Стилски вежби (француски: Exercices de style) е збирка куси раскази на францускиот писател Ремон Кено од 1947 година.

Стилски вежби
Насловната страна на изданието од 1964
АвторРемон Кено
Изворен насловExercices de style
ПреведувачЕлизабета Трпковска
Јазикфранцуски
ИздавачТабернакул
Страници124 страници
ISBN9989-937-67-2

Содржина

уреди

Книгата се состои од 99 раскази, напишани во различен стил, а коишто се однесуваат на една иста банална случка: во преполн автобус, раскажувачот среќава млад човек со долг врат, кој се жали дека соседниот патник го гази по ногата, а потоа седнува на првото слободно седиште. Дав часа подоцна, повторно го здогледува истиот човек на станицата Сен Лазар, во друштво на пријател кој му зборува за едно копче на неговото палто. Притоа, Кено употребува 99 начини (метафорично, ретроградно, прецизно, негација, анимизам, анаграми, официјален извештај, логичка анализа, инсистирање, сонет, олфактивно, хеленизми, итн.)[1] да го прераскаже овој мал настан и го доловува литературниот реализам. Во изданието на книгата од 1963 година, Кено предложил список со дополнителни можни стилски вежби.[2]

Осврт кон книгата

уреди

Збирката „Стилски вежби“ е преведена ширум светот и адаптирана за театар, каде постигнува огромен успех благодарение на оригиналната идеја, несекојдневниот приод и вариететот, инвентивноста и храброста во употребата на зборот и говорот[3].

„Стилските вежби“ претставуваат круна на кеноовската „уметност на комбинаториката“. Во предговорот на едно од изданијата на збирката, Кено го објаснил настанувањето на оваа книга „од духот на музиката“. Според неговите зборови, во текот на 1930-тите, Кено и Мишел Лерис присуствувале на концерт на којшто било изведено делото „Уметност на фугата“. Тогаш, тие разговарале за можноста да се направи слично книжевно дело кое би било збирка од безброј варијации на иста соема мала тема. И навистина, Кено почнал да работи на делото, мислејќи на музиката на Бах, а во мај 1942 година ги составил првите 12 вежби со кои започнува збирката. Кено мислел да се задржи на тие вежби и да ги нарече „Додекаедар“, а главниот уредник на едно книжевно списание што во тоа време излегувало во слободната зона му ги вратил тие вежби, обвинувајќи го дека сакал да му подметне. Меѓутоа, Кено продолжил со работата и во текот на август и ноември 1942, како и јули 1944 година напишал уште 12 варијации. Во февруари 1945 година, белгиското надреалистичко списание „Земјата не е долина на солзите“, чиј уредник бил Марсен Мариен, објавило девет варијации со наслов „Стилски вежби“, при што во белешката кон нив Кено напишал дека авторот има намера да јаобработи истата тема на 100 начини. Во текот на 1945 година, тој напишал 18 нови варијации што биле објавени во декември истата година во списанието „Фонтен“. Така, во текот на три години, тој составил помалку од 50 вежби, а останатите биле напишани во 1946 година при што намерно застанал на бројот 99, сметајќи дека тоа е доволно, како еден вид грчки идеал.[4]

Непосредниот извор на инспирацијата за „Стилските вежби“ била математиката, зашто Кено се занимавал со истражувања од областа на математиката и физиката. Оттука, збирката се наоѓа на половина пат меѓу математиката (музиката) и книжевноста при што важна улога во делото играат прогресиите и низите. важен елемент на „Стилските вежби“ е самиот јазик, говорот како основна материја и „сиже“ во книгата. Притоа, Кено го подложува јазикот на постојани промени: час се потпора на говорните нијанси на францускиот јазик, час прави математички, алгебарски и геометриски прогресии во кои законите на некоја повисока логика треба да создадат нови значења и нови семантички множества, час интелигибилни, час апсурдни. Во тој поглед, „Стилските вежби“ се игра на духот, но со јасна тенденција да укажат дека тривијалноста на темата (сижето) не е од пресудно значење, туку постапката и инструментот (јазикот) се она што најчесто некоја тема ја прават банална. Меѓутоа, ова дело е и демонстрација на тие баналности на разни нивоа: мислењето, говорот, пишувањето, со еден збор, во целата француска книжевна традиција. Всушност, „Стилските вежби“ се пародија на француската книжевност, каде одделните „вежби“ се демонстрација на одредени постапки и поетики, одделни школи и „изми“. Ослободени од оваа пародија се само оние „вежби“ во кои Кено, со помош на варијации, инверзии и пермутации, т.е. користејќи ги законите на математиката, се јавува како претходник на компјутерската поезија. Во најдобрите фрагменти на „Стилските вежби“ Кено го употребува своето омилено средство: јазичните експерименти во потесна смисла, уништувајќи ја синтаксата на академскиот француски јазик и правејќи фонетско пресликување на зборовите и на семантичките целини.[5]

Според зборовите на Кено, „во Стилските вежби, многумина сакаа да видат уништување на литературата, но тоа воопшто не ми беше намерата; во секој случај, мојата намера беше само да ги направам тие вежби, а како резултат на тоа дојде до чистење на р'ѓата и калта од некои запченици на книжевноста. Ако успеав барем малку да придонесам кон тоа, би бил многу горд, особено ако го направив тоа без да го втурнам читателот во голема здодевност.“[6]

Извори

уреди
  1. Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977.
  2. Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 121-122.
  3. „www.tabernakul.com.mk“. Архивирано од изворникот на 2018-01-22. Посетено на 2021-08-15.
  4. Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 125-127.
  5. Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 127-128.
  6. Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 129.