Хаос (италијански: Kaos) - италијански филм од 1984 година, во режија на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани, кои се автори и на сценариото. Филмот е заснован врз пет раскази на Лујџи Пирандело. Главните улоги ги толкуваат: Маргарита Лозано (Margarita Lozano), Клаудио Бигаљи (Claudio Bigagli), Франко Франки (Franco Franchi), Чичо Инграсија (Ciccio Ingrassia), Бјаџо Бароне (Biagio Barone) и Масимо Бонети (Massimo Bonetti). Филмот е снимен на Сицилија, каде се одвива дејствието на расказите. „Хаос“, кој се смета за еден од најдобрите филмови на браќата Тавијани, е помалку полемичен, а повеќе меланхоличен филм кој дава визија на животот исткаен со тага, разбирање и прифаќање на сè што постои во светот. Тој се одликува со голема визуелна убавина во која, според зборовите на режисерите, се огледува „срцето и душата на Италија“.[1]

Синопсис

уреди

Филмот се состои од пет приказни: во првата, насловена „Другиот син“, една старица ја пречекува поворката на луѓето кои заминуваат на печалба во Америка. На еден од нив, таа му го дава писмото, наменето за нејзините синови, но лекарот кој се наоѓа на тоа место ѝ кажува дека во писмото нема ништо, т.е. тоа не е напишано со букви, туку содржи само чкртаници. Притоа, лекарот се согласува да ѝ напише ново писмо. Додека пишува, тој здогледува непознат човек во близината за кој дознава дека е син на старицата кого таа не го сака. Така, старицата му ја раскажува приказната за тој син, кој бил зачнат така што еден насилник и разбојник најпрвин го убил нејзиниот сопруг, а потоа ја грабнал неа и ја силувал.

Во втората приказна се прикажува страдањето на еден штотуку оженет човек кој се однесува необично секогаш кога ќе се појави полна месечина. Откако ќе биде сведок на тој настан, неговата сопруга го напушта, но тој оди во градот и ја моли да му се врати назад. При следното појавување на полната месечина, во нивниот дом пристигнува мајката на невестата, во друштво се едно момче. Ноќта, кога почнуваат страдањата на сопругот, неговата жена го моли гостинот да водат љубов, но тој зилегува надвор за да му помогне на несреќниот човек.

Во третата приказна се раскажува за еден земјопоседник, кој купува голем ќуп за да ги складира маслинките. Меѓутоа, ќупот се крши, па земјопоседникот најмува еден мајстор за да го залепи. Мајсторот успешно го поправа ќупот, но останува заглавен внатре. Вечерта, селаните приредуваат забава на која учествува и мајсторот, а бесниот земјопоседник пука во ќупот и така го уништува.

Четвртата приказна се вика „Реквием“ и го прикажува незадоволството на жителите на едно село поради тоа што баронот, кој е сопственик на земјата, не им дозволува да изградат гробишта. Власта го задушува бунтот и селаните мора да се вратат дома под придружба на војската. Таму, основачот на селото седи пред ископан гроб, чекајќи да умре, но војската ги брка селаните. Сепак, тие се враќаат назад, известувајќи ги војниците дека старецот умрел. Така, војниците си одат, а тогаш старецот излегува од ковчегот.

Во последната приказна, писателот Пирандело се враќа во родната куќа каде му се прикажува духот на мајка му и меѓу нив започнува разговор, исполнет со сеќавања на детството.

Наводи

уреди