Новгородска Република

средновековна држава (1136-1478) во денешна Русија

Новгородска Република (руски: Новгородская республика) ― средновековна држава која постоела од 12 до 15 век и која се протегала од Финскиот Залив на запад до северните Уралски планини на исток. Нејзин главен град бил Новгород. Републиката се развила како најисточно трговско место на Ханза, а нејзиниот народ бил под големо влијание на културата на Византијците.[4]

Господин Векики Новгород
Господин Великий Новгород  (руски)
1136 – 1478
Знаме (о. 1385) Грб
(о. 1385)
Местоположба на Новгородска Република
Новгородска Република о. 1400
Главен град Новгород
Јазици Старословенски јазик (книжевен)[1]
Стар Новгородски дијалект[б 1][2][3]
Вероисповед Православие
Уредување Мешана република
Принц
 -  1136–1138 (прв) Свјатослав Ољгович
 -  1462–1478 (последен) Иван III
Законодавство Новгородско вече
Совет на господари
Историја
 -  Основана 1136
 -  Замрела 1478
Денес во Русија

Историја уреди

Новгород бил населен со разни словенски племиња кои постојано војувале меѓу себе. На почетокот од 9 век овие племиња се здружиле со што се ставило крај на меѓусебната воена агресија.[5] Новгородска прва хроника, збирка на списи што ја прикажуваат историјата на Новгород од 1016 до 1471 година, наведува дека овие племиња сакале „да најдат принц кој може да владее над нас и да ни суди според законот“.[6] Новгородска Русија и нејзините жители биле под влијание на Викинзите.[7] 

 
Средновековни ѕидини на Новгородскиот кремљ од крајот на 15 век. Кулата Кокуи (лево) датира од 17 век; нејзиното име има шведско потекло.

Новгородска Република уреди

Кон крајот на 11 век, Новгороѓаните се определиле за поголема контрола во донесување сопствени правила и ја отфрлиле политичката зависност од Киев.[8]

Новгороѓаните биле први Руси кои стигнале до регионите помеѓу Арктички Океан и езерото Онега. И покрај тоа што наодите не даваат прецизно време кога тие пристигнале на северните реки кои се влеваат во Северен Леден Океан, има хроники кои споменуваат дека една експедиција стигнала до реката Печора во 1032 година, а трговијата со племето Југра била воспоставена уште во 1096 година.[9]

Летописите исто така наведуваат дека Новгороѓаните му плаќале данок на киевскиот принц до 1113 година. По одредено време, управата на кнежевството како да созреала. Новгородските кнезови и војводи назначувале болјари од градовите и собирале приходи за администрација на териториите што ги поседувале. Во една повелба од 1130-тите се спомнуваат 30 административни места на територијата на Новгород во кои редовно се собирале приходи и се испраќале како десеток до Новгородскиот епископ. Во текот на 12 век, Новгород се наоѓал на важниот трговскиот пат Балтик-Волга-Касписко Море, кој бил користен не само за трговија туку и за носење храна од плодниот регион Ока во нивниот град.[9]

Територијата на важниот регион Ока и земјиштето по течението на важната река Шексна биле под контрола на Ростов-Суздаљ. Реката Шексна која припаѓа на речниот слив на Северна Волга била од исклучителна важност. Оној кој ја контролирал реката, можел да ги блокира резервите на храна и да предизвика глад во Новгород. Поради страв од ова, Новгород неуспешно го нападнал Суздаљ во 1134 година. Новгороѓаните успеале да го заземат градот во нивниот повторен обид во 1149 година. Тие за да му удоволат на Суздаљ, прифатиле Суздаљани да владеат со Новгород. И покрај ова, Суздаљ сепак двапати ја блокирал трговијата со Новгород и го прекинал вазалниот однос кон Новгород.[9]

Во 1136 година, Новгородците го разрешиле принцот Всеволод Мстиславич и во текот на следниот век и половина можеле да поканат и да разрешат голем број кнезови. Меѓутоа, овие покани или отпуштања често се засновале на тоа кој бил доминантен принц во Русија во тоа време, а не на некакво независно размислување од страна на Новгород. [10]

Градот Псков, првично дел од Новгородската територија, имал де факто независност уште во 13 век, односно откако било отворено трговско место за трговците од Ханза. Неколку кнезови како Всеволод Мстиславич (пред 1117–1138) и Довмонт (околу 1240–1299) владееле во Псков без да плаќаат надомест или да се консултираат со кнезот или други службеници во Новгород. Со Договорот од Болотово од 1348 година била призната независноста на Псковската Република. Но, Новгородскиот архиепископ продолжил да раководи со Псковската црква и ја задржал титулата „Архиепископ Новгородски Велики и Псковски“ до 1589 година. Во 14 и 15 век, републиката била предмет на политичко соперништво меѓу Полска и Литванија од една страна и Големото Москвско Кнежество од друга страна.

Од 12 до 15 век, Новгородска Република се проширила на исток и североисток. Новгородците ги истражувале областите околу езерото Онега, долж течението на Северна Двина и крајбрежјето на Бело Море. На почетокот од 14 век, Новгородците ги истражувале Арктичкиот Океан, Баренцово Море, Карско Море и реката Об. Подрачјето северно од градот, богато со крзно, морска фауна и сол, меѓу другото, биле од големо економско значење за Новгороѓаните. За да ги задржат овие области кон крајот на 14 век воделе многу војни со Москва. Откако ги загубиле, Новгород и неговите жители се соочиле со економски и културен пад.

Падот на Републиката уреди

 
Градоначалничката Марта при уништувањето на Новгородското вече, од Клавдиј Лебедев

Во 14-тиот век, Твер, Московија и Литванија се бореле за контрола на Новгород и неговото огромно богатство. Откако станал принц Михаил Јарославич од Твер испратил свои гувернери во Новгород. Низата несогласувања со Михаил било причина Новгород за време на владеењето на Големиот принц Јуриј да развие поблиски врски со Московија. Во Новгород се стравувало дека тверскиот принц ќе ги припои новгородски територии и така ќе ја ослабне републиката. Во тоа време, Московија не се граничела со Новгород и поради тоа московските кнезови биле поприфатливи како кнезови за Новгород. Тие би можеле да му помогнат на Новгород ако е потребно, но би биле предалеку за премногу да се мешаат во работите на Републиката.

Меѓутоа, со подемот на моќта на Московија, московските принцови станале сериозна закана за Новгород. Иван Калита, Симеон Гордиот и другите московски монарси се обиделе да ја ограничат независноста на Новгород. Во 1397 година, Москва ги анектирала областите долж течението на Северна Двина и настанал конфликт меѓу Московија и Новгород. Овие области биле клучни за благосостојбата на Новгород, затоа што оттаму градот се снабдувал со крзно.[11] [12] Следната година, областите му биле вратени на Новгород.

За да се спротистави се на московскиот експанзионизам, власта во Новгород склучила сојуз со Полско-Литванската Унија. Повеќето новогородски болјари сакале да ја задржат независност на републиката, бидејќи во спротивно нивното богатството би се прелеало кај московските болјари. Повеќето од нив не заработувале доволно за да платат за војна.[13] Според усни кажувања, водач на болјарската фракција (Литванската партија) за сојуз со Унијата била Марфа Борецкаја.

Во 1471 година, Марфа и нејзините синови, Дмитриј и Федор, како последни претставници на антимосковското семејство Борецки, се обиделе да преговараат со Казимир IV Јагелонски за условите за предавање на градот на Големото Војводство Литванија, под услов градот да ги задржи старите привилегии и права. Борецкаја го поканила литванскиот принц Михаил Олелкович и го замолила да стане нејзин сопруг и владетел на Новгород. Казимир се обврзал да ѝ објави војна на Москва доколку таа го нападне Новгород. Намерата за склучување сојуз со Кралството Полска и Големото Војводство Литванија било причина за бунтување на народот.

 
Отстранувањето ѕвоното од Вечето на Новгород (од Илустрирана хроника на Иван Грозни)

Московските власти однесувањето на Новгород го сметале за прекршување на Договорот од Јажелбици и започнале војна против градот. Во кампањата против Новгород, Иван III се покажал како вешт политичар: тој ги криел амбициите за освојување и употребувал религиозно мотивирани пораки. Тој во своите писма до граѓаните на Новгород напишал: „Останете верни на Црквата на Светите Отци“ (т.е. на православието основано на првите седум вселенски собори). Вечето (парламентот) на Новгород, предводен од прополската партија, го отфрлил додворувањето на Иван. Иван III го испратил својот амбасадор во Новгород, кој ја замолил републиката да го повлече сојузот со полскиот крал. Во истата 1471 година, московската војска се упатила кон Новгород, ги опустошила нејзините села и ги нападнала војските на Новгород и Полско-литванскиот сојуз. Московската војска извојувала одлучувачка победа во битката кај реката Шелон во јули 1471 година. По поразот била сериозно ограничена слободата на дејствување на Новгород, но градот ја задржал својата формална независност во следните седум години. По битката, на 24 јули 1471 година бил погубен синот на Марфа, Дмитриј. Иван ги криел своите експанзионистички цели и иако победил од Новгород побарал само да го откаже договорот за сојуз со Полска. Тој не побарал висока воена отштета, не ги сменал законите во Новгород, и не припоил ниту дел од територијата на Новгород кон Московија.

Марфа продолжила да се потпира на поддршката и интригите на Литванија против Москва и во 1478 година Иван III испратил своја војска да го заземе градот. Тој го уништил Новгородското вече, го симнал ѕвоното од Вечето, древен симбол на партиципативното управување, граѓанското општество и законските права, и исто така ги уништил библиотеката и архивите на градот, со што ставил крај на независноста на Новгород.[14]

Надворешни односи уреди

 
Средновековни руски држави околу 1470 година, вклучувајќи ги Новгород, Твер, Псков, Рјазан, Ростов и Москва .

За време на Киевска Русија, Новгород бил типичен трговски град кој се наоѓал на трговскиот пат Волга и на „патот од Варангите до Грците“ долж течението на Днепар. Различни видови стока се транспортирале по овие рути и се разменувале со месни трговци од Новгород. Трговците од Готланд основале трговски куќи во Новгород. Скандинавски членови од кралското семејство се венчале со руски принцови и принцези.

Ханза, Шведска и Ливонскиот ред уреди

 
Битка на мразот против Ливонскиот ред (хроника од 16 век)

По големиот раскол, Новгород од почетокот на 13 век се борел против шведските, данските и германските крстоносци. За време на шведско-новгородските војни, Швеѓаните ги нападнале областите каде што населението претходно му плаќале данок на Новгород. Од крајот на 12 век, Германците се обидувале да го освојат балтичкиот регион. Новгород 26 пати војувал со Шведска и 11 пати со Ливонските браќа на мечот. Германските витези, заедно со данските и шведските феудалци, започнале серија некоординирани напади во 1240–1242 година. Новгородските извори споменуваат дека шведската војска била поразена во битката кај Нева во 1240 година. Германските походи кај Балтикот завршиле со неуспех по Битката на мразот во 1242 година. По основањето на замокот Виборг во 1293 година, Швеѓаните се зацврстиле во Карелија. На 12 август 1323 година, Шведска и Новгород го потпишале Договорот од Нотеборг, со кој за прв пат се регулира нивната граница.

Монголска инвазија и нејзините последици уреди

Новгородската република била единственото руско кнежество кое никогаш не било освоено од монголските трупи.[15] Во 1259 година, во градот пристигнале монголски даночници и пописници, што довело до политички немири и Александар Невски бил принуден да казни многу градски функционери (со отсекување на носот) затоа што му пркоселе како Големиот принц од Владимир и неговите монголски господари. Во 14 век, нападите на Новгородските пирати, или ушкуиники,[16] сееле страв во областите до Казан и Астрахан, помагајќи му на Новгород во војните со Московија.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. The world's heritage : a complete guide to the most extraordinary places. Paris: UNESCO Pub. 2009. стр. 383. ISBN 9789231041228.
  2. Olander, Thomas (2015). Proto-Slavic inflectional morphology : a comparative handbook. Leiden. стр. 25–26. ISBN 9789004270503.
  3. Pereltsvaig, Asya (2015). The Indo-European controversy: facts and fallacies in historical linguistics. Cambridge, United Kingdom. стр. 97-98. ISBN 9781107054530.
  4. Treadgold, Donald W. (1990). Freedom, a history. Frank and Virginia Williams Collection of Lincolniana (Mississippi State University. Libraries). New York: New York University Press. стр. 149. ISBN 9780814781906. OCLC 21901358.
  5. Sixsmith, Martin (2011). Russia: a 1,000-Year Chronicle of the Wild East. London. стр. 3–4. ISBN 9781446416884.
  6. Primary Chronicle
  7. RBTH, Elena Potapova (2015-03-11). „On the trail of the Vikings in Veliky Novgorod“. www.rbth.com (англиски). Посетено на 2018-12-18.
  8. Martin, Janet (2007). Medieval Russia, 980–1584 (2nd. изд.). Cambridge University Press. стр. 112–115. ISBN 9780521859165.
  9. 9,0 9,1 9,2 Lantzeff, George V. (1947). „Russian Eastward Expansion before the Mongol Invasion“. American Slavic and East European Review. 6 (3/4): 1–5. doi:10.2307/2491696. ISSN 1049-7544. JSTOR 2491696. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „:0“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  10. Michael C. Paul, "Was the Prince of Novgorod a 'Third-rate bureaucrat' after 1136?"
  11. Martin, Treasure of the Land of Darkness
  12. Paul, "Secular Power and the Archbishops of Novgorod Before the Muscovite Conquest," 258–259.
  13. Richard Pipes, Russia Under the Old Regime, p. 80
  14. Sixsmith, Martin.
  15. Frank McLynn, Genghis Khan (2015), 441.
  16. Janet Martin, "Les Uškujniki de Novgorod: Marchands ou Pirates."


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>.