Тој мрачен предмет на желбите
Тој мрачен предмет на желбите (француски: Cet obscur objet du désir) - француско-шпански филм од 1977 година, во режија на Луис Буњел, кој е ававтор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Фернандо Реј (Fernando Rey), Карол Буке (Carole Bouquet), Анхела Молина (Ángela Molina), Жилијан Берто (Julien Bertheau), Андре Вебер (André Weber), Марија Аскерино (María Asquerino) и Милена Вукотиќ.[1] Филмот освоил вкупно шест награди и имал 11 номинации, вклучувајќи две номинации за „Оскар“ и една за „Златен глобус“.[2]
Синопсис
уредиМатје (го игра Реј), средовечен богат човек, патува со воз за Париз, а кога здогледува дека во возот се качува и една девојка, тој истура врз неа кофа со вода. За да го објасни своето необично однесување, тој започнува на патниците да им ја раскажува приказната за љубовта кон девојката чие име е Кончита (ја играат Молина и Буке). Тој ја запознава Кончита во својот дом, каде таа работи како слугинка. Воодушевен од нејзината убавина, тој се обидува да ја заведе, но таа исчезнува. По некое време, тој случајно налетува на неа и дознава дека таа живее со нејзината мајка (ја игра Маскерино) во сиромашен стан во Париз. Набргу, Матје започнува редовно да ја посетува при што секогаш им остава пари. Матје долго време се обидува да има секс со Кончита, но таа го убедува дека сака да остане девица и дека сексуалниот однос ќе дојде подоцна. За да го ослободи од маките, пријателот на Матје кој е судија (го игра Берто) издава налог за протерување на Кончита и нејзината мајка во Шпанија. Разочаран, Матје решава да замине на пат во Севиља каде сосема случајно ја здогледува Кончита. Таа го кани да ја гледа како танцува во еден ноќен клуб, но тој открива дека по регуларниот дел, таа танцува гола за туристите. Кај него пак се буди љубовта кон неа и ѝ купува куќа, но штом ги добива клучевите, таа не го пушта да влезе внатре. Уште повеќе, додека тој стои на портата, таа води љубов со нејзиниот млад придружник. Меѓутоа, по неко време, Кончита го посетува Матје и го убедува дека сексуалниот однос бил само глума и дека момчето не е нејзин љубовник. Меѓутоа, Матје жестоко ја тепа, нанесувајќи ѝ сериозни повреди. Кога Матје завршува со својата приказна, се појавува Кончита која врз него истура кофа со вода, но потоа тие се помируваат и заедно го напуштаат возот. Подоцна, тие шетаат во Париз и тогаш налутената Кончита се оддалечува од него, а во тој миг зад нив експлодира бомба.