Филип IV (Шпанија)
Филип IV бил крал на Шпанија во периодот од 1621 до 1665 година и крал на Португалија од 1621 до 1640 година. Престолот го наследил од татко му Филип III од Шпанија кога имал само 16 години, и исто како татко му немал ниту способност ниту некаква поголема желба за државност. Долговите на државата сè повеќе се зголемувале додека кралското семејство живеело во раскош на сметка на народот кој тонел во сиромаштија. Некогашната најмоќна династија започнала да се распаѓа од внатрешни и надворешни фактори. Во текот на неговото владеење водел војна со Холандија по која морал да ја признае нејзината независност во 1648 година. Војната со Франција исто така завршила со пораз и големи последици на Шпанија. Следувале поголем број на востанија организирани од незадоволниот народ. Каталонците и Португалците во 1640 година дигнале востание преку кое Луј XIII бил прогласен за крал на Каталонија, а Жоао IV на Португалија. Од Шпанија успеала да се одели само Португалија. |