Тврдина“ (српски: Tvrđava) — роман на југословенскиот писател Меша Селимовиќ од 1970 година. Романот им е посветен на Маша и Јасенка.[1]

Содржина

уреди

Романот се состои од 19 глави:

  1. Дњестарските мочуришта: Ахмет Шабо се сеќава на борбите кои ги водел по течението на Дњестар, како војник на Османлиската армија. Во неговата единица имало десетина војници од неговиот роден град Сараево, но сите погинале во војната или пак умреле кратко време по враќањето дома. За време на една битка, неговата единица била потполно уништена, а тој успеал да се спаси, патем спасувајќи го и својот сограѓанин Мула Ибрахим. По враќањето дома, нему му исчезнуваат сеќавањата на војната, освен случката со силувањето на една жена.[2]
  2. Таги и смеа: Кога се враќа во родниот град, Ахмет дознава дека членовите на целото негово семејство се мртви, а родната куќа ја наоѓа уништена во пожар. Разочаран и потресен од случките што ги доживеал во војната, тој нема желба за никаква конкретна работа, но неговиот пријател Мула Ибрахим решава да му помогне така што го вработува во својот дуќан како писар.[3]
  3. Среќа, сепак: При една ноќна посета на разурнатата куќа, Ахмет ја среќава сосетката Тијана со која продолжува да се гледа, а наскоро се жени со неа. По некое време, покрај редовната работа, Ахмет почнува да работи и како приватен учител. Набргу, Тијана останува бремена и тогаш Ахмет чувствува голема животна среќа.[4]
  4. Непријателска земја: Една вечер, заедно со Мула Ибрахим, Ахмет оди во посета на еден богат човек кој во својот дом организира средби на угледните луѓе во градот. Ахмет и Мула Ибрахим се надеваат дека на тој начин ќе стекнат познанства со кои полесно ќе напредуваат во животот. Под дејство на ракијата, Ахмет јавно ги искажува своите бунтовнички ставови кои се навредливи за присутните и поради тоа го бркаат од куќата. На патот кон својот дом, некој го удира силно по главата и тој се онесвестува, а го спасува познаникот Махмут, кој случајно минува по улицата. Притоа, напаѓачите не само што го повредиле, туку го и го измачкале со измет.[5]
  5. Празен простор: Деновите минуваат и Ахмет полека закрепнува, благодарение на помошта од Тијана и Махмут. Иако е огорчен, тој нема смелост да излезе во јавноста. Сепак, еден ден оди кај Мула Ибрахим, кој му кажува дека е отпуштен од службата. Потоа, Ахмет упорно бара нова работа, но без никаков успех.[6]
  6. Чудно лето: Доаѓа летото и шумите околу Сараево ги зафаќаат пожари. Еден ден, Махмут го наговара Ахмет да појдат во планината за да ги гледаат пожарите и таму го среќаваат познатиот ајдук Беќир Тоска. По тој настан, Ахмет е повикан на испитување кај сердарот Авдага. Тогаш, Тијана добива служба кај жената на брат му на Авдага, која наскоро, заедно со љубовникот, го убива сопругот. Авдага ги открива сторителите на злосторството и ги погубува.[7]
  7. Мртвиот син: За време на акцијата во која Авдага ги заробува убијците на брат му, Тијана го губи бебето, а Ахмет и Махмут го закопуваат во заеднички гроб.[8]
  8. Јунакот кој се плаши од осаменоста: Бидејќи нема работа, Ахмет често оди во библиотеката. Еднаш, таму го среќава студентот Рамиз, кого го запознал за време на војувањето крај Дњестар. Рамиз држи бунтовнички проповеди во џамијата, а Ахмет еднаш ги слушнал неговите повици против власта. По краткиот разговор во библиотеката, Рамиз му го нуди своето пријателство на Ахмет. На патот кон дома, Авдага го пречекува Ахмет и го испрашува за Рамиз.[9]
  9. Детски шупелки: Ахмет сè уште е без работа, така што тој и Тијана живеат благодарение на нејзината работа. Истовремено, таа добива одреден износ пари од наследството на татко ѝ. Наговорен од Махмут, Ахмет му ги дава парите на еден трговец, кој ги проневерува и така тие повторно остануваат сиромашни. Потоа, Махмут го убедува Ахмет да ја продаде разурнатата родна куќа, а со тие пари купува детски шупелки, кои успева да ги продаде, со што малку се поправа состојбата на Ахмет и Тијана. Авдага повторно му нуди работа на Ахмет, барајќи да го шпионира студентот Рамиз, но Ахмет одбива.[10]
  10. Момчето со чисто срце: Една вечер, Мула Ибрахим скришно го посетува Ахмет, нудејќи му помош. Кога влегува дома, Ахмет го затекнува Авдага, кој го чека него. Тогаш, Тијана храбро му се спротивставува на Авдага, оставајќи го без зборови и тој си заминува засрамен. Од него, Ахмет дознава дека Рамиз е затворен во тврдината.[11]
  11. Не сакам да мислам на Рамиз: По веста за апсењето на Рамиз, Ахмет постојано мисли на него. На барање на Авдага, тој оди на собирот што се одржува во џамијата, каде власта го изнесува обвинението против Рамиз, а угледните луѓе им се придружуваат на нападите кон него. По завршувањето на собирот, помошникот на кадијата бара од Ахмет да го убеди Рамиз да се откаже од своите идеи, заканувајќи му се дека и него може да го обвинат.[12]
  12. Тага и бес: Ахмет го посетува богатиот Шехага, кој е бесен поради тоа што во војната го загубил синот-единец, како и поради неодамнешната смрт на неговиот најдобар пријател кого го убила власта. Ахмет му предлага да го спаси Рамиз и така да ѝ се одмазди на власта, а Шехага го прифаќа предлогот со воодушевување.[13]
  13. Грабнување: Ноќта пред Бајрам, пријателот на Шехага, Осман Вук, приредува забава во меаната. Утредента, низ градот се раширува веста дека непознати луѓе ноќта го ослободиле Рамиз од тврдината. Ахмет со радост ја пречекува веста, а истовремено, Тијана му кажува дека е бремена.[14]
  14. Моќта на љубовта: Сопругата на Махмут ја посетува Тијана со намера да ја прегледа, а потоа тие стануваат блиски пријателки. Ахмет го посетува Мула Ибрахим, а таму го среќава Шехага, кој му дава налог да пренесе порака до луѓето кои веројатно се вмешани во грабнувањето на Рамиз.[15]
  15. Татко и син: Ахмет дознава дека човекот на кого му ја пренел пораката го убил својот најмлад син. Тој и Осман Вук одат на погребот на убиеното момче при што тој чувствува вина за извршеното убиство во кое и тој е посредно вмешан. По погребот, Ахмет и Осман го посетуваат Махмут и присуствуваат на кавгата меѓу него и син му. Потоа, Осман Вук му нуди работа на Махмут, а тој воодушевено ја прифаќа понудата. Новата работа целосно го менува однесувањето на Махмут, кој станува сериозен и чесен, а тоа предизвикува разочарување кај Ахмет. При една негова посета на Махмут, во дуќанот доаѓа Авдага кој двајцата ги испитува за грабнувањето на Рамиз.[16]
  16. Надгробен натпис: Авдага не се откажува од истрагата, туку упорно продолжува да ги испрашува Махмут и Ахмет и кај двајцата внесува страв и немир. Еден ден, Мула Ибрахим го испраќа Ахмет по работа во блиското село, а таму тој дознава дека Рамиз се крие во куќата на еден селанец. Во меѓувреме, власта ја затвора жената кај која живеел Рамиз и набргу, таа умира во тврдината.[17]
  17. Вечниот трагач: Моќниот Шехага, користејќи го своето познанство во валијата, им се одмаздува на кадијата и на неговиот главен писар, кои се треба да бидат преместени на служба во помали места. Авдага упорно продолжува да ги испрашува Махмут и Ахмет, а во една прилика му кажува на Ахмет дека знае сè за грабнувањето на Рамиз и само чека да ги обезбеди неопходните докази. Исплашениот Ахмет му го пренесува разговорот на Осман Вук и три дена подоцна, непознати луѓе го убиваат Авдага. Тгоаш, Шехага го кани Ахмет да му се придружи на патувањето во Венеција и тој ја прифаќа поканата.[18]
  18. Смрт во Венедик: На патот кон Венеција, Ахмет тагува по родниот крај, а кога пристигаат таму, воопшто не им се восхитува на убавините на градот во кој се одржува карневалот. Шехага е тешко болен и се сомнева дека некој го отрул, а по неколку дена умира.[19]
  19. Тврдина: По враќањето дома, Ахмет се разболува и три дена лежи в постела. Откако закрепнува, тој дознава дека Махмут ја продал куќата за да го покрие кусокот во магацинот, направен поради тоа што им делел бесплатно жито на сиромашните. За време на неговата болест, Шехага бил погребан, а Ахмет се сомнева дека Осман Вук планира да им се одмазди на виновниците за смртта на Шехага. По некое време, Ахмет и Тијана се селат во друг стан, а тој почнува да работи како детски учител. Романот завршува така што власта повторно распишала мобилизација, а Ахмет ги набљудува момчињата кои заминуваат во војна, прашувајќи се длаи и идните генерации ќе живеат исто така.[20]

Изданија на романот

уреди

Романот „Тврдина“ доживеал повеќе изданија:[21] [22]

  • исечок од романот со наслов „Смрт во Венедик“ бил објавен во белградското списание „НИН“ во бројот 13 од 1 декември 1968 година.
  • исечок од романот со наслов „Љубов“ бил објавен во сараевското списание „Одјек“ (број 17-18) во 1969 година.
  • исечок од романот со наслов „Необична молитва“ бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ во бројот 7393 од 31 декември 1968 и 1 и 2 јануари 1969 година.
  • исечок од романот со наслов „Непријателска земја“ бил објавен во титоградското списание „Овдје“ (број 4) во 1969 година.
  • исечок од романот со наслов „Сонот како мера за животот“ бил објавен во сараевското списание „Одјек“ (број 13-14) во 1969 година.
  • исечок од романот со наслов „Тијана“ бил објавен во списанието „Elle - Ona“ (број 15) од 20 ноември 1969 година.
  • исечок од романот со наслов „Детски свирчиња“ бил објавен во сараевското списание „Живот“ (број 6) од 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Една ноќ, спроти петок“ бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ во бројот 7871 од 30 април и 1 и 2 мај 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Народен првак“ бил објавен во сараевското списание „Одјек“ (број 1-2) во 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Празен простор“ бил објавен во сараевското списание „Одјек“ (број 7-8) во 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Лош сон“ бил објавен во сараевското списание „Нова жена“ (број 5) во 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Среќа, сепак...“ бил објавен во белградскиот весник „Политика“, во бројот 20320 од 1 и 2 мај 1970 година.
  • исечок од романот со наслов „Три можности“ бил објавен во белградското списание „Књижевне новине“, во бројот 368 од 4 јули 1970 година.
  • издание на белградската издавачка куќа „Вулкан“ од 2014 година.

Наводи

уреди
  1. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 5.
  2. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 7-14.
  3. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 15-26.
  4. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 27-47.
  5. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 48-66.
  6. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 67-89.
  7. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 90-108.
  8. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 109-123.
  9. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 124-136.
  10. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 137-153.
  11. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 154-167.
  12. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 168-185.
  13. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 186-202.
  14. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 203-226.
  15. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 226-244.
  16. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 245-270.
  17. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 271-291.
  18. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 292-311.
  19. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 312-329.
  20. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014, стр. 330-335.
  21. „Prilozi u periodičnoj štampi, zbornicima, almanasima i dr.“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 179-182.
  22. Meša Selimović, Tvrđava. Vulkan, Beograd, 2014.