Тодорова сабота

(Пренасочено од Тодоровден)

Тодорова сабота или Тодорица/Тодоријаправославен христијански празник што се слави во првата сабота од велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Оваа сабота е последниот ден од Тодоровата недела.

Тодорова сабота
Тодорица
Тодорова сабота Тодорица
Обичајот „невестинско поклонение“ на Св. Теодор Тирон во Конопница, Кривопаланечко со пригодни извезени натписи
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на Свети Теодор Тирон
Датумпрва сабота од Велигденските пости
Обичаиобредно пеење, обреди
Варена пченица која се раздава на Тодорова сабота
Фреска на Теодор Тирон во Влашка од 1526 г.

Патрон

уреди

Тодорова сабота е празник посветен на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, кој настрадал во прогоните на христијаните од страна на римскиот цар Максимилијан. Овој ден се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по смртта. Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост, римскиот цар Јулијан Отпадникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли. Меѓутоа, св. Теодор Тирон на јаве му се појавил на цариградскиот патријарх и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил и христијанските верници отанале неиспоганети пред нивниот најголем празник. Во спомен на овој настан, првата сабота од велигденските пости е наречена Тодорова сабота.

Обичаи

уреди

За празникот Тодорова сабота се поврзани повеќе верувања и обичаи. На пример, во Дебрца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле во црквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“.
Исто така, на Тодорова сабота, младите девојки изведувале и обичаи со кои сакале да дознаат кој ќе биде нивниот иден маж. За таа цел, во петок навечер, за време на вечерата, девојките го зачувувале првиот залак и го ставале под перницата. Притоа, се верувало дека момчето кое ќе го сонеле, подоцна ќе им стане маж.[1] Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје“. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа којашто се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите производи свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје“, „за воловско здравје“, „за коњско здравје“ итн.

Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на XX век од Н. Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило“. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку, но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата, зашто во спротивно ќе се случела голема несреќа и на луѓето и на добитокот.

Интересен обичај во Дебрца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени, пак, што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат“.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и трипати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје“. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот“.

Вакви обичаи забележал и Марко Цепенков. „Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види на сон кое момче ќе си го земи за маж да је биди еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чуа за коа ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојде тоа момче што и је наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знаи, него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи“. Сличен на овој обичај М. Цепенков забележал и во Битола: „Во град Битола спроти Тодорица праат мајките на ќерките еден маривет да познаат кое момче ќе и ја земи ќерката. Ќе појди една мајка в црква и ќе земи три зрна пченица, падната што има наземи. Коа ќе седнат да вечераат, ќе и го укради мајката на ќерката првиот залак и коа ќе си легни девојчето да спие, ќе и клаит под перница. Спиејќи девојчето, ќе го сонуала кое момче ќе го земела, убао ќе го видела, очи со очи ќе се виделе и бездруго тоа момче ќе го земела. Утрото со душа ќе ја чекат мајка е да стани од спиење за да ја праша што сон сонуала. Ако е страмежливо некое девојче и неќи да е кажи на мајка си, таа ќе и нагодуа за соно што го видела и за момчето што го видела. Ете од трите зрна пченица и еден залак леб, клаени под перница ќе си го виделе на сон кое момче ќе земи. Ако е вистина ашколсун јас ќе му речам“. Во Гостивар, според еден понов запис, во минатото на овој ден доаѓале девојките и ергените од соседните села облечени во празнична носија, заедно со своите родители и шетале низ градот. Тоа било можност и за запознавање и за бендисување. Така во споменот на гостиварчани и околните села овој ден останал како ден на бендисувањето, односно како метафора на љубовта.

Во кривопаланечкото село Конопница последниве години е обновен еден древен обред што во минатото се изведувал на овој ден пред црквата што го носи името на св. Теордор Тирон. Имено во овој обичај учествуваат невестите што се омажиле помеѓу двете Тодорици заедно со своите свекрви задолжително облечени во народна носија. После ова поклонение пред светецот невестите веруваат дека ќе добијат пород и дека ќе ги следи благосостојба.

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш“.

Стефан Верковиќ запишал дека во егејското село Мачуково, (Долновардарско) „Спроти Сфити Тодур момите раздават на црквата пшеница и пчиничка бркано, и чис леп. В лебут замесуват една глава лук и сус неа го печат; го извртуве сус се леп, ка ќ’оде на црквата; дупката што ќе се чине на лебут, туруваат пшеница и пчиничка, да напкум сус них зарануват добитоците, а кукешните си апнуваат за здраве“.

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазорополе. Тие што тремереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови“. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови!“ Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.

Наводи

уреди
  1. „Кое момче вечер ќе го сонат девојчињата за тоа ќе се омажат“, Дневник, година XIX, број 5704, сабота, 28 февруари 2015, стр. 32.