Хемија е расказ од Роберт Ворд, објавен во збирката „Кокаински хроники“, во 2010 година, во издание на „Темплум“. Преводот на македонски јазик е дело на Владимир Петревски.

Содржина

уреди

Во расказот, главниот лик, Роџер Дикенс, прагматичен и бесчувствителен човек, опишува како ја пронашол својата вистинска љубов. Тој вообичаено оди во барот „Лавја глава“ каде заведува девојки, кои потоа лесно ги отфрла. Еден ден, таму ја среќава Никол, која веднаш го привлекува и двајцата започнуваат разговор. Никол делува потиштено и му кажува дека треба да се најде со нејзиниот здодевен шеф. Роџер оди во тоалетот за да земе малку кокаин, а во меѓувреме доаѓа шефот на Никол. Тогаш Роџер набрзина смислува план како да го насамари шефот и им приоѓа на двајцата, претставувајќи се како вереникот на Никол, кој штотуку пристигнал од Чикаго за да се венча со неа. Роџер и Никол излегуваат од барот и страсно се бакнуваат на улица, а таа му предлага да одат во нејзиниот стан, во близина.

Во станот, Никол почнува да се соблекува, возбудувајќи го Роџер, но наеднаш запира, велејќи му дека сака да го види него гол. Роџер се соблекува и тогаш во станот се појавува шефот на Никол, кој со дршката на пиштолот го удира Роџер во главата и Роџер паѓа во несвест. Кога ќе се разбуди, но тогаш Никол му објаснува дека човекот не е нејзиниот шеф, туку дека е нејзиниот маж и дека двајцата дошле за да му се одмаздат за смртта на нејзината сестра. Притоа, таа му кажува дека пред две години, во истиот бар, тој ја завел нејзината сестра, Гејл Харден, која многу го сакала, но тој ладно ја отфрлил, поради што таа се обесила.

Рон, партнерот на Никол, истура во устата на Роџер две мали шишенца, наполнети со непозната течност. Роџер се буди во болница, со силни болки во грлото и во стомакот. Полицијата го одведува во неговиот стан, каде затекнуваат неред: сите работи во станот се искршени, а ја нема ниту заштедата на Роџер. Сепак, и покрај непријатните случки, тој чувствува дека е вљубен во Никол, но истовремено, во неговата глава му се појавуваат и сликите на обесената Гејл. Во следните осум дена, Роџер е целиот потиштен и чувствува огромна вина за смртта на Гејл. Започнува почесто да се дрогира, но тоа не само што не му помага, туку започнува да халуцинира, гледајќи ја Гејл во својот стан. Еден ден го поетуваат полицајците, кои му кажуваат дека Никол и нејзиниот сопруг се измамници, кои по баровите наоѓаат жртви и ги ограбуваат. Исто така, му кажуваат дека не постои никаква Гејл, дека нема никакво самоубиство и дека фотографијата со мртвата Гејл е само фотомонтажа на која се наоѓа Никол. Сепак, Роџер си оди во станот и понатаму живее со своите халуцинации за Гејл/Никол.[1]


Наводи

уреди
  1. Роберт Ворд, „Хемија“, во: Гери Филипс и Џери Tервалон (уредници), Кокаински хроники, Темплум, Скопје, 2010, стр. 56-91.