, цитирајќи ја Харисон, тврди дека „Пандора не е вистински мит, туку анти-феминистичка приказна, најверојатно измислена од Хесиод“. Х. Џ. Роуз напишал дека митот за Пандора ограничува поради фактот што ја прави Пандора извор сите маки на човештвото, со тоа што е претставена како пример за лоша сопруга.

Сепак, митот на Хесиод не го брише целосно сеќавањето за дарежливата божица Пандора. Белешка на стихот 971 од драмата-комедија Птиците на Аристофан оддава култ на „Пандора, земјата, бидејќи таа нè снабдува со сите потребни средства за живот“.

Врската на Пандора со Ева од постанокот на човештвото

уреди

Постојат бројни сличности помеѓу Пандора од старогрчката митологија и Ева од еврејската книга за Постанокот на човештвото. И двете приказни вклучуваат: 1. Божјото создавањето на првата жена. 2. Непочитување на божјата заповед од страна на првата жена. 3. Огромната несреќа што му се случила на човештвото поради непочитувањето на божјата заповед од страна на оваа жена 4. Обид да се објасни изворот на сите маки и зла кои подоцна ги преживеал човекот.

  1. Хиган, Митови, Три, Скопје, 2016, стр. 97.