Станица (Козаци)
Станица или јурт (руски: стани́ца, юрт; украински: станиця) – политички и стопански центар на козачки групи, главно на југ на Руската Империја. Станиците имале статус на рурални општини и во нивниот состав имало едно или повеќе козачки населби. Во состав на станиците се наоѓале не само централните делови на населбите, туку и целокупното околно земјиште кое им припаѓало на козачките семејства. Со станиците управувале избрани козачки атамани кои биле бирани од козачките семејства, а целото земјиште кое се наоѓало во границите на една станица било во заедничка сопственост на сите козачки семејства кои живееле во неа. Сличен демократски систем на распределба на власта и добрата постоел уште само на подрачјето на Новгородската Република во текот на среден вексредниот век. „Системот на станици“ доживеал целосен колапс после Руската револуција кога уследила општа колективизација.
Станиците имале статус на воени населби и секоја станица имала обврска во воените козачки одреди, во зависност од потребите, да испрати еден ескадрон војници (од 65 до 75 војници). Куќите во станиците главно биле изградени од дрва, а во средиштето на секоја станица се наоѓала православна црква, училиште и пазар (мајдан, рус. и укр. майдан). Бидејќи работоспособните мажи во станиците биле предодредени за воена служба, најголемиот дел стопански активности ги вршеле жени. Во секоја станица се наоѓала мелница, а на рабовите и гробишта. Станиците неретко биле опкружени со дрвени бедеми кои ги штителе од непријателски напади. Атаманот кој управувал со станицата рамноправно им ја делел земјата на козачките семејства кои живееле во неа, а сите најважни одлуки кои се однесувале на сите жители на станицата се носеле со учество на сите полнолетни мажи, односно претставници на сите семејства.
Станицата како вид на рурална населба се одржала до денешни дни во јужните делови на Русија − Адигеја, Волгоградска Област, Дагестан, Ингушетија, Кабардино-Балкарија, Карачаево-Черкесија, Краснодарски Крај, Ростовска Област, Северна Осетија, Ставрополски Крај и Чеченија.
По бројот на жители станиците често ги надминуваат и помалите градови, така денес најголеми станици во Русија се Каневскаја (44.000) и Лењинградскаја (37.000) кои воедно се и најголеми селски населби во земјата.
Надворешни врски
уреди- ОКТМО регистратор на населени места во Русија Архивирано на 19 октомври 2017 г.