Слугата Милутин (српски: Слуга Милутин) е српска епска (јуначка) песна.

Содржина

уреди

Два гаврана долетуваат на Косово Поле и слетуваат на кулата на цар Лазар. Нивниот разговор го слуша царицата Милица и ги прашува дали доаѓаат од Косово и дали ја виделе борбата меѓу српската и турската војска. Гавраните одговараат дека ја виделе борбата и кажуваат дека на двете страни имало големи загуби, но дека српската војска е целосно поразена. Во меѓувреме доаѓа слугата Милутин, облеан во 17 рани и со крвав коњ. Здогледувајќи го, царица Милица помислува дека Милутин го предал својот господар и дека избегал од бојното поле. Слугата ја замолува царицата да му помогне да слезе од коњот и да се соземе од болката, а потоа, царицата го прашува за судбината на цар Лазар, Југ-Богдан и деветте Југовиќи, Милош Обилиќ, Бановиќ Страхиња и Вук Бранковиќ. Тогаш, слугата Милутин ѝ раскажува на царицата за тоа што се случило на Косово: каде што погинал цар Лазар, таму има најмногу искршени копја, но повеќето се српски, од војниците кои загинале бранејќи го царот; Југ-Богдан погинал на самиот почеток, уште во првата битка; исто така, погинале осуммина од браќата Југовиќ, а останал само Бошко Југовиќ да ги брка Турците по Косово Поле; каде што има крв до колена, таму погинал Бановиќ Страхиња; кај реката Ситница погинал војводата Милош, кој го убил султанот Мурат и уште 12 000 турски војници. На крајот од својот опис на битката, слугата го проколнува Вук Бранковиќ, кој го предал царот и избегал со своите 12 000 војници.[1] [2]

Осврт кон песната

уреди

Песната започнува со општ шаблон: најпрвин гавраните ја известуваат царицата Милица за текот на Косовската битка, а потоа нив ги сменува ранетиот слуга Милутин, кој детално ги опишува подвизите на српските јунаци и предавството на Вук Бранковиќ. Сепак, со оваа смена народниот пејач постигнал поголема природност во изразот. Така, стиховите во кои гавраните известуваат дека „она што останало од Србите, сè е рането и крваво“ веднаш се илустрирани со описот на слугата Милутин, кој „ја носи десната во левата рака“. Тоа ѝ дава можност на царицата да го постави најважното прашање: „зарем го предаде царот на Косово?“ Прашањето е истакнато и со тоа што ранетиот слуга не одговара веднаш, туку откако е симнат од коњот, измиен и напиен, и откако Милица му поставува неколку дополнителни прашања. Потоа, неговите одговори се одликуваат со топла непосредност, зашто не се дадени од сведок (гавраните), туку од ранет непосредне учесник во битката.[3]

Наводи

уреди
  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 57-59.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 159-161.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 21-22.